Опасен старт на предизборна кампања
Не само што почна пред законски утврдениот старт, со што е направен прекршок од сите „главни“ политички партии- учесници на вонредните парламентарни избори, туку „предвреме“ и заборавија на што се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.
Не помогнаа ни многубројните апели и барања, особено од странскиот „фактор“, дека одговорноста за тоа ќе ја сносат сите, а не само, по распуштањето на Парламентот, техничката Влада на Никола Груевски. Се чини дека со право до него се упатуваат предупредувања оти првата цел на „црното изборно сценарио“, што го најави Радмила Шеќеринска- прогласување на изборите за нерегуларни и нелегитимни (што ќе рече дека е тоа подготвено од опозицијата), почнува да се остварува и треба веднаш да преземе конкретни дејствија на теренот.
Но, најнапред за „црното сценарио“:
Веднаш по потпишувањето на Кодексот, лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска изјави дека тој не бил гаранција оти владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе организира европски избори.
Прашање:
Ако сметала дека Кодексот не е гаранција, зошто го потпиша? И кој треба да го гарантира? Нели и таа односно нејзината партија (која ја предводи коалицијата „Сонце“), заедно со другите потписници?
Да потсетам, потписници се 30 политички партии, а при потпишувањето апел за коректно изборно постапување упатија САД, ЕУ, ОБСЕ, како и повеќе други домашни и меѓународни претставници и организации.
Повеќе од јасно е дека без никаков позитивен ефект е и ќе биде апелот на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски:
„Да предупредам на огромната одговорност со која се соочуваме сите, но пред се државните институции задолжени за спроведување на изборите и политичките партии кои ќе учествуваат во изборниот процес. Значи, не е прашање дали можеме, туку дали искрено сакаме, дали имаме политичка волја и чувство за одговорност кон иднината на нашата земја“.
Мошне сериозно предупредување упатија и САД преку американската амбасада во Скопје:
„Заедно со другите пријатели и партнери на Македонија од меѓународната заедница, САД ќе продолжат да ја следат изборната кампања до изборите со кои Македонија ќе може да се гордее. Ги охрабруваме сите граѓани на Македонија да го искористат своето демократско право да помогнат во одредувањето на идниот курс на својата држава”.
Партиите, коалициите и независните кандидати, кои се пријавија за учество на изборите на 1-ви јуни, во наредните 20 дена ќе ги претставуваат своите програми пред електоратот и ќе образложуваат зошто ја бараат довербата од граѓаните.
Предизборната кампањата ќе трае до 30-ти мај. Денот пред гласањето е изборен молк. Гласачките места на 1-ви јуни ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.
Граѓаните ќе можат да избираат помеѓу 18 кандидатски листи што ги потврди Државната изборна комисија.
Изборите ќе бидат спроведени според пропорционалниот модел во 6 изборни единици. Право на глас имаат околу 1 милион и 740.000 граѓани на Република Македонија евидентирани во Единствениот избирачки список.
Според досегашните најави, изборите ќе ги набљудуваат 270-мина претставници на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР и 3.500 на граѓанската асоцијација МОСТ.
Стартот на кампањата со право е оценет како пеколен (во буквална смисла), што е загрижувачки, опасно и мошне индикативно.
Во Полошко изрешетани штабови, уништена дискотека, а полицијата истражува дали падна првата жртва при политичките пресметки. Имено, 49-годишниот Башким Рустеми, член на ДПА речиси 15 години, е убиен со нож по расправија во кафе барот „Мајами“, во близина на тетовската болница. Убиецот, 26-годишниот Тетовец М.Х., е во бегство. Од ДУИ велат дека настанот нема политичка заднина и оти убиецот не е нивен член. Во исто време наспроти „Мајами“ беше фрлена бомба.
На Фадиљ Арслани, обидувајќи се да спречи инцидент во Гостивар помеѓу две групи на млади од ДУИ и ДПА, му е запалена дискотеката „Голден гејт“, откако чуварот со закана од калашникови бил киднапиран. Штетата се проценува на над 600.000 евра, а тој за настанот посочи на ДПА.
Изрешетани од оружје се излозите на повеќе партиски штабови на ДУИ во Тетово, Камењане, Неготино-Полошко. Било пукано од три возила. ДУИ обвини дека биле тепани нивни активисти и оти на насилниците од ДПА им помагале „Алфи“ и полицајци. ДПА ги отфрли обвинувањата. Од оваа партија тврдат дека и нивни активисти биле напаѓани, а инцидентите се должат на стари, нерасчистени криминални сметки во редовите на ДУИ.
И ДПА и ДУИ повикуваат да престанат инцидентите, кои се случија на првата ноќ од изборната кампања.

Двете најголеми коалиции – „За подобра Македонија“, предводена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и „Сонце Коалиција за Европа“, предводена од опозицискиот СДСМ, кампањата ја почнаа со митинзи- првата во Охрид, а втората во Штип.
Демократската партија на Албанците во Гостивар ја одржа предизборната конвенција, на која беа претставени кандидатите за пратеници од 6-тата изборна единица.
Од говорот на лидерот Мендух Тачи:
„Ние мора да имаме компромис со нашите соседи, затоа што Албанците не гледаат ништо друго освен НАТО. Ние не ги баравме вашите синови, не баравме милиони, не крадевме гласови, ние од вас бараме едно- морална поддршка на ДПА“.
Од конвенцијата на ДУИ (претходниот ден-10.05.) „стандардни“, но и неприфатливи пораки и заложби упатени до „македонските партии“ (ДУИ не е македонска?): оваа партија нема да дозволи уште еднаш да не се почитува гласот на Албанците „како што тоа се случи на 5-ти јули 2006-та година“.
Како што изјави Ермира Мехмети, партијата смета дека „унапредувањето на Бадинтеровиот принцип од една страна создава простор за активно учесто на немнозинските заедници во процесот на одлучување, а истовремено обезбедува дека уживаат широка поддршка, која е клучна за функционирањето на мултиетничките демократии“.
Доколку повторно се формира Влада без ДУИ (партијата смета на сигурна победа), партиски извори најавуваат дека првиот следен чекор најверојатно ќе биде регионализација на земјата, бидејќи таква опција овозможувал Законот за локална самоуправа. Не се исклучуваат и варијантите за федерализација или за кантонизација. Тоа, според нив, подразбира и дводомно Собрание, бидејќи во Македонија има две мнозинства, Македонци и Албанци.
Ваквите ставови и заложби би требало уште на стартот од предизборната кампања негативно да се одразат на „расположението“ не само на македонските Албанци, туку воопшто на граѓаните на Македонија. Од проста причина што е тоа всушност најава за промена на Уставот, за ново устројство на државата, за уривање на нејзината унитарност. На тоа посочија и експертите, а ќе потсетам на оценката за таквото барање на Европа.
Потенцирајќи дека идниот мандатар формално правно нема никакви обврски да го прифати барањето на ДУИ, Билјана Ванковска, универзитетски професор, предупреди:
„Ако се примени тој принцип под притисок, под закана, а не под слободен избор на идниот мандатар, тоа е вовед во федерализација. Без оглед дали сега некој се заканува со федерализација или го прифаќаме т.н. Бадинтеров принцип за формирање на Влада, двете работи мене ми се исти. Двете работи или крајната консеквенца би била чекор поблиску до федерализација“.
Барањето на ДУИ стигна до Брисел, но Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент не дозволи тоа да стане дел од извештајот за Македонија на известувачот Ерик Мајер.
Инаку, „стандардните“ заложби ги изнесе лидерот Али Ахмети:
„Зачленувањето во НАТО ќе биде прва задача на ДУИ, ќе се ангажираме за решавање на проблемот за името со Грција и ДУИ смета дека не треба да се чепка во идентитетот на Македонците. Добрососедските односи се многу важен момент за стабилизација на земјава и затоа треба да се признае Косово“.
На првиот ден од предизборната кампања целосна мобилизација во партиите. Во Изборниот штаб на ВМРО- ДПМНЕ се крои стратегијата, а кампањата ја осмислува креативен тим на партијата.
Изјава на портпаролот Илија Димовски:
„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги задржи своите два принципа на работа. Првиот принцип се големите митинзи, меѓутоа и она што е позначајно ВМРО-ДПМНЕ, како и во периодот додека беше на власт, ќе продолжи својата кампања да ја спроведува директно со граѓаните, разговарајќи во нивните домови, во нивните маала“.
Кратко и од Горан Минчев, шефот на Изборниот штаб на коалицијата „Сонце“:
„Ние ќе реферираме откога ќе завршат изборите на 1-ви јуни и мислам дека рефератот ќе биде навистина добар, односно позитивен за СДСМ и за коалицијата „Сонце“, а тоа е победа којашто очекуваме да ни ја дадат граѓаните“.
Инаку, на претставувањето на 120-темина кандидати за пратеници, лидерката на СДСМ Шеќеринска изјави дека дошол „моментот за обединета Македонија оти земјава е на чекор кон целосна изолација, скарана со соседите и со светот“. Во нејзиниот говор повторно (очекувано) небулози и невистини (на кои во претходни текстови веќе укажував), но и едно „опасно“ ветување:
„Онаа група која денеска силно се чука во гради дека го бранела името, таа замина со Букурешт со веќе скршена кичма. Замина во Букурешт без да го одбрани името, замина во Букурешт со согласност да се откаже и од името. Отиде во Букурешт без да го заштити името. Се врати од Букурешт без да ја донесе НАТО поканата. Е тоа, почитувани пријатели, тоа не е патриотизам. Тоа, почитувани граѓани, е предавство“(?!).
Доколку на изборите победи „Сонце“, вети таа, Македонија за 6 месеци ќе стане членка на НАТО и ќе добие датум за преговори со ЕУ. А што ако не го исполни? И не треба ли гласачите да знаат (на стартот) како или, поточно, по која цена мисли да ги оствари двете цели? „Сонце“ во наредните 20 дена ќе говори и за економијата, за поголемите даноци, за високите цени на основните прехранбени производи и двоцифрената инфлација, за зголемената невработеност и за малкуте странски инвестиции.
Од Шеќеринска и обвинение на кое треба да реагираат најнапред медиумите (не е за очекување): дека власта ги поткупува медиумите на кои им исплатила 20 милиона евра буџетски пари за свои маркетиншки цели (во промотивниот говор изнесе бројка од 30 милиони):
„Власта веќе година ипол води политика во која не е битно што правам, туку каков рејтинг ќе пуштат на телевизија, а тие рејтинзи се плаќаат прилично добро“, изјави таа во интервју за Радио Слободна Европа. Според неа, власта со честото рекламирање го покрива слабото работење пред се во економијата и во привлекувањето на странски инвестиции.
И на крајот од овој прилог некои „основни“ податоци за изборите:
Бројот на избирачи по изборни единици е: ИЕ 1 – 295.917, ИЕ 2 – 303.120, ИЕ 3 – 288.585, ИЕ 4 – 289.664, ИЕ 5 -290.101 и ИЕ 6 – 311.729. Според официјалните податоци, 67.191 граѓани со право на глас се на привремен престој во странство, 1.929-мина се на издржување на затворска казна или во притвор, а 542-ца имаат статус на внатрешно раселени лица.






