Од Шеќеринска конечно и „мора“
Ќе си ги мери ли своите зборови искажани во некој еуфоричен миг (или некои, според добронамерници/недобронамернии недоброј- „еуфорична политичарка“), по извесно време- на пример некоја година? (Други веќе и ги измерија.) Ќе се срами ли од нив или, пак, ќе се гордее со нивната „тежина“?
„На овие избори да донесеме вистинска одлука. На 1-ви јуни мора нешто да се промени. На 1-ви јуни оваа Влада мора да си оди“, порача лидерката на коалицијата „Сонце- коалиција за Европа“, Радмила Шеќеринска, на митингот во скопски Аеродром.
„Имаа две години и многу часови за кои тврдеа дека ги минуваат во работа, а секое ветување го одлагаа за шест месеци.
Погледнете ги овие портокалови плакати. Претпоставувам дека веќе не можете да минувате низ градот од што околу вас гледате ѓубре портокалово и ѕидови исто така портокалови“, потенцира таа.
Коалицијата „Сонце“ ги повика граѓаните да не ја потценат опасноста која и се заканува на Македонија со најавите за федерализација и со веење само на партиски знамиња.
„Денеска чувме дека уште еден новинар, уште еден снимател, уште еден носител на слободата на мислата бил истепан“, изјави Шеќеринска. „Не бил истепан од криминалци, не бил истепан од некој невнимателен граѓанин. Повторно во Македонија стравот го сее полицијата. Во Македонија човечкиот живот станува многу евтин“, додаде таа.
Наместо бавни чекори, коалицијата „Сонце“ вети спринт до НАТО и Европа.
А министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска најави дека ќе поднесе кривична пријава против лидерката на СДСМ Шеќеринска за навреди и клевети на припадниците на полицијата:
„Своите клевети кои ги искажа на предизборниот митинг во општината Аеродром, дека во „Македонија вистината повторно се убивала, а стравот го сеела полицијата“, ќе мора да го докаже на суд. На суд ќе треба да го докаже и тврдењето, јавно објавено на сите медиуми, дека „чула оти е истепан уште еден новинар, еден снимател и уште еден носител на слободата на мислата, не од криминалци и не од невнимателни граѓани“.
„Тоа е објавено официјално, како нејзино јавно обраќање“, рече на прес-конференција министерката Јанкуловска. Таа додаде дека се надева оти Шеќеринска, како политичар кој претендира сериозно да биде разбран, има барем еден аргумент во поткрепа на своите тврдења, со оглед на тоа што самиот новинар во полициска станица ги идентификуваше инволвираните.
„Се надеваме дека не се работи за уште една манипулација на СДСМ и обид за уривање на угледот на македонските институции, со цел да го подобрат својот рејтинг“, рече Јанкуловска која од судот, како што истакна, очекува правична пресуда.
Причина за поднесувањето на пријавата, според Јанкуловска, е фактот
дека лидерката на СДСМ континуирано продолжува да искажува навреди кон припадниците на МВР, што најпрво ги изнела и од собраниската говорница, кога, како што рече, се обидела да ги понижува полицајците кои храбро ја реализирале акцијата “Планинска бура“, полицајците што го откриле кокаинот и сите други професионалци во МВР.






