Самозалажувањето
Два процеса или две дејанија во последно време се наметнуваат како најактуелни: лажењето и самозалажувањето. Второво е поактуелно од првото, особено самозалажувањето на власта- Владата. Проблемот е што тоа не се прифаќа како такво, туку како (лажен) оптимизам кој, се разбира, не може да се негува долго. Паѓа- пропаѓа како кула од карти кога ќе настапи мигот на соочување со реалноста.
Самозалажувањето им е потребно на оние што се свесни за суровата реалност или за сопствената неспособност, па, „престорена“ во оптимизам односно надеж, се чека да се оствари паѓајќи од небо. Тоа е всушност бегање од соочување со поразот, одложување на решавање, на надминување на состојбите, бидејќи се нема пред се творечки капацитет за тоа.
Од сите оние во власта и надвор од неа, најголемо самозалажување во последно време забележуваме во СДСМ. Блиско ни е толкувањето дека е така поради внатрешните проблеми кои, вообичаено за оваа партија, се кријат од јавноста додека се може. Веќе станува неразбирливо, несфатливо како нејзините челни луѓе во некои јавни настапи (особено на нејзините портпароли) не се контролираат, па предизвикуваат дури потмсев. Притоа, не толку кај јавноста- граѓаните, колку кај противничката, „непријателската“ страна, но и кај тн. меѓународна заедница. Сосема нормално, на „страната“ тоа самозалажување ептен и „легнува“ и максимално го искористува.
Само еден актуелен, круцијален пример:
При преземањето на лидерската позиција во СДСМ, Радмила Шеќеринскa меѓу другото мошне инфантилно (како многупати досега) изјави дека во наредниот период не и е потребен висок рејтинг (и нејзин и на партијата). „Напаѓајќи“ ја таа изјава (во еден коментар), и го поставив прашањето кога мисли дека ќе и треба, со „недокажаната“ додавка дали мисли дека пред избори тој самиот ќе и падне од небо. Сега и таа и целиот СДСМ, сосе коалиционите партнери во Сонце“, се надеваат дека за 20 дена предизборна кампања ќе го „прошишаат“ ВМРО-ДПМНЕ, а пред се Никола Груевски како (досега и сега) апсолутно најпопуларен политичар во Македонија.
Самозалажувањето е опасно како пијанството, поразително како кога „јаде мракот“. Соочувањето со суровата реалност е првиот чекор тоа да се совлада. А најбрзо се совладува со внатрешни сили. Колку се тие подеконцентрирани, толку е потежок процесот на отрезнување.
Дали е во тоа проблемот со самозалажувањето на СДСМ?






