ЕУ наградува? Првпат слушам. Јас знам дека само обврзува.

Има некои домашни и странски- „меѓународни“ политички личности кои со своите настапи и изјави, па и со своите дејанија просто збунуваат. Човек не знае како да ги третира: како сериозни, искусни, мудри или, пак, како личности на кои не им е местото каде што се.
Внимавајте, велам личности, а не лица со или без маски. Што ќе рече препознатливи, со завиден „багаж“ на грбот или рамената, па и со стекнат ваков -онаков авторитет. А збунуваат не затоа што еднаш настапуваат вака, а другпат онака, еднаш го кажуваат „ова“, а другпат „она“, еднаш прават едно за едно- другпат друго за истото едно.
Впрочем, тоа им е својствено особено на политичарите, а „меѓународните“ се разликуваат од домашните според вештината, наметнатата супериорност односно прифатената инфериорност.
Просто збунуваат затоа што ем на многумина (да не речам на сите) им е нејасна позицијата на која што се, ем очебијно самите не знаат што треба да прават додека се на неа.
Како пример го имам на ум Г-дин Хавиер Солана, а пред се поради една негова незаборавна (поодамнешна), за нас мошне „значајна“ изјава што ја даде за прво ние да ја чуеме и да и се „зарадуваме“, а потоа да ја чујат и „оние другите“.
Г-дин Хавиер Солана во ЕУ има функција која се именува како „висок претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика“.
Знае ли некој од вас, почитувани, каква е таа функција? Да, можам и можете да се информирате од документите на ЕУ, посебно од систематизацијата на работните места во административниот и „претставничкиот- функционерскиот“ апарат на европската заедница. Ама просто се плашам дека, и покрај информирањето, ќе остане нешто незнаено, всушност нејасно. На пример, ако во „лицето, зборот и делото“ на Солана се потврдува „висок претставниик“, во чии лица, зборови и дела се потврдуваат „ниски претставници“? (Не би требало да е еден оти, како што е редот, висок се станува од ниски, не од низок кој, во таков случај, би требало да се чека да порасне).
Она „за заедничка надворешна и безбедноста политика“ е сосема јасно, макар што е малку нелогична врската помеѓу „надворешна“ и „безбедносна“, ама поарно да не се „плеткаме“ во европската логика бидејќи може лесно да ни се случи во неа да се заплеткаме.
Е, како таков, „висок надворешен и безбедносен“, Г-дин Солана предлага за наградување, а претпоставувам, следствено, предлага и за казнување. Со каква награда? Па, на пример, „доделување“ на статусот држава- кандидат за членство во ЕУ. Казната? Па, на пример, „недоделување“ на таквиот статус. А со оглед на позицијата што ја има во структурата на ЕУ, особено висока, тоа што тој го предлага воопшто не е мала работа, што ќе рече наградата што ја предлага е голема. За кого ја предлага? Се разбира, за ПЈРМ која и нему, како на многумина други, одвреме- навреме, не сакајќи, му „излетува“ од уста скратениот назив на „оваа држава“- Македонија.
Значи, благодарение на Г-дин Хавиер Солана (и уште на некој друг од „пониските“), ние, „поранешнојугословенските“ граѓани можеме „реално“ да се надеваме дека нашава државичка ќе го добие статусот на држава- кандидат на 15-ти идниот месец (нагласувам, станува збор за 2005. година), и тоа како „награда“. За што? Г-дин Солана е јасен, прецизен и дециден: бидејќи ЕУ презела обврски кон одредени балкански земји што мора да ги исполни (кои? какви?), и покрај тоа што таа „сега не е многу расположена“ за проширување. Малку го „нарушува“ наградниот статус со тоа што тој истакнува дека сите земји од регионот имаат напредок, но оти сепак пред нив има уше многу работа, ама тоа е тоа.
Кое? Како прво, Солана не е тој што треба да предлага- препорачува (во случајов им препорачува на членките на ЕУ) некоја земја за „наградување“. А како второ, статусот држава- кандидат никако не е и не може да биде „награда“, без оглед што и некои од нашите често потенцираат дека нашава земја „го заслужила- го заслужува“ тоа.
Во што се состои наградата? Во некаков пехар, медал, пакет? Да, во ова „третово“: пакет, ама не полн со играчки и други тракатанци, туку со обврски и прецизни рокови за нивна реализација! А тој- таквиот пакет воопшто не може да се нарече награда.
Бидејќи сметам дека Република Македонија (а не ПЈРМ) требаше да го
добие статусот со утврден термин, но не како награда, туку како она што е- со обврски од кои не ќе може да се бега, јавно ги прашувам, по
којзнае кој пат, нашиве политичари:
Дали сте подготвени за нив и, ако сте, зошто во меѓувреме, и како власт и како опозиција, барем некои од тие обврски не исполнивте и не исполнувате?
Ја прашувам пред се актуелната опозиција која храбро вети дека за шест месеци, ни помалку ни повеќе, ќе се избори (на чело со „добитникот на наградата“ Радмила Шеќеринска, која скромно „призна“ дека статусот земја- кандидат на ЕУ, без датум за преговори, ПЈРМ го добила исклучиво по нејзина заслуга).
Прашувам навреме за да не слушнам нешто слично на досегашното: ние ветивме затоа што сме способни и подготвени (особено лично спомнатата), ама народот се уште не е.






