НАТО, ЕУ и Македонија по парламентарните избори

Судејќи според оценките на меѓународниот „фактор“ за одржаните предвремени парламентарни избори, Република Македонија речиси сигурно нема наскоро да добие покана за членство во НАТО. Датумот 9-ти јули е веќе „проблематичен“ поради неможноста од брзо решение за проблемот на Атина односно Данајската република со името на нашата држава.
Особено доколку конечно македонскиот државен врв „се сети“ проблемот навистина да го издигне на нивото на кое веќе го „сместија“ многумина во НАТО и ЕУ- билатерален. Со тоа што ќе го постави како спорно за Република Македонија сегашното име на нашиот јужен сосед (Грција), а пред се не така дамнешното преименување на нејзината северна провинција во „Македонија“.
Уште повеќе ако истовремено (исто така конечно) сами понудиме предлог за преименување на земјава, кој ќе го потенцира националниот идентитет во сета негова комплексност (кој, нормално, Атина нема да го прифати поради што ќе се нјајде во мошне „непријатна“ ситуација). Или, како што „полусериозно“ предложи еден од „европејските“, привремената референца ПЈРМ да се замени со ИЕРМ (Идна Европска Република Македонија), која ќе биде привремена сигурно помалку од сегашнава (барем за некоја година).
За одржаните избори:
Однапред подготвеното сценарио на опозицијата (здружена, а под раководство на ДУИ и СДСМ), за кое Мендух тачи тврди дека е „поткрепено“ со милионски суми за една партија од страна на „една соседна земја“, делумно успеа. Во Македонија се одржаа „најлошо организирани избори“, што е оценка на „меѓународниот фактор“, иако ниедни од сегашните не „добри“ (напротив, речиси исти се оценките за сите досегашни). Делумно успеа затоа што не се „овозможи“ тие да бидат прогласени за нерегуларни, фалсификат и сл., односно да пропаднат, па се да остане исто „како лани“ или полошо за владата на Груевски.
Вашингтон го поздрави мирното прегласување на изборите, но изрази загриженост поради одолговлекувањето на целиот изборен процес.
Македонските лидери треба да бидат свесни дека нерегуларности и насилства, како оние што се случија на 1-ви јуни, повеќе нема да се толерираат. САД бараат од надлежните институции да ги пронајдат и казнат сите оние кои беа виновни за лошиот изборен ден пред две недели. (Нетолерирањето и барањето не беа „потенцирани“ од никого за нерегуларности и насилства во минатото.)
„Македонија мора да разбере дека не само овој избирачки процес, туку и во иднина овој вид на застрашување и насилство нема да бидат толерирани. Секако, ние продолжуваме да ја поддржуваме и признаваме Владата на Македонија, продолжуваме и да ги поддржуваме нејзините напори за справување со голем број на различни прашања“, изјави Том Кејси, портпарол на Стејт Департментот. Американската администрација очекува во многу брз рок да биде формирана новата македонската Влада за земјата да може да продолжи со исполнувањето на реформите кои се услов за отпочнување на преговори со Европската унија.
Спорот за името и понатаму останува еден од „кочничарите“ во интеграциите на Македонија во европските структури. Затоа, Стејт департментот уште еднаш апелира до преговарачките страни да направат напори за што поскоро да се изнајде решение околу овој проблем.
„Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме дискусиите и процесот којшто го води господинот Нимиц, но мислам дека сега нашата концентрација е насочена кон тоа. Во овој момент сигурно не би водел по некој пат со какви било алтернативи, освен по овој процес под покровителство на ОН“, рече Кејси.
Дали на Македонија треба да и се понуди датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ? Данајската република (Атина) остро се спротивставила на предлогот на словенечкото претседателство дека на самитот на ЕУ неделава треба да се објави дека Македонија може да ги започне преговорите за членство годинава.
Шефот на словенечката дипломатија Дмитриј Рупел предлогот го објаснил како еден вид охрабрување за Македонија. Реплицирала министерката за надворешни работи на Атина, Дора Бакојани. Таа ја 
критикувала состојбата со демократијата во земјава и изјавила дека засега не може да стане збор за отворање на преговорите.
(Се нашла таа да зборува за деморкатија?! А што е со демократијата во нејзината земја, во која се уште не постојат етнички малцинства, а камо ли мнозинска и немнозински заедници?)
В четврток на самитот во Брисел ќе се слушнат нови предлози кои директно ја засегаат и Македонија.
Интересно, Брисел одби да даде оценка за прегласувањето на изборите во Македонија, поточно дали по нив тие може да се оценат како фер и слободни.
![]()
„Генералниот совет донесе заклучок за изборите во Поранешната Југословенска Република Македонија. Повеќе пати повторувавме дека резултатите од напредокот на земјата ќе бидат објавени во ноемврискиот извештај.
Тоа што можам сега да го кажам е дека комесарот Рен се надева оти новата Влада ќе работи на реформите поради благосостојбата на своите граѓани и европските аспирации на земјата.
Тој исто така смета дека е потребна нова политичка клима, а дијалогот помеѓу сите политички партии ќе биде важен за постигнување на консензус околу реформите.
Има уште многу работа за постигнување на зацртаните цели кои ќе
бидат оценети во ноемврискиот извештај. Препораката за почетокот на преговорите ќе зависи од резултатите на земјата. Слободните и фер избори се дел од критериумите од Копенхаген и тие исто така ќе бидат оценети“, изјави Кристина Наѓ, портпарол на Оли Рен.






