„За европска Македонија“ предизборен џокер? Глупаво и инфантилно.
Токму така. Очекувано за едни или неочекувано за други, „нецелосната“ победа на Тадиќ, поточно на неговата европска опција прва (веројатно нема да биде единствена) ја (зло)употреби коалицијата „Сонце“.И Шеќеринска и Бучковски од митинзите во Кавадарци и Росоман порачаа дека европската опција може да победи и во Македонија, односно да победи „европска Македонија“.
Гласачите, граѓаните кои најмногу и најчесто во молк следат се што се зборува на предизборните митинзи, се збунети: која опција може да победи на вонредните парламентарни избори на 1-ви јуни, ако не за европска Македонија? Има таква? Зар не е европска „третата“, „обоената“? Или кој на изборите настапува „радикалистички“ како во Србија? Коалицијата „За подобра Македонија“?
Па и она дека Република Македонија во моментов е изолирана (многу често потенцирано од лидерката на СДСМ). Од каде таква оценка или согледба? Па, само пред една недела во Охрид се одржа самит на земјите од централна Европа, со учество на 16-мина претседатели и тројца специјални претставници- најголем собир досега организиран во земјава!
Некој ја турка земјава во изолација затоа што не прифаќа ново име што ќе го загрози или уништи националниот идентитет?
Се случува млад лидер да биде понесен од еуофирчна, режирана победничка атмосфера на митинг, ама сепак не младоста, туку зрелоста се покажува и докажува со одмерени, сигурни зборови, со аргументи и факти, со прецизни проценки, оценки, па и напади на противникот/ противниците. Во спротивно, ефектот е секогаш контрапродуктивен.
А што се однесува на победата на Тадиќ во Србија, без оглед на позитивните реакции и честитките (и од македонскиот државен врв), таа со право е оценета како трагикомична, па затоа не би требало да се посакува иста и од коалицијата „Сонце“. Без оглед што го има истиот предизборен слоган (а кој го нема?)- „За европска Македонија“.
Имено, самиот Борис Тадиќ, претседателот на победничката Демократска партија на Србија (предводник на Коалицијата за Европа), по објавувањето на изборните резултати потенцира дека веднаш мора да се формира Влада „и дури тогаш ќе бидеме вистински победници“. Освоените 103 од 250-те места во српскиот Парламент не се потребното мнозинство, па е реална можноста (или според некои опасноста) поразените радикали на Николиќ да ја преземат власта, доколку се договорат Социјалистите (освоија 20 пратенички места) и коалицијата на досегашниот премиер Коштуница. Да потсетам, тн. Патриотски блок го сочинуваат Радикалите, Демократската партија на Воислав Коштуница и Социјалистите на чело со Ивица Дачиќ. Тие заедно имаат мнозинство во Парламентот. За формирање на нова Влада Тадиќ единствено може да се надева на поддршка од Социјалистите (нивно учество во неа), во чии раце е „клучот“ и за победникот и за поразениот.

Значи, победата на демократските- проевропските сили во Србија сепак за никого во Македонија не би требало да биде пример или цел. Да се победи, а да не може да се формира Влада, односно неа да ја формира поразениот… Најмалку, пак, што може да си дозволи земјава, со оглед на севкупните состојби и тајмингот, е одржување на нови предвремени избори, по одржаните на 1-ви јуни.
Се разбира, претходното не се однесува на спроведувањето на изборите. Точно, изборите во Србија треба да им послужат за пример на македонските партии како се одржуваат фер и демократски избори. Без оглед на многу „повалканата“ предизборна кампања од „нашава“, дури и ако се „вкалкулираат“ оружените инциденти.






