Ајде да се европеизираме
Дека многу нешта во овој наш до крајности политизиран, поточно политикантски живот не се менуваат или, пак, се менуваат мошне бавно, „највепчатливо“ зборува процесот на нашето европеизирање.
Сигурен сум дека на прилогов што следи, објавен на 15.12.2005-та во електронскиот весник „Дневен е-Еснаф“ (сега со незначителни пред се стилски интервенции и во прво лице еднина) многумина, откако ќе го прочитаат, ќе се согласат дека и сега нема што ниту да му се додаде, ниту да му се одземе.
Лично воопшто не милувам да „ретропишувам“, ама кога се работи за ре-актуелност…
Решението што очекуваме да го добиеме денеска или утре од Брисел воопшто не е интересно! Ова како став сум го изнесувал на повеќе наврати, го изнесувале и го изнесуваат многумина други и кај нас и во светот. Дури, би можел да тврдам дека не е интересно ниту за народот односно граѓаните на Република Македонија.
Важно е, но сигурно не во онаа мера во која е важно за владејачката структура- за власта. Важно е за неа пред се поради отворањето на можноста да се користат европски фондови за преструктуирање во одделни области (пред се економско- финансиската и социјалната), поточно за финансиска поддршка на реформите, но најмногу како „голем“ предизборен поен (иако таквиот „успех“, со оглед на консензусот за евро- атлантските интеграции, никој не може да го стави на своето конто). Се разбира, важно е и за народот односно граѓаните на Македонија, но никако не во оваа мера во која „горните“ се обидуваат да ја прикажат (како од тоа да зависи судбината на земјата; и зависи, ама во друга смисла).
Зошто решението од Брисел воопшто не е интересно? Од многу причини, наши- внатрешни и „нивни“- надворешни. Најнапред вториве- „нивните“: главната тема на дводневната средба во Брисел не е Република Македонија и нејзиното аплицирање за кандидатски статус, туку спасувањето на Евробуџетот и, пошироко, организираното, ефикасното функционирање на ЕУ по нејзиното проширување со 10 нови членки во 2004-тата (кој колку од нивниот финансиски товар ќе понесе секоја од „старите“ членки). Токму тоа треба да биде поинтересно и за нас, меѓу другото затоа што не треба да ни биде сеедно во која и каква европска заедница аплицираме за членство. Уште помалку тоа да го оставаме за подоцна (откако, на пример, ќе ги почнеме преговорите кои, се знае, ќе траат многу, многу долго). Од тоа, меѓу другото, зависи и обемот и тежината на обврските (не само правата и благодатите) на секоја членка.
Само еден пример: словенечките фармери прилично се „оладија“ по приемот на Словенија во ЕУ, кога се соочија со извозните бариери односно европските стандарди. Или „поочигледен“: дали мислите дека „шенгенското затворање“ на Македонија е затоа што ЕУ или некоја од земјите- членки не не сака, што не значи и дека не мрази?
Она на што сакам да укажам токму во однос на интересноста на денешната или утрешната одлука е нашето европеизирање.
Уште збор- два за важноста на одлуката што ја очекуваме (ние, обичните граѓани не со такво нетрпение и нервоза како „необичните“). Таа е во директна корелација со признанието за досега постигнатото, токму на планот на нашето европеизирање. Во тој контекст не можеме да го наречеме поинаку, освен ступиден исказот (можеби и ставот), даден јавно, дека, парафразирам, ние сме такви; додека не ни се наметне нешто (рокови и сл.), не ни почнуваме. Следствено, прифаќањето на кандидатскиот статус за нас ќе претставува „шило“; ќе се „сепнеме“, ќе „рипнеме“ откако ќе не „заболи“ од него, па ќе почнеме интензивно да се европеизираме.
Ступидноста е во тоа што сме „такви“. (Прашањето е: какви сме?) Во однос на важноста на одлуката на Брисел, како признание, токму во тоа е неизвесноста или поточно стравот на владејачката структура: негативната одлука- одложувањето на прифаќањето на статусот земја- кандидат за членство во ЕУ, значи несработено и ништо друго. Всушност, таа одлука деновиве веќе (вчера, завчера) можеби е веќе донесена.
Имено, голема е веројатноста дека Франција ќе попушти и ќе го прифати кандидатскиот статус, но без утврден термин за почеток на преговорите (тоа веќе го најави Оли Рен). А што значи тоа? Не значи ништо! Всушност, само значи дека „нашето“ (на власта) не е сработено, наспроти „самоубеденоста“ (особено на министерката Митрева и „евроинтеграторката“ Шеќеринска), и дека допрва треба да се работи на нашето европеизирање. Јас би рекол: да се почне со работа (да, бидејќи работата воопшто не е почната).
Значи, Дами и Господа, другарки и другари:
Ајде конечно да почнеме да се европеизираме (нагласувам: да се европеизираме, а не да не европеизираат; оти нема кој тоа да го направи со нас или за нас).
Во еден друг „промислувачки“ момент на нашата „еврооинтеграторка“, кога објаснуваше што значи тоа, меѓу другото, за да ни го „поедностави“ даде пример со „чекањето во ред“: демек, европеизираните мирно си застануваат во редот и никој не се ни обидува да дојде „преку ред“. И тогаш се смеев и сега слатко се смеам на таквото разбирање на нашата европеизација. Навистина смешно! Зарем тоа, „стоењето во ред“, како и многу други слични нешта, не се дел од една лична општа култура, а не европска? Зарем не стоевме во ред, ние „обичните смртници“, и кога бевме другарки и другари, а токму тие, „необичните смртници“, што сега работат на нашето европеизирање, и тогаш и сега не се баш навикнати да стојат заедно со нас во редот? Ако е така, а така е, не значи ли тоа дека не ние, туку баш тие не се европеизирани? Значи токму тоа и ништо друго!
Имено, помеѓу првите забелешки, поточно негативни оценки, токму во контекст на претходното (оние што треба да не европеизираат), е неевропеизираноста на политичките партии, подеднакво и на оние во позицијата- во власта (особено) и на оние во опозицијата. Да, чувме- прочитавме многу јасна оценка (од меѓународниот- европскиот „фактор“) дека нашите партии не се „доволно“ европски. И таа оценка беше мошне конкретна во препораката: за да станат тоа, мора сите да се однесуваат европски на следните избори- парламентарните догодина: да дадат сопствен, конретен придонес во нивната организираност, демократичност, регуларност (ненаместеност), слобода на изјаснување, култура на предизборно и изборно однесување.
Значи, да завршам: ни нема друго чаре, граѓани на Република Македонија (сеедно кој колку е дама или господин односно се уште другарка или другар), освен самите под итно, преку ноќ да се европеизираме. Можно ли е тоа? Можно е, и многу лесно!
Наместо да кажувам и објаснувам како (тоа другпат, а верувам и не ви е баш потребно- неопходно), ќе поставам само едно прашање, на кое сум сигурен дека воопшто нема да ви биде тешко да си одговорите:
Како се однесувате кога случајно или намерно, макар на ден, макар на час, ќе се најдете во некоја земја- членка на ЕУ? Европски или неевропски?
Не ви е тешко да си одговорите, нели? Само, притоа имајте на ум дека и досега и во блиска иднина (поради можно или сигурно вето), ќе ве третираат како државјанин на поранешна југословенска држава, се уште не и сегашна: на ПЈРМ.






