Почнаа предизборните глупости
Се надевам дека сепак изборните штабови или портпаролите на партиите, кои ќе се борат за што повеќе места во Парламентот на предвремените парламентарни избори, нема да тресат толку „зелени“ за да не можеме ни здив да земеме од смеење. Ама…
Најава на опозицијата: формирање на Коалиција за европска Македонија, односно на партии со европска ориентација.
Наводно, автор на оваа „зелена“ е лидерката на СДСМ, Радмила Шеќеринска (очекувано, со оглед на нејзината неодамнешна улога како „евроинтеграторка“). Баш ме интересира дали има некоја партија на македонската политичка сцена, од најмалите до најголемите, која не е европски „ориентирана“. Што ќе рече, доколку идејата се реализира, треба да очекуваме во таквата коалиција да влезат сите, а да биде предводена од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако се случи тоа, а лично не се сомневам (кој кого може да спречи да не се „зачлени“?),чуму предвремени избори?
Обвинение на СДСМ: во потегот на Владата за фискалните каси препознава промоција на лажен патриотизам; власта пронашла уште еден начин како да ја финансира кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Наше „указание“: тешко на кампања со толу пари што ќе се заработат со вградување на софтвер кој на фискалните сметки ќе ги назначува купените домашни- македонски производи. Лесно е СДСМ да пресмета за колкав износ се работи, па гласачкото тело навреме да „има предвид“ дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде за „толку“ (незаконски) поскапа од неговата.
Очекуван „зрел“ одговор од Владата: мерката за фискалните каси е иницирана и започната во декември, кога немаше ни „п“ од предвремени избори.
Изјава на Емилијан Станковиќ, портпарол на СДСМ:
„И онака плаќаме екстремно скапи производи. Поради оваа одлука ќе плаќаме уште поскапи. Ова упатува само на еден заклучок- ова нема врска со патриотизам. Ова е само уште еден начин на Владата во заминување како граѓаните да ја финансираат кампањата на ВМРО-ДПМНЕ“.
Изјава на Ивица Боцевски, портпарол на Владата:
„Оваа мерка е иницирана и нејзината имплементација е започната од декември 2007-ма, кога немаше ни „п“ од предвремени избори. Сепак, да ги упатите официјално вашите прашања до оние коишто се лиценцирани за фискалните каси, за фискалните апарати, да ви ја објаснат целата постапка“.
Која е следната „зелена“ и од кого? Можеби ќе ја дочекаме уште денеска.






