Во Охрид дводневен самит на земјите од централна и неколку од југоисточна Европа
Учесниците- 16-мина претседатели и тројца специјални претставници, два дена дебатираа за енергијата и проширувањето на ЕУ, за Косово и за проблемот на Грција со името на Република Македонија.
Донесени се 7 заклучоци.
Едногласно е прифатена позицијата според која процесот на евро- атлантски интеграции нема да може да се смета за завршен без целосно приклучување на земјите од Балканот и Украина во НАТО и ЕУ. Претседателите се согласуваат дека при соочувањето со идните предизвици ќе се почитуваат интересите на Европската унија, но и националните интереси на земјите кои се дел од процесот.
Изјазва на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски:
„Учесниците на 15-иот самит на претседателите на централно- европските земји, кој се одржа во Охрид, на 2-ри и 3-ти мај 2008-ма година, расправаа за бројни актуелни прашања и предизвици со кои се соочуваат нивните држави, регионот и ЕУ во целина.
По дводневната дискусија и темелната размена на мислења, можам да ви ги соопштам следните точки, како клучни пораки од самитот:
Интеграцијата во ЕУ и во НАТО нема остварлива политичка алтернатива за земјите кандидати и аспиранти. За таа цел, тие треба да засилат на реформските напори, додека ЕУ треба да продолжи да им дава поддршка.
Во врска со напорите на Република Македонија насочени кон целосна интеграција во НАТО, сите учесници беа едногласни дека нашата држава веќе ги има исполнето сите потребни критериуми за членство“.
На прашање на грчките медиуми дали договорот за нафтоводот, кој од Русија преку Бугарија ќе оди до Грција, е закана за Македонија, македонскиот претседател одговори дека не само што тоа не е закана, туку е од корист за сите земји од Балканот.
Во врска со името, како пречка за македонската евроинтеграција, Црвенковски повтори дека Македонија е подготвена за фер компромис, што го докажа и пред самитот на НАТО, кога го прифати предлогот „Република Македонија (Скопје)“, при што не ја исклучи можноста Грција да поставува невозможни услови што не можат да бидат прифатени од Македонија по ниту една цена. Грција не може да ја прекрстува Македонија по свое наоѓање, а евентуалното ново име ќе биде само за меѓународна употреба. Затоа што е јасно како Македонија ќе се нарекува пред своите граѓани“.
На завршната прес- конференција на самитот во врска со Косово и ставот на Србија Црвенковски изјави:
„Демаркацијата на границата во делот на Косово за Македонија е исклучително важно прашање, кое сакаме да биде завршено во најкраток можен рок. Јас имам разбирање за таквиот пристап од Белград, бидејќи тој е консеквентен. Ако Република Србија не ја признава независноста на Косово, сосема консеквентно на тоа е дека не го препушта правото на Приштина за демаркација на границата помеѓу Косово и Македонија. И тоа е логичен пристап на Република Србија и на претседателот. Но од друга страна, ние имаме свое видување на целата работа. Тоа е еден сериозен проблем, демаркација на границата, којшто долго време е отворен и ние сакаме да се реши“.
Српскиот претседател Борис Тадиќ повтори дека за Србија нема да биде валиден каков било договор околу границата, кој би бил потпишан од, за Белград, нелегалните власти на Косово:
„Србија го штити својот територијален интегритет и суверенитет со меѓународно прифатливи дипломатски и правни средства. Во таа смисла, се што го доведува во прашање интегритетот и суверенитетот на Србија бара учество на институциите на Србија во дефинирањето на тој процес. УНМИК е задолжен да обезбеди присуство на претставници на српската држава во процесот на демаркација на границата помеѓу Србија и Македонија, на територијата на автономната покраина Косово и Метохија“.
Српскиот претседател Тадиќ, чија партија се надева на победа на претстојните вонредни парламентарни избори во Србија, ја злоупотреби говорницата за да упати политичка порака до гласачите во својата земја, изјавувајќи дека ваквите самити ќе се организираат и во иднина, но Косово никогаш нема да учествува на нив. 
Дводневниот самит во Охрид не донесе спектакуларни решенија на дел од натрупаните меѓународни проблеми, но покажа дека Македонија може со успех да организира форуми од ваков тип.
Наредниот самит на централно- европските земји ќе се одржи следната година во Србија, најверојатно во Војводина, којашто веќе има добиено и формален статус на централно- европски регион.






