Здив, па акција
Може ли ова меѓувреме, помеѓу гласањето и прегласувањето на вонредните парламентарни избори, да го означиме како краток здив за сите, освен за ДУИ, партија која по прегласувањето го сврте резултатот од „дуелот“ со ДПА во 6-тата изборна единица во своја корист (вкупно освои повеќе пратенички места)? Како за кого.Краток можеби за новото пратеничко мнозинство во македонскиот Парламент, на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Многу долг за опозицијата, на која ќе и треба најнапред време за отрезнување или освестување од претрпениот шок- катастрофалниот пораз.

А ниту „миговен“ за сегашниот и идниот премиер Никола Груевски, за кого мнозина велат: „Го доби тоа што го бараше, па сега нека му ја мисли“. Се мисли на бараното мнозинство во Парламентот, односно „доволно пратенички места“. Не, како што вели опозицијата, за неа да ја маргинализира, „ако може и да ја нема“ (белким не мисли некој дека до толку е „детинест“ да не знае дека за успешно владеење е нужна силна, но конструктивна опозиција), туку да предизвика дефинитивна реформа- „чистење“ на нејзините редови. Како што самиот (навреме?) направи во ВМРО- ДПМНЕ. Впрочем, таа цел не е и не може да биде резултат на некоја голема политичка мудрост. Може да биде и е, имајќи ги предвид првите реакции на некои од поразената коалиција „Сонце“, а доколку „пораката“ (и од гласачите, значи заедно со Груевски на кого му дадоа максимална доверба) не се разбере и прифати.
За Груевски нема здив и тој тоа добро го знае. Веќе ги следиме првите негови, премиерски активности. Мислам пред се на објавата на „првиот чекор“ од „надградената и проширена Преродба“- стимулации за вработување на млади невработени и „стечајци“, како и на посетата на Брисел (во тек).
За здивот, па акцијата:
По победата на „портокаловите“ во 2006-та година објавив текст под истиот наслов. Во продолжение на овој прилог го објавувам повторно, и тоа без никакви измени. Освен што сметам за потребно да го „олеснам“ читањето со забелешката дека првите реченици го „пролонгираат“ сегашното „дејствие“ во „климатска“ смисла, за неполн месец.
Каде и да сте во овој момент, на одмор- крај езеро, море, во планина, на работа- во нива, в канцеларија, в кафеана или во кафуле под сенка, длабоко вдишете (што е можно почист) воздух, задржете го во себе неколку секунди или минути (колку што можете повеќе) и најшироко што можете издишете. Не како да ви паднал камен од срце или од душа, туку како при концентрација, медитација или релаксација.
Претходново не е препорака од некој стрчуњак за вдишување и издишување, туку лично од мене, како со децении стекнато знаење и искуство, што ќе рече во практиката многупати проверено.
Зошто ви го предлагам? Затоа што почна годинашнава туристичка сезона, во полн ек е летната политичко- парламентарно- конститутивна (интензивно правење на Влада), а над се доаѓа период на „портокалов препород во 100 чекори“ што е- ќе биде (можеби или не) иднината, а не судбината на Македонија.
Многу е важно да знаете да земете здив во вистинско време. Не мислам на претходниот „процес“, односно предуслов кој мора да биде добро научен (здивнувањето), туку мислам на пресвртниот момент по кој треба да почнете да дишете нормално, во спокоен и здрав ритам. Затоа што акција без спокојно и здраво дишење никако не води кон конструкција, туку сигурно води во деструкција.
А за земање на здив душа дало токму летово. Без оглед дали ќе земете годишен одмор. Во последниве 15-тина година на полит- бизнис- олигархиска транзиција и приватизација барем на тоа не научија- да си се одмораме без земање на одмор (особено ако сме од невработените или избришаните од списокот од страна на Стефчо кого ќе го паметиме само по “добрите намери”).
Значи, ако ја прифатите мојава препорака сигурно ќе ви биде многу полесно кога, заедно со сите, здружени, сплотени, веќе од есен ќе тргнеме во акција. Бидете сигурни дека реакцијата ништо не ќе ви може.
Што се однесува на акцијата, знам дека знаете, па затоа само да ве потсетам:
Само здивнати можеме да ја спроведуваме и индивидуално и колективно. Особено затоа што сум повеќе од сигурен дека ќе биде комплексна и сеопфатна. Особено антикорупциската и економско- културно- етичката.
Што мислите, што ќе прават новите пратеници и членовите на Владата на Груевски по конституирањто?
Се разбира, ќе здивнуваат пред да тргнат во акција. А со нив сме, нели?
Нормално. Победија „нашите“!
Има ли некои „нивни“? Од врвовите на победниците имам сигурни информации дека нема.
Да не должам, само да не заборавам:
Не ќе е лошо макар и разголени на сонце на вас да доминира портокаловата боја. Не поради ВМРО-ДПМНЕ, туку за да бидете забележани, да ве видат оние што бараат „опкружувања“ онака- идеолошки!






