ЕУ на крстосница
Поранешниот британски министер за Европа, Денис Мекшејн, остро забележа дека не може да постои единствена надворешна политика на ЕУ додека „Грција ја блокира Македонија, а шпанската дипломатија лобира против Косово“:
„ЕУ е поделена околу својата позиција спрема одбранбената политика, околу независноста на Косово, името на Македонија, енергијата и односите со Русија“.
Во авторскиот текст во „Индепендент“, актуелниот лабуристички пратеник потсетува дека во 90-тите години на 20-от век европските лидери не успеаја да го спречат хаосот во реонот на Западниот Балкан, а 10 години подоцна повеќето од државите на ЕУ и САД ја признаа независноста на Косово, како уште една држава што излезе од некогашната СФР Југославија.
„Но, тоа не значи победа на евро- американското партнерство, затоа што Шпанија, Грција, Романија и Словачка го слабеат единството на Унијата, одбивајќи да ја прифатат косовската независност“, пишува Мекшејн, објаснувајќи дека со таквото однесување не може да се развива единствената дипломатија на Унијата.
„Од друга страна, Грција го попречува приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ, додека Шпанија лобира по земјите на Латинска Америка да не го признаат независно Косово“, додава тој.
Според британскиот пратеник, изградбата на нови односи со САД треба да биде клучната област низ која ЕУ ќе настојува да најде решение за својата иднина. Европа треба да се откаже од својот антиамериканизам и конечно да почне да зборува и да дејствува единствено.
„Без тоа тешко дека ЕУ ќе може да му биде од полза и на следниот 44-ти американски претседател“, заклучува Мекшејн.

А повеќе од сигурно е дека Атина ќе го блокира добивањето на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, се разбира доколку Македонија не биде „флексибилна“ во меѓувреме, што значи не и „помогне“ на Данајската република со тоа што самата ќе се преименува. (А не поради лошото владеење на се уште актуелната техничка Влада на Груевски, што беше една од главните „поенти“ на опозицијата во кампањата за предвремените парламентарни избори, поради кои и доживеа катастрофален пораз.)
Најголема поддршка Маскедонија има од Словенија, но е очигледно дека нема таа голема „тежина“ зашто повеќето европски лидери се уште не ја разбираат (или не ја сфаќаат, сеедно) суштината на „спорот“.
Освен името, Атина сега ги користи и изборните инциденти како аргумент. Се чини дека не е „далеку“ од вистината тврдењето на Мендух Тачи за инволивраност во нив на „една соседна земја“ со милиони (не кажа дали евра, долари или драхми) „поддршка“ за успешна реализација на подготвеното сценарио.
Се шпекулира (не е потврдено) дека и еврокомесарот за проширување Оли Рен, како претходно шефот на словенечката дипломатија Дмитриј Рупел, имал жесток дуел со грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани. Рен побарал Грција да не ја блокира Македонија, односно да не го користи „билатералниот спор“, бидејќи во историјата на ЕУ таква блокада не била направена.


Во ваква ситуација, на толку голема игноранција и арогација на Данајската република (Атина), на членките на НАТО и ЕУ не им преостанува друго, освен „транспарентно“ да го изразуваат своето незадоволство. За почеток би било доволно да не покажуваат срдечност во формалните и неформалните контакти, туку „мртво студенило“.






