Страв од референдум за промена на името
(07.05.2008.)
Интересно, сето она што лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски го рече на промоцијата на кандидатите за изборните листи на коалицијата „За подобра Македонија“ засега не предизвикува никаква реакција, туку една негова претходна изјава, инаку познат став: дека за промена на името на државата треба да решаваат граѓаните по парламентарните избори.
Којзнае, можеби неговиот жесток напад врз опозицијата како „кочничар на сите негови проекти и реформи“ допрва ќе биде „добро користен“. Макар што е чудно молчењето или глумењето на рамнодушност пред такви иронично- саркастични „тонови“.
На пример:
„Прават коалиција „Сонце“, а сигурно мислат на она сонце по плажите во Грција, каде што најчесто си ги поминуваат викендите. Но, ако сакаат сонце, нека одат на сонце, ако сакаат под сенка, нека одат под сенка, сакаат на плажа, сакаат на планина, сакаат на скијање, само да ги нема многу во Парламентот. Таму има многу работа којашто тие ни ја оставија. Многу работа“.
Или аргументите за „Македонија знае“ (изборното мото), кои тешко дека опозицијата ќе може да ги оспори или минимизира:
„За една година земјата е раздолжена за 20% од надворешниот долг предвреме. Македонија знае и кој ги намали даноците на 10%, најниско во Европа. Македонија знае кој го зголеми, а кој го намали ДДВ на лековите, на медицинската опрема, на земјоделските репроматеријали, на јавниот превоз, кој за само 20 месеци за десетина пати ја зголеми државната поддршка за земјоделците во Македонија, кој го дуплираше буџетот за образованието во Македонија“.
Но, она што опозицијата и некои новинари, аналитичари и експерти (со и без наводници) ги предизвика, да повторам, е спомнатиот став на Груевски за референдум. Чуден и мошне индикативен е фактот дека тие се најдоа на „иста страна“ со Атина.
Најнапред, изјавата на лидерката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која повторно „премолче“ дел од вистината или повторно излажа (што му доаѓа на исто). Ставот на Груевски за рефендум таа го оцени како бегање од одговорност и вовлекување на земјата во изолација. Македонија е во многу полоша ситуација сега отколку пред две години, а тоа е резултат на политиката на Груевски:
„Груевски во Букурешт замина со променето име и тој кажа „да“ на променетото име, а се врати и без покана за членство во НАТО. Сега, за да ја покрие својата грешка, за да не зборуваме за тоа, тој ни зборува за референдум, заради тоа што калкулираше партиски, политички, приватно, затоа го извади сега референдумот. Прашањето е што досега договорил Груевски“.
Притоа, Шеќеринска не одговори децидно на прашањето дали ќе го поддржи евентуалното одржување на референдум, најавувајќи дека СДСМ деновиве сериозно ќе го разгледа ова прашање.
За да не останам „недоречен“ во врска со премолченото или лагата, само ќе потсетам:
Во Букурешт беше и Претседателот на Република Македонија. Таму двајцата (Црвенковски и Груевски) настапија со ист став за кој претходно беше постигнат консензус „дома“, со „политички дијалог“ на лидерите на „најрелевантните“ партии (и со учество на лидерката на СДСМ). Поконкретно, „променетото име“ и сега е прифатливо за претседателот Црвенковски (се работи за предлогот на медијаторот Нимиц „Република Македонија (Скопје)“, кој не е прифатлив за јужниот сосед, а ветото беше „предизвикано“ токму од него). Значи, не станува збор за „да“ на Груевски за „променето име“ (ординарна лага), ниту за „сега вадење“ на референдумот. Таквиот негов став е од многу поодамна. А зошто Шеќеринска децидно не одговори дали СДСМ би поддржал референдум, јасно е дека по претходно кажаното „си го касна јазикот“.
Меѓутоа, мошне индикативни и за подлабока анализа се ставовите на некои нашии аналитичари и експерти (повторувам, со и без наводници), кои се појавија на една чудна промоција под наслов „Платформа“. Некои шпекулираат дека се работи за нова лоби група или, дури, за партија (нејасно е присуството на Трифун Костовски кој, нели, не е ниту новинар, ниту експерт, ниту аналитичар).
Нивниот општ заклучок е дека Македонија е длабоко навлезена во изолација, а со одржувањето на предвремените избори и можното одржување на референдум за името постои опасност од самоуништување. Од она што беше пренесено од страна на медиумите, најинтересен беше делот од искажувањето на Ким Мехмети, кој на многумина им „затвора уста“:
„17 години оваа земја немаше храброст да каже дека проблемот со името не е толку едноставен, само на името, туку дека тој проблем подразбира и како ќе се вика еден народ. Оти понатаму тој синџир продолжува и со историски наследства и со многу други нешта“.
Не референдум за промена на името на народот, односно губење на неговиот идентитет?!
А што да се прави со „согласноста“ на оваа група (па и на дел од опозицијата, пред се на СДСМ, која, сепак, според најавата на Шеќеринска, допрва ќе гради став) со ставот на Атина? Таа се изјасни дека нема да потпише договор за име кое подоцна властите во Македонија би го ставиле на референдумско изјаснување.
Според весникот „Катимерини”, кој се повикува на анонимни извори во Министерството за надворешни работи, официјална Атина го смета евентуалниот референдум за внатрешно прашање на Македонија, но такво изјаснување треба да има пред, а не откако ќе биде постигнат договор за разликите за името:
„Грција бара да бидат дадени гаранции со одлука на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Ветото за НАТО останува на сила, во иста мера како и за претпристапни преговори на Македонија со ЕУ”, објави „Катимерини” во статијата под наслов „Атина загрижена околу ставот на Македонија”. 
Од сето наведено, без заземање на страна, според мене најважното прашање во овој предизборен момент гласи:
Дали опозицијата, доколку победи на предвремените парламентарни избори, ќе има „храброст“ да го промени името на државата (не уставното, за што јужниот сосед се изјасни дека нема ништо против), и по цена на губење на идентитетот на македонскиот народ, а без претходно да го праша дали се согласува или не?






