Неуспешна глума
Во една партија која досега се залагала и се залага за одговорност, лична пред се (СДСМ постојано го истакнува тоа како еден од своите главни принципи), оставката на лидерката Радмила Шеќеринска е логична и очекувана по катастрофалниот пораз на изборите на 1-ви јуни.
Затоа „изненадувањето“ и „затеченоста“ од нејзината одлука е обична, неуспешна глума и ништо друго.
Особено на оние кои претендираат да станат нејзини наследници. Притоа, воопшто не е точно тврдењето на некои медиуми дека засега никој од потесното раководство на партијата не објавува амбиции да биде нејзин наследник.
Ќе спомнам само еден од нив, кој пред изборите јавно и ги искажа- Игор Ивановски, одговорајаќи на новинарско прашање токму за одговорноста на Шеќеринска за евентуалниот неуспех.Сега истиот одлуката за оставка ја смета за избрзана, ама ја оправдува. Не заборавајќи на она што го изјави пред изборите (премногу му е „тазе“), тој пак потенцира дека е сосема легитимно и потребно да се понесе одговорност по ваков изборен дебакл:
„Нам сега ни е потребен мудар и ефикасен концепт за тоа како после овие избори да излеземе посилни, многу значајно пообединети и да се вратиме кај многубројното членство коешто ни ја даде довербата на овие избори“.
Се разбира, не е „коректно“ да докаже дека мисли на сопствен „мудар и ефикасен концепт“. Во секој случај, наскоро веројатно ќе го промовира, па ќе имаме можност да му ја мериме „трежината“. Пред се да му ја мери многубројното членство.
Вториот потпретседател, струмичкиот градоначалник Зоран Заев, кој важи за најсериозен претендент за иден претседател на СДСМ, со многу поголема „тежина“ од Ивановски, има спротивен став:
смета дека Шеќеринска не е виновна за изборниот пораз. Очекува и централата и општинските организации да направат се за да ја разубедат:
„Својствено на карактерот на мојата претседателка, таа има принципиелни ставови, горда е, достоинствена и ова е израз на нејзините карактерни особини, сигурно, но верувам дека ќе успееме да ја разубедиме во оваа работа“.
Партиски извори, пак, тврдат дека Шеќеринска нема шанси да ја промени својата одлука, но не ја исклучуваат можноста таа да се предомисли доколку оставката не и биде прифатена на партиската конвенција што ќе се одржи најдоцна до септември. Во случај да инсистира на заминување, според прогнозите во партијата,
најверојатно е сценариото СДСМ одредено време да нема лидер, се додека Црвенковски не одлучи дали ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат напролет или повторно ќе се врати во партијата. Тоа, според партиските анализи, е логично, со оглед дека никој од сегашното раководство нема доволно капацитет да биде нов лидер.
Дека СДСМ ќе има нов лидер, тоа е повеќе од сигурно. Ќе биде тешко да го „пронајде“, ама мора. Имајќи ги предвид пред се претстојните локални и претседателски избори. Времето до нив е многу кратко за да се „жонглира“, макар и со Црвенковски.
Дека, исто така, во наредниве денови и недели (или месеци, сеедно) ќе има, конечно, „побројно“ напуштање на политичката сцена, и тоа е сигурно. (Некои од познатите, поточно „прославените“ веќе ја напуштија, токму од СДСМ, а тоа се бара и во партиите на македонските Албанци- од лидерите Тачи и Ахмети, што е исто така за очекување; треба да се очекува губење на лидерската позиција и на Петковски, Андов, Манасиевски- доколку „некој треба да понесе одговорност за неуспехот“ кој е заеднички, како коалиција „Сонце- За европска Македонија“, а не само на СДСМ.)
А што се однесува на тоа дека Шеќеринска, како што сега тврди, ја најавила својата оставка на прес конференцијата по објавувањето на резултатите од гласањето, ама не и е јасно како тоа да не се „разбрало“, се работи за уште една СДСМ-овска глума. Нејзината изјава:
„Принципот што го востановив во 2006-та година при изборот за претседател на партијата, дека при изборен пораз треба да се понесе одговорност, го почитувам и денес и од тие причини ја поднесувам оставката“, говори за нејзина принципиелност, но е факт дека на спомнатата прес конференција таа потенцира дека со луѓето „зад неа“ (дел од раководството на СДСМ, но и од коалиционите партнери) ќе продолжи да се бори „македонското сонце да не згасне“, со уште едно „срдечно“ поздравување со секој од нив. Тоа никако не може да се „толкува“ како најавување на оставка од лидерската позиција. Ако мислела на тоа, требаше барем да потенцира дека ќе се бори како „претставник“ на својата партија во коалицијата.
Како и да е, Радмила Шеќеринска ќе остане забележана како надежен
млад политичар и неуспешен партиски лидер (без лидерски капацитет), а следи и големо „чистење“ на македонската политичка сцена. По кое ќе остане празен простор што ќе го пополни долгоочекуваниот „трет политички фактор“. Кој нема да биде ниту „бел“, ниту „во боја“ (наспроти „црно- белите“), туку „нешто помеѓу“ и со големи шанси за освојување на власта на следните парламентарни избори.






