Предизборно касапанско сценарио
Веќе нема дилеми дека вонредните парламентарни избори во Македонија ја „инспирираа“ опозицијата (не дел од неа, бидејќи барем на тој план македонските партии се прецизно „диференцирани“) да подготви и вонредно сценарио кое ќе резултира со „уште еден пораз на Македонија на меѓународен план“. Како и се друго во изминатиот „катастрофален“ двегодишен период на владеење на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поразот“ на домашна сцена однапред се знае(ше) дека е „проблематичен“; имено, мошне е тешко, речиси невозможно она што е очевидно за народот, за бизнис заедницата, за „средната класа“ (во наводници оти е се уште недокрај оформена, дефинирана и афирмирана). „Најнезгоден“ аргумент е секако рејтингот на партиите од почетокот на двете „црни години“ (повеќе од двојно поголем на владејачката коалиција во однос на опозицијата; мислам и на партиите на македонските Албанци, а не само на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ; а имајќи го предвид тоа, особено пред почетокот на предизборната кампања, невалиден стана повисокиот рејтинг на ДУИ во однос на ДПА).
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, знаејќи или не, веројатно имајќи сигурни информации, директно и јавно, во негов стил, „навреме“ го обелодени подготвеното „касапанско“ сценарио (со употреба токму на глаголот „касапаана“). Впрочем, на тоа упатуваа и некои „дејанија“ во деновите и неделите пред распуштањето на македонскиот Парламент: појавата на вооружена група (не терористичка?) на границата со Македонија (снимена од косовска ТВ), повеќе заплени на „поголемо количество“ на оружје на некои поранешни „конфликтни терени“ во Македонија и сл.).
А дека се работи за „пеколно сценарио“, најмногу потврдува следново: во ниеден досегашен вооружен инцидент не беше нападната партијата на Ахмети- ДУИ од страна на ДПА (ништо докажано, туку само изјави на очевидци, и тоа најчесто на припадници или нејзини симпатизери), ниту, пак, таа се огласи за нападите врз изборни штабови и активисти на ДПА.
Што е следното? Лесно може да се предвиди: инцидентите веќе стивнаа, веќе се прејде на „побенигни“ дејанија за меѓународниот „фактор“ (не и за Република Македонија); „македонскиот дел“ од опозицијата, предводена од СДСМ, продолжува со „прикази“ на „катасрофалното владеење“ на позицијата, наспроти претходните „ептен успешни“ години кога таа владееше со земјата (а ни збор како објаснение зошто, ако било така, ја изгуби власта).
Завршница: по поразителните резултати на крајот од изборниот ден, 1-ви јуни, изборите да се прогласат за нелегитимни и нерегуларни (тие досега само „срамежливо“ се најавуваа како такви, а тоа престана откако и се постави прашање на опозицијата зошто, ако однапред го знае тоа, прифаќа да учествува на нив).
Владејачката позицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ повторно (како многупати досега) многу лесно и наивно „наседна“ на итроштините на опозицијата, пред се на СДСМ и ДУИ. На тоа веќе укажува (се разбира посредно) и меѓународниот „фактор“. Според соопштението од претседателскиот кабинет, шефот на
набљудувачката мисија на ОДИХР, амбасадорот Роберт Бери, на „посебна“ (вонредна?) средба му соопштил на претседателот Бранко Црвенковски дека е разочаран од инцидентите и инертноста на надлежните институции за нивно спречување и сузбивање“.
„Се разбира дека ќе го коментирам само целосниот изборен процес. Што ќе се случува на денот на изборите, како и пребројувањето на гласовите, ќе има големо влијание на она што ќе пишува во нашиот извештај. Се надевам дека денот на изборите ќе помине уредно и дека нема да има повеќе насилни инциденти“, изјави Господинот Бери.
Шефот на набљудувачите на 20-ти мај ќе го заврши преодниот извештај за изборите што ќе содржи препораки за подобрување на изборниот процес. Се очекува во него да се укаже дека, ако и натаму има изборни инциденти, нема шанси Македонија да добие иста преодна оценка за изборите како во 2006-та. (Тоа е само дел од „предвидениот пораз“ на Македонија на меѓународен план.)
Некој од новинарите „се сети“ да го праша амбасадорот Бери дали има впечаток дека досегашните изборни инциденти се координирани, но тој, очекувано, не сакаше да одговори, туку само најави поголема активност на набљудувачите на терен.
Во меѓувреме, да повторам, почна реализацијата на „бенигните“ активности: минување на наплатните места за патарини бесплатно (инцидентно), а сега и партиски знамиња и знамиња на туѓи држави станаа една од главните одлики на предизборието. Гостивар, Куманово, населби во Скопје се преполни со развиорени партиски знамиња на ДУИ (но и на ДПА- тоа се вика „наседнување“ или?), заедно со знамето на Република Албанија. Покрај нив никаде го нема државното знаме! Тоа „најблаго“ речено претставува беззаконие. Мошне е наивно објаснувањето на градоначалникот на Куманово: тој дозволил (значи е над законот!) таков распоред на знамињата во неговата општина за да не се повторат минатите избори:
„Тогаш имавме и интервенција на локалната самоуправа со Министерството за внатрешни работи за симнување на знамињата. Потоа, Државната изборна комисија даде толкување дека партиските знамиња се дел од пропагандниот материјал и можат да бидат поставувани. Тогаш заедно со меѓународниот фактор, како ОБСЕ и странските амбасадори, направивме едно решение- делење на еднакви делови на сите партиципиенти во изборниот процес“.
Следува „бисерот“: за него претставува „политичка некултура“ (а не беззаконие?!) непоставувањето на знамето на Република Македонија, заедно со партиските знамиња на албанскиот електорат.
Потсетување: се работи за кршење на Уставот и на Законот за знамиња, за што се предвидени и парични казни. Постапката треба да ја потегнат државните органи. Мислите дека тоа ќе се случи?
А бидејќи првиот дел од „касапанското сценарио“ е „провален“, мора некако да се „покрие“: ДУИ го осудува лидерот на ДПА Мендух Тачи зошто не се дистанцира од предизборното насилство. Побара и од поглаварот на ИВЗ да го осуди нападот врз Ахмети кој бил извршен од минарето на џамијата во Раковец (се мисли на „обидот за антентат“ над него, а еден од „атентаторите“ самиот се предаде и е во притвор!). Во стилот на „нападот е најдобра одбрана“, Емире Мехмети, портпаролот на ИШ на ДУИ, изјави дека „изјавата на Мендух Тачи не уверува оти тој останува верен на својата улога на касап и продолжува предизборната кампања да ја смета за битка за живот и смрт. Наместо да се дистанцира од инцидентите, со неговата изјава претседателот на ДПА се оправда и се обидува да ги прикрие атентаторите“.
„Наивноста“ односно „невиноста“ на ДУИ е „поткрепена“ со изјавата на Ахмети дека се приклучува на апелите на меѓународната заедница оти не е важно кој ќе победи (?!), туку е важно изборите да минат во најдобар ред, бидејќи во спротивно во прашање ќе биде доведена евро-атлантската иднина на Македонија:
„Над се, изборите се најголемиот тест за една држава, колку е демократијата развиена во таа земја, така што овие случувања сигурно дека се за осуда од сите“. (Веќе го наведов овој “завршен дел“ од однапред смисленото сценарио.)
Притоа, не е проблем дали сите или некои од штабовите на ДУИ во Полошкиот регион се демолирани „и оти и за овие настани жртва се прави ДПА“, туку е проблем (мошне сериозен, а во тоа е главната „наивност“ на владејачката ВМРО-ДПМНЕ) тоа што, како што потенцира Ахмети (но и меѓународниот „фактор“), „МВР нема целосна контрола во своите редови и лошо би било кога самите партии би се самоорганизирале за да се заштитат“, затоа што „тоа не е добра порака ни за Република Македонија ни за меѓународната заедница“.
А лидерот на ДПА уште еднаш одговори директно и прецизно: не потпаѓајте на провокациите на Али Ахмети и ДУИ. Неговата порака на своите симпатизери на собирот во Бутел беше „илустрирана“ со ставот дека тој само глуми жртва зашто знае дека неговата партија на овие избори ќе доживее дебакл:
„Ова е една спортска игра, еден фер плеј, но што да им правиме кога ДУИ е Работнички Кометал, а не Барселона“.
Притоа, само потсети дека проектите што ДПА како владин партнер ги реализираше во изминатите две години беа од корист за граѓаните и за Албанците во Македонија. Меѓу другото, многукратно е зголемен бројот на вработени Албанци во државните институции, ДПА жестоко се бореше и против криминалот, но најважната разлика, истакна Тачи, е што парите од Буџетот ги враќаше кај народот.
Интересно, медиумите најмалку во рамките на конструктивноста на ДПА (без наводници) информираа за ангажирањето, како советник, на престижниот американски аналитичар Јанош Бугајски. Само беше пренесена неговата изјава дека албанската заедница во Македонија може да одигра важна улога во евро-атлантската интеграција на Македонија, па затоа е важно една албанска партија која е конструктивна да биде во власта.
А „македонскиот дел“ од опозицијата, коалицијата „Сонце“, продолжува да „гази“ непречено, пред се со „неконструктивни“ и прилично еуфорични (можеби е поточно да се каже инфантилни) изјави, пред се на лидерката на СДСМ.
На митингот во Кочани Шеќеринска изјави дека „на 1-ви јуни Кочани нема да биде само бастион на сонцето, нема да биде само бастион на вистината; на 1-ви јуни Кочани ќе биде бастионот на победата“. Притоа го повтори ветувањето, досега со ништо конкретно непоткрепено, дека Македонија „не мора да чека, за шест месеци ќе ја добие поканата за НАТО и ќе почне преговори со ЕУ. За една година граѓаните ќе добијат пасош со кој ќе патуваат низ цела Европа“. Не заборави и да му „одговори“ на Никола Груевски, припишувајќи си лични „заслуги“:
„Македонија доби кандидатски статус затоа што не се плашев да ја преземам одговорноста (значи лично таа, а не Владата на Бучковски во која таа беше вицепремиер и „евроинтеграторка“!) и затоа ако прашува како, ќе му речеме- Драг наш Никола, не е толку тешко. Ќе ти кажеме, ама треба еднаш да дојдеш и да се соочиш со оние кои поинаку мислат“.
Веќе станува несфатливо како една „сериозна партија за сериозни времиња“ си дозволува толку паушално, толку „детинесто“ да дава оценки за конкретни случувања во Македонија на економски план. На пример за високите цени на нафтата, критикувајќи ја изјавата на министерот за финансии Трајко Славески дека граѓаните поради високите цени на нафтата треба да ги користат услугите на јавниот сообраќај.
„Како одговорна опозиција цела година бараме од Владата на Република Македонија да го намали ДДВ за сите нафтени деривати од 18 на 5 проценти“, рече Бранко Трајчевски од СДСМ. „Ако Владата го прифатеше нашиот предлог, немаше да има драстични поскапувања на нафтата и бензинот и ваквата вистинска економска мерка ќе влијаеше врз цената на сите други производи. Како и сите други предлози на опозицијата, Владата и овој предлог го отфрли со потсмев. Затоа вчера го слушнавме предлогот на Славески, кој е за плачење“, додаде Трајчевски.
А што е со енормниот раст на нафтата (и на храната, меѓу другото и поради тоа) во светот, која директно влијае на „ненадејно“ големата инфлација и во најразвиените земји? Добро би било раководството на СДСМ да се информира за „народното решение“: се поголем број на сопственици на возила деновиве ги адаптираат за користење на гас кој секогаш е двојно поевтин од бензинот.
На она што е „најинтересно“, а претставува ноторен факт, повторно, уште еднаш укажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски:
„Се уште немаме со кого да ги спротивставиме нашите идеи, бидејќи нашиот противник нема изборна програма“, рече тој, меѓу другото, на митингот во Радовиш.
Груевски не е целосно во право: одвреме- навреме (на пример на средбата на Шеќеринска со бизнсимените- дека ако победи „Сонце“ ќе им биде даден еднаков третман и на странските и на домашните при инвестирањето- што е навистина „нова и мошне оптимистичка“ заложба) се „обелоденуваат“ делови од програма. Проблемот е што веројатно „Сонце“ немала пари неа како „целина“ да ја објави и да им ја стави на увид на граѓаните. Макар во „фотокопирско“ издание. Или можеби немала време да ја „собере“?






