Закана како „лош однос помеѓу политичарите“
На 21.03.2007 -ма во електронскиот весник „Дневен е-Еснаф“ го објавив овој прилог за една тогаш мошне „проблематична политичка епизода“. Се разбира, помина како таква, како „секое чудо за три дена“, но во моево хроичарење останува забележана, ако не за друго и повеќе, како позак и доказ на политичка култура. Можеби и за ука и поука на сегашни и идни актери намакедонската политичка сцена.
Недозволиво е да се прави обид од забошотување на толку сериозна работа како што е наводна закана упатена од претседател на држава. До кого било, па и до „незгоден“ политичар кој „провоцира, навредува и конструира”. Таков случај би морал да се истера до крај, пред се од почит спрема јавноста и нејзината доверба.
Потпретседателот на ДПА, Мендух Тачи, јавно „обзнани“ дека добил закани од Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. На 13.03. медиумите ја пренесоа неговата изјава:
„Таква закана добив од Господинот Бранко Црвенковски. Мислам дека таквата политика уште постои со еден експонент, а тоа е Црвенковски. Сега на сите ни е јасно зошто Македонија боледува веќе 17 години, од вакви болни луѓе како него“.
Според Тачи, заканите се однесувале и на неговото семејство. Но, тој го предупредува Претседателот:
„Тоа само зборува за неговиот страв, за неговото мало срце. Што се однесува на семејството, знам дека тој е сам. Моето семејство има над 150-мина мажи. Мислам дека не би се дрзнал такво нешто да проба“.
Преку ваквите закани од Претседателот Тачи вели дека се отвораат и сомневањата околу авионската несреќа на Трајковски и атентатот врз Глигоров. Најави целосно расветлување на случајот.
Наредниот ден (14.03.) реагираше кабинетот на Црвенковски со став дека тој одбива да полемизира со Тачи, односно не сака да се спушти на неговото ниво:
„Претседателот на Република Македонија ниту досега дозволил, ниту отсега ќе дозволи да биде вовлечен во полемики или давање на коментари по повод провокациите, навредите и конструкциите искажани во изјавите на Мендух Тачи“.
Меѓутоа, Тачи не отстапува од тврдењето дека добил закани од шефот на државата. Дури е конкретен: ги добил на средбата што во петокот ја имал Црвенковски со првите луѓе на УБК и Агенцијата за разузнавање. Коментира дека тие се oдговор на неговото обраќање пред две недели во Собранието кога тој, меѓу другото, го нарече „претседателот командант Коки“:
„Јас сум транспарентен политичар, транспарентно зборувам, зборувам само за политика. Стварно мислам дека тој е луд и нема да му поднесам кривична пријава, или е во ситуација на халуцинации од кокаин и виски, стварно мислам така. Ако ова го сфати за навреда, мислам дека нема право затоа што цела држава знае дека човекот ни седи под седативи, под кокаин и под виски и не го сметам за нормален“.
Потврда на заканите даде и заменик министерот на МВР, Рефет Елмази: дека во неделата, во хотелот „Стоун Бриџ“, се сретнал со првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов:
„Лично го прашав дали постои таква закана, тој потврди да, на таа средба, и тој се чудеше од таквата реакција на Бранко Црвенковски“.
Беше прашано и Јавното обвинителство дали и како ќе реагира. Одговорот е: навредата на јавните личности и институции е декриминализирана според постоечките законски прописи. Двете страни може да се тужат приватно.
Но, ниту едниот, ниту другиот не најавуваат такво нешто. Засега ни МВР нема намера да реагира.
А два дена по изјавите на Тачи пред јавноста се огласи и Претседателот со став дека во иднина нема намера да полемизира со него:
„Ние припаѓаме на различни културолошки нивоа, на два различни света и играме во две различни лиги. Со други зборови, на секое прашање што е поврзано со некоја од изјавите на Мендух Тачи ќе немам коментар“.
Тачи, очекувано, не мирува. Ќе бара институционално да се расчисти
дилемата за наводните закани. Тој нема да го пријави случајот во МВР,
ниту ќе покрене приватна тужба против Претседателот, но ќе го искористи своето право да покрене иницијатива до собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање од која ќе бара да се повикаат на распит првите луѓе на овие две разузнавачки институции. Можноста за такво нешто, според претседателот на оваа комисија Есад Рахиќ, е речиси никаквa. Нема правнa основa според којa би ги повикалa на сослушување Мијалков и Наумов. Тачи вели дека во понеделник сепак ќе достави барање до Комисијата.
Очекувано или не, сеедно, СДСМ застана цврсто во одбрана на претседателот Црвенковски. Побара од премиерот Груевски исто така да се огради од неодамнешните изјави на Тачи.
Нема информации дали вчера Мендух Тачи го доставил своето барање.
Во меѓувреме, некои од „фабричките новинари“ се обидоа на случајот да му дадат меѓународна димензија. Пренесоа загриженост односно незадоволство на некои од амбасадорите во Македонија (што е и „нормално“), а особено („фабричкиот“ момент) поради „затемнетата слика на земјава која се проектира се почесто“.
Притоа, „најблаго“ ги оценуваат како несериозни изјавите на Тачи, но имаат тежина поради коалиционото партнерство (на неговата партија ДПА) со Владата. И „нормално“, тоа го поврзуваат со „акцентирањето“ на меѓународната заедница на потребата државниот врв да се фокусира на реформите, да функционира политичкиот дијалог токму во име на тие реформи. Не се заборава и на „годината кога Владата на Груевски очекува најава за членство во НАТО и извештај од ЕУ кој би антиципирал датум за преговори со Унијата“.
Од „фабрички новинар“ не треба да се очекува објаснување каква врска има наводна лична закана, макар и од претседател на држава, упатена до јавна- политичка личност, особено ако била предизвикана од провокации, навреди и конструкции.
Дали случајот ќе се забошоти, со „заеднички ангажман“ ќе се направи се што побрзо да се заборави односно извесно време да се памети само како една непријатна „епизода“?
Не би требало. Пред се поради дигнитетот и рејтингот и на Претседателот на државата, но и на политичар односно потпретседател на партија- коалиционен партнер во власта- Владата.






