Домашна задача
Една мошне погрешна и тенденциозна оценка за изборите на 1-ви јуни, за домашна, но многу повеќе за меѓународна употреба, беше изнесена од опозицијата, конкеретно од лидерката на СДСМ (во оставка) Радмила Шеќеринска: дека тие биле најлошо организирани од сите досегашни, за разлика од оние во 2006-та.
Колку за потсетување, а пред се против краткото паметење, еве еден мој објавен коментар во електронскиот весник „Дневен е-Еснаф“ од
12.05.2006-та година. Го преобјавувам со незначителни, пред се печатни и стилски поправки.
На средбата на премиерите на Македонија, Хрватска и Албанија со Дик Чејни во Дубровник, од Владо Бучковски е побарано македонската Влада да ја исполни својата „домашна задача“. Таа гласи: фер и демократски избори. Што ако не ја исполни?
Најнапред, една патемна забелешка:
Г-дин Чејни не побара исполнување на „домашни задачи“ (ги има многу кои за жал на „народните маси“ ќе останат неисполнети, а за радост на „внатрешниот непријател“ ќе бидат причина за извесниот пораз на СДСМ на претстојните парламентарни избори), како што тоа го потенцираа „Европјаните“ (реформи, бизнис амбиент итн.), туку на една единствена како услов за брзо зачленување на Македонија во НАТО („брзо“ значи евентуално во 2008-ма).
Од ова произлегува заклучок: САД не се убедени и сигурни дека ќе имаме „скандинавско кристални“ фер и демократски избори, па затоа инсистираат на таа „домашна задача“ не само како на приоритетна, туку и како на единствена.
Уште нешто: исполнувањето на задачата не е побарано од „сите“ (како што тоа го бара нашата Влада, пред се од опозицијата- нејзин придонес), туку единствено од Владата.
Што ако „домашната задача“ не биде исполнета? Што ако, според многу индиции, парламентарните избори бидат „договорено фер и демократски“?
Дали Република Македонија со „малку поинаква Влада“ нема да биде примена во НАТО (и ЕУ)?
Многумина ова прашање го поставуваат малку поинаку:
Дали СДСМ ќе дозволи да изгуби на изборите во името на нивното фер и демократско одржување или, пак, ќе победи, како и досега, „главно фер и демократски“, со „мали инциденти“ кои не се одразија на „скандинавско кристалната“ победа“?
Да потсетам, токму вакви оценки имавме од „меѓународната“ за изминатите локални и претседателски избори, а во тој „контекст“ влегува и референдумското изјаснување за територијалната организација на државава.
Она на што сакам да укажам овојпат е погрешно поставениот услов за исполнување на „домашната задача“ на Владата на Бучковски.
Имено, не е проблем одржувањето на фер и демократски избори, туку е проблем предизборието. Едноставно, на денот на изборите ќе се направи се да нема никакви инциденти (полициско обезбедување, мониторинг итн.), потоа внимателно ќе се организира пребројувањето на гласовите (грешките се можни, но да не влијаат значително на конечниот резултат) и- задачата е исполнета. А всушност, сето тоа зависи од предизборниот период (кој е во тек) и особено од предизборната кампања. Притоа, мислам пред се на нејзиното нетранспарнетно финансирање (многу веројатно) и медиумското покривање (најверојатно). Треба ли ова да го аргументирам?
Само со следново: дали мислите дека партиите- учеснички на изборите доброволно ќе излезат со список на финансиерите пред почетокот на предизборната кампања?
И:
Дали во неа, поточно од неа најмногу ќе профитираат независните медиуми (толку колку што се)? Прашувате кои? Па, ако не ги знаете, ако мислите дека нема такви, за какви фер и демократски избори може да стане збор во Република Македонија?
Единствен услов за исполнување на ваква не „домашна задача“, туку на ваков „испит на зрелоста“ се свеста, совеста и политичката култура на избирачите. Особено кога ги нема кај партиите.






