„Шут карта“ или црвен картон за Костовски
Дали барем малку му е гајле на градоначалникот на македонската „метропола“ Трифун Костовски дека во неа се живее пред самиот европски „амбис“- африкански? Мислам дека не му е ниту „загајлено“. Знаете зошто?
Едноставно затоа што само уште неколку месеци го делат од локалните избори и уште неколку од претседатлските. А треба да се мисли и на „непосредната“ и на „среднорочната“ лична перспектива (не кандидатура, туку „структура“).
Заслуга на Костоски што Скопје се уште не е „тотално африкански“ според условите за живот е најверојатно неговата „најважна“ медиумска кампања- за менување на законите („искитено“ е со мошне „инвентивни“ рекламни паноа за неа). Бидејќи, според него, парите „незаконски“ се одлеваат од градската каса и не е можно преземање ниту на „обични“, а камо ли на „капитални“ зафати.
Кампањата, пак, е „главна од споредните“ пред се поради оригиналноста: Трифун ги повикува граѓаните заедно со него да ги менуваат законите, а не оние или, поточно, со оние (значи тој како иницијатор) чија е тоа обврска- законодавната власт!
Меѓутоа, поводот за овој кус текст не е кампањата, ниту, претпоставувам, сменетите азбестни водоводни цевки, опасни по здравјето, поради кои цената на водата ја зголеми 100% (да не остана некоја несменета?!; а ви текнува дека и за улично осветлување направи исто, па, верувам дека забележувате, ви паѓа в очи дека Скопје ноќе „блеска“ од светлина). Поводот ми се резултати од две истражувања.
Според глобалното истражување за условите за живот во градовите во светот, чии резултати ги објави британскиот весник „Индепендент“, данската престолнина Копенхаген е најдобар град за живеење во светот.
Доколку решите да се отселите таму, треба да знаете дека Копенхаген има најдобри стандарди за живот, најубава архитектура, најмногу кина и театри, како и можност да се купи убаво шише вино во секое време. 
За разлика од нашата престолнина, во данскиот главен град нема премногу да чекате јавен превоз бидејќи транспортот е одличен, градските власти внимаваат на животната средина, а добрите ресторани го зацврстуваат градот на врвот на вашите желби.
Во другите категории најглобален град е Париз, најдобар за бизнис е Мадрид, а центар на културата е Берлин.
Скопје се наоѓа на 157-то место од 215 светски главни градови.
А според друго истражување, спроведено од „Мерсер Хјуман Консалтинг“, зад македонскиот главен град се наоѓаат само градовите од африканските држави. Ете од каде африкански „амбис“ во воведот на овој прилог.
Како Република Македонија во ЕУ со африканска метропола?

Што се однесува на „шут картата“, таа одамна му ја дадоа на Костовски други медиуми (некои веднаш по првата година од мандатот). И граѓаните се обидоа да му ја „дадат“, но не успеаја (се „заинати“ и реши да не даде оставка; дури се „закани“ дека ќе се кандидира за уште еден мандат).
Лично не верувам дека ќе се најде таков „ербаплија“- да му „даде“ не „шут карта“, туку црвен картон. Меѓу другото, поради навистина големото искуство со спонзорство (дочитувај: профитерство) во спортот во кој, како што е познато, тој се дава за грубост односно недисциплина во текот на играта, а не пред и по неа.






