Претстои уште една, „вонредна“ победа на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“
Може уште сега да се заклучи или точно да се прогнозира кој ќе победи, а кој ќе биде поразен на вонредните парламентарни избори. По објавувањето на коалициите, при што досега не се случила таква „групировка“ (надвор од двата „табора“ нема макар најмала партија што ќе настапи самостојно). Фракционерскиот дел на НСДП, кој сериозно го загрозува нејзиниот натамошен легитимиет и кредибилитет, не е тоа.
Се разбира, не мислам на албанскиот политички кампус, во кој нема коалиции, но исто така нема ништо ново. 
Освен „изненадувањето“ за некои- сериозното разнишување на рејтингот на ДУИ и се поголемата доверба во ДПА кај албанскиот дел од македонското гласачко тело. Не изненадува ниту промоцијата на главните заложби и ветувања, во што е најмногу се исто и познато, дури и во нијансите.
Најнапред, единственото мото на „сиромашната“ коалиција предводена од СДСМ (и 6 други партии): „Влез на Македонија во НАТО и Европската унија“.
Прво, тоа никако не би требало да биде мото, бидејќи е консензуална заложба на сите во државава, „единствена алтернатива“ (во наводници зашто не е тоа; едноставно, алтернатива не постои). Со други зборови, никој не може да и негира односно оспорува на „богатата“ коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ (со 20 партии), истото мото да го користи во својата предизборна кампања.
Проблематичен е и „главниот аргумент“: „Сонце- коалиција за Европа“. Ист, идентичен „главен аргумент“ има и коалицијата, само малку „поскромно“, „постандардно“ дефиниран: „За подобра Македонија“.
А за коалицијата предводена од СДСМ е особено проблематична со оглед на исказите- заложбите на лидерите на одделните партии. „Најпрецизен“ е Стојан Андов од Либералната партија. Оценувајќи дека во последните месеци Македонија добила „тешки удари“ и оти „во овој момент нема многу место за оптимизам, бидејќи стануваме се повеќе изолирана земја“, па затоа „не смееме да ги жртвуваме изминативе 17 години со разни популистички изјави“, тој потенцира:
„Сите се патриоти во Македонија. Ние сме имале многу патриоти во нашата историја, но сме ги добивале битките само кога сме имале покрај патриотизам, уште и пријатели во светот. Ние сега ќе ги изгубиме пријателите ако само за патриотизам се определуваме“.
А според „главниот аргумент“, коалицијата се определува и за патриотизам („Сонце“) и за „европска Македонија“. Тоа не е ништо друго, освен „симболично“ цитирање на една изјава на Никола Груевски: ВМРО- ДПМНЕ и коалиционите партнери се и за патриотизам и за европска Македонија.
Натаму, Радмила Шеќеринска никако да прифати (можеби не може и да сфати) дека поени односно гласови не може да се добијат со лага:
„Зад нас се четири негативни европски извештаи и две изгубени европски години“.
Ниту се негативни извештаите (препораките во нив не се „минуси“), ниту се изгубени „европски години“. Таа не може намерно (верувајќи во својата лага) да премолчува дека главните критериуми и за ЕУ, а особено за членство во НАТО, според оценките во Брисел и Букурешт, се исполнети, а единствена пречка е проблемот на Грција со уставното име на нашава земја. (За добивање на датум за преговори за членство во ЕУ уште сега се најавува вето на јужниот сосед, без оглед што некои сметаат дека тоа не ќе е можно.)
Ако сето наведено се има предвид, на што мисли лидерката на СДСМ кога „стојат“ пред гласачите за да го „надополнат тоа“?
Другото што го рече при промоцијата на коалицијата (исто така небулозно и нелидерско):
„Оваа идеја бара знаење, оваа идеја бара искуство, оваа идеја бара голема, голема посветеност, но оваа идеја најмногу од се бара резултати. Ова е коалиција која зад себе може да каже дека имала резултати. Ова е коалиција на луѓе коишто работеле макотрпно на овие историски цели за нашата држава. Токму поради тоа, оваа идеја, покрај знаење и искуство, бара и одлучност“.
За да не останам недоречен:

Ако „оваа коалиција зад себе може да каже дека имала резултати“, кои „други“ бара „идејата“ за евро-атлантска интеграција? И уште: кои од сегашната и минатите власти и кои од сегашната и минатите опозиции не работеле „макотрпно на овие историски цели за нашата држава“? Особено кога ќе потсетам на од збор до збор истата изјава на сите:
„Сите во Република Македонија ќе бидат заслужни за нејзиното евро- атлантско интегрирање“.
„Неподготвен“ (очигледно разнишан) истапи и Тито Петковски од НСДП:
„Сонце“ гарантира стабилна и просперитетна Македонија. Ако останевме надвор од оваа коалиција, ќе го изгубевме достоинството. Да докажеме дека во Република Македонија има граѓани, има политика којашто е подготвена многу брзо да реагира, да размислува, да донесува храбри одлуки, независно за сопствениот рејтинг и политички идентитет во моментот во Република Македонија“.
Го „избриша“ ли Петковски како „опасност за достоинството“ на партијата севкупното дејствување во досегашната владејачка коалиција со ВМРО ДПМНЕ?
Интересна промотивна изјава даде лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски. Оценувајќи дека пред 2 години сме биле во „забревтан од“ кон НАТО и ЕУ, кој бил сопрен „со невиден популизам“ (а не со ветото на Атина?!- засега за членство во НАТО, а ако не се изнајде компромисно ново име за земјава веројатно и за датум за преговори со ЕУ), тој „потсети“ на потребата од „стабилна средна класа“ за просперитетна Македонија (која, патем, воопшто не е „идеолошка цел“ на либерали и либерал- демократи):

„И на 1-ви јуни граѓаните на Македонија ќе треба да избираат помеѓу интеграција или изолација на Република Македонија, помеѓу модернизација или конзервативизам којшто во моментов, за жал, е на сцена“.
Треба ли да аргументирам дека неговата оценка воопшто не е точна, многупати е негирана- побивана токму од меѓународниот „фактор“, а притоа никој да не може да ми припише „заземање на страна“? Дали допрва ќе се осмислува или „пегла“ заедничка, коалициона програма со која ќе се настапи во предизборната кампања, во која ќе се смисли нешто оригинално за кое ќе се „залепат“ доволно гласачи за победа, останува да почекаме. Но, судејќи според промоцијата на коалицијата, таа како однапред да смета на уште поголемо „одлепување“ од досегашното.
Се е исто, дури и во нијансите. Освен најверојатниот тежок пораз пред се на СДСМ, но и на другите во „нејзината“ коалиција. Се разбира, со победата на ВМРО- ДПМНЕ односно коалицијата „За подобра Македонија“ и добивање на поефикасен Парламент, со поголемо или, дури, апсолутно пратеничко мнозинство (заедно со веќе најавеното продолжување на „делба на власта“ со ДПА).






