Што е што и дали никому ништо
(Прилог објавен во Дневен е-Еснаф на 17.04.2006)
Што му прави лудиот на збунетиот? Има едно дејание…ама не, немојте да бидете вулгарни. Лудиот се обидува збунетиот да го направи паметен. Особено ако е политичар, како во нашиве прилики и неприлики. А ако не е?
На неполитичарот лудиот се обидува да му помогне да не се распамети (дури уште има троа од паметот).
Ова што се случува како „неофицијална“ предизборна кампања не дека личи на „правењето“ помеѓу лудиот и збунетиот, туку ептен е тоа и ништо друго. Се се плашам дека ниту тој- лудиот не ќе може да издржи во помагањето на паметниот ако изборите не се одржат на првиот ден од официјалниот рок (5-ти јули). Ако предизборнава „неофицијална“ кампања се завлечка таму некаде до септември, лично стравувам дека нема да остане ниту еден збунет и ќе нема кого лудиот да го…прави паметен, де!
На пример, оние од СДСМ, особено „славниот“ Кондарко (се плашам дека грешам оти го ставам во наводници), веќе не спијат ни дење ни ноќе од тие „пусти“ станови на Груевски односно на неговата мајка. А овој, пак, ко што го родила и направила мајка збунет, нигде го нема да им удри контра. Зошто? Како? Кој да знае. Тој си знае. Можеби му одговара да се прави збунет оти му е „фино“ лудиот (мислам фигуративно односно метафорично) да го…
А не дека не би можел. Доволно е само да го праша СДСМ, а посебно Кондарко лично, дали знае во колкаво станиште живее, на пример, нашата Рада „евроинтеграторка“ со своите родители, и тоа од поодамна, и дали нема макар уште еден стан „приде“. Да наредам уште некои…ма, не се редат. А куќите и викендичките… А кај живее Кондарко? Нешто не сум баш информиран.
Зошто, пак, Груевски да не молчи за становите, кога за сите прашања што им ги поставува на пресовите Бичиклиски на СДСМ-овци око не им трепнува, а не им се занишува ниту „таквоото“? А тој реди ли реди прашања.
Му доаѓа пак на исто: ВРМО-ДПМНЕ изигрува лудило (скраја да мислам дека навистина ги фатило), а СДСМ „збунило“ (скраја да мислам дека се навистина збунети ем уморни од брзите „покривања“ на скандали едни со други- мислам во текот на сиот досегашен транзициски период).
Да не заборавам на уште нешто многу важно, а е ептен во контекстот на меѓусебното „работење“ на лудиот и збунетиот: СДСМ (посебно задолжен Кондарко) постојано го повикува Груевски на ТВ дуел со Бучковски, иако досега ниту сум слушнал, ниту сум прочитал некаде дека тоа го сакаат или бараат ТВ гледачите, односно дека за таков дуел е заинтересирана некоја ТВ. И зошто дуел помеѓу Груевски и Бучковски, Г-дин Кондарко? Јас многу повеќе би сакал да следам, макар и на некоја „фабричка“ ТВ, дуел помеѓу Тито Петковски и Бучковски. А мислам дека би бил мошне интересен и ТВ дуел помеѓу Велија Рамковски и Бучковски.
Да не заборавам и на „прашанчето“: дали, ако прифати Груевски, тој (дуелот) би се емитувал на јавниот сервис како платена политичка програма односно платен предизборен маркетинг (без оглед што предизборната кампања официјално не е почната)? И кој ќе го плати? СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или и двете партии ќе платат „пола-пола“?
А фино не предупреди претседателот на сите граѓани на Македонија: дека во наредниот период ќе се изнаслушаме се и сешто, притоа мислејќи токму на скандалите односно политичките валканици. На истото, ама не затоа што се бивши сопартијци, не предупреди и премиерот на сите министри во Владата, Бучковски. Само што мене лично, за жал, од многу слушање досега ми ослабел слухот. А и некако повеќе ми лежи читањето (за разлика од нив), па веројатно нема да се изнаслушам баш се.
Ако продолжам со конкретните примери во врска со она што „вообичаено“ му го прави лудиот на збунетиот, може да дојдам и до третирање на проблемот со наталитетот (!), па да изведам несакан заклучок дека, на пример, тој „однос“ е виновен за одумирањето (не и умирањето, макар „симболчично“- напуштање на политичката сцена) на нашите политичари, поточно за необновувањето на нивните редови.
Ме учат некои мои пријатели дека тоа се викало политичка педератрија односно стручно политички хомосексуализам. Меѓу нашите политичари и по некоја политичарка? Ве молам, немојте да бидете и вие вулгарни како тие (пријателите). Па, нели се согласивме на почетокот дека во нашата политика лудиот се обидува збунетиот да го направи паметен?
А што е со гласачкото тело? Тоа засега си го гледа или им го гледа
сеирот. Сеедно. Ама е и се повеќе задумано: дали да гласа за лудиот или збунетиот кога веќе нема трет помеѓу нив. И што ако апстинира? Да не излезе како онаа народната: е….от е..н, тепаниот тепан? (Ако сте
доволно вулгарни, а сепак културни, како јас, знаете кои букви ги
заменуваат точките.)
