Чудна нервоза на Атина
Ништо чудно во однесувањето на нашиот јужен сосед. Чудна е се поголемата нервоза кај неговите политичари, сега и на црковни лица. А се знае: нервозата најчесто е предизвикана од несигурност, од лага, од „разголување“ на вистината, но и од фактографска инфериорност.
Нервозата овојпат ја предизвика поглаварот на МПЦ, Г.г. Стефан, кој на чествувањето на Свети Кирил во Рим изјави дека Грција уништува се што создал сесловенскиот просветител.
Една апсолутна вистина која кај еден добрососедски сосед би предизвикала прашања, објаснувања, изнесување на сопствени аргументи и факти, пред се конструктивност и достоинство. Никако не оценка дека станува збор за „екстремно провокативно и неприфатливо обраќање“, односно „иредентистички изјави“, дадена од министерката за надворешни работи Дора Бакојани:
„Ваквите иредентистички изјави се опасни за регионалната соработка и стабилност во овој кршлив дел од Балканот. Изјавите дадени во присуство на премиерот Груевски ја докажуваат коректноста на грчката позиција која инсистира на решение на проблемот со името. Најмалку што може да направи политичкото водство на Скопје е да ги осуди овие изјави“, изјави таа.
Се разбира, Бакојани не ни помислува да ја објасни, поточно одбрани „грчката коректна позиција“ во врска со она што го изјави поглаварот на МПЦ (а не го ни спомна проблемот на Атина со името на нашата држава).
Воопшто не е неочекувана, но е чудна нервозата, всушност агресивната реакција на солунскиот владика Антимос. Затоа што тој е
познат како најрадикален од сите грчки владици (веројатно токму поради Солун). Тој ја обвини Македонија дека го украла и узурпирала името „Македонија“ и го повика северниот сосед да дојде и ако може „да го земе“ Солун:
„Ако го сака Солун, нека дојде да го земе“.
Антимос заборава, а сигурно знае (може да го потсети токму Дора Бакојани која самата призна) дека на Грција и се дадени- доделени 51% од македонска територија (сосе Солун) со Букурешкиот договор, што значи дека не биле нејзини!
Нешто „поблаг“ во осудите на МПЦ е солунскиот префект Панајотис Псомидас, според кого поради непознавање на историјата Македонската црква на апсурден начин ја извртува вистината. Само уште да објасни која е „неизвртената“ вистина во врска со јазикот и прогонувањето на македонското население во Егејска Македонија. Посебно тоа да им го објасни на расселените егејски Македонци кои се уште не можат, не смеат или со судни маки успеваат да си ги посетат своите родни запустени, изгаснати огништа.
А поглаваерот на МПЦ во говорот за време на чествувањето на Свети Кирил, во катедралната црква Сан Клементе во Рим, порача дека поради државната грчка политика во егејскиот дел на Македонија не останала ниту една буква од јазикот кој го говорат Македонците:
„Во регион каде што некогаш се зборувало како што зборуваше ти и ние денес е забрането не само да се зборува на македонски јазик, туку се оспорува и неговото постоење. За жал, се што е македонско е прогонувано и расселено, додека името на нашата земја и црква е проблематизирано“.
Интересно, претставници на Грчката црква и Владата директно не го нападнаа премиерот Груевски, кој од истиот настан изјави дека и покрај грчкото оспорување на македонската култура и јазик, кои се основа на европската цивилизација, Македонците во Европа ќе влезат единствено како Македонци.
Очигледно, Атина се повеќе го стеснува просторот за „флексибилност“ на Република Македонија, а со тоа се повеќе се наметнува како нужно прекинување на преговорите за решавање на проблемот што го има јужниот сосед со името на нашата држава. Нека и помогнат неговите сојузници во НАТО и ЕУ.







октомври 23rd, 2009 at 21:58
Како не им е срам само да ја кажуваат лагата и покрј тоа што знаат дека е само лага?