Нова преговарачка стратегија со Грција? Не, туку „добрососедска“!
Идејата на претседателот Бранко Црвенковски за нова преговарачка стратегија со Грција, изнесена во Букурешт, а како реакција на ветото за прием на Република Македонија во НАТО, доби поддршка на дел од политичарите и пратениците во македонскиот Парламент (не од сите како што информираа некои медиуми). Пред се на оние од опозицијата, но и на некои од владејачката коалиција (не и од ВМРО-ДПМНЕ).
Кога не би избрзувале, кога би размислиле со „ладни“ глави (што значи дека поддршката ја даваат со „топли“ или “жешки“), сигурен сум дека би покренале своја иницијатива: преиспитување и промена на „добрососедската“ стратегија со Грција. Се до заладување односно замрзнување на односите, а пред се прекин на преговорите за нејзиниот проблем со уставното име на земјава! Да нема дилема: посочената стратегија е во наводници бидејќи тоа- добрососедството од страна на Грција е одамна недобронамерно, лицемерно, па и опасно по безбедноста на земјава, а со „победата“ само е докажано- потврдено. Особено ако се има предвид нејзината агресија, во буквална смисла на зборот, врз македонскиот национален идентитет. Од врвовите на СДСМ и ДУИ дури е побарана и итна лидерска средба.
Зошто? „Објасни“ Јани Макрадули:
„Бараме сите заедно да разговараме и да се обидеме да го изградиме новиот стратешки принцип и концепт за евро- атлантската иднина на Република Македонија“.
Го дополнува Рафиз Алити од ДУИ:
„Нашата стратегиска определба е интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО“.
За разлика од Алити, кој не кажува ништо ново (зарем досега интеграцијата не беше стратегиска определба на неговата партија?), она од Макрадули е прилично нејасно, поточно дискутабилно: ако треба да се направи обид за „нов стратешки принцип и концепт“, дали тоа значи дека досегашниот беше неуспешен? Конкретно, таков беше поради спорот за името, неизнаоѓањето на компромисно име на нашава земја? (Всушност, кое најмногу и одговара на Грција во врска со уништувањето на македонскиот национален идентитет.) И кој го изградил? „Сите заедно“? Што е со конкретната одговорност за „неуспешноста“?
Чувме и поинакви ставови. Лидерот на НСДП, Тито Петковски, чија партија е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, бара Владата (значи и од себе си односно од неговата партија) да понуди платформа која ќе ги обедини политичките партии и да ја претстави во Собранието, каде што пратениците би ја усвоиле, а укажува- предупредува и на „алтернативата“:
„Ако сакаме да добиеме покана за НАТО и да добиеме датум за преговори, едноставно сме упатени на компромис со Грција, бидејќи тие ставија вето. Ќе стават вето и утре, кога ќе разговараме за датумот за преговори со ЕУ. Втората алтернатива е Македонија да си определи сама, да направи јасна стратегија како ќе живее, ќе егзистира без НАТО и ЕУ“.
Точно, Република Македонија е упатена на компромис, но едновремено тој еднакво важи и за Грција (во спротивно не би бил компромис, туку еднострано попуштање). Доколку се има предвид дека е сосема јасно оти на Грција не и е проблем уставното име, туку македонскиот идентитет, каков компромис е можен на тој план? „Помал“, „делумен“ идентитет?
Се разбира, Македонија не може сама (макар што досега, цели 17 години живееше и преживеа без НАТО и без ЕУ), но сигурно може со оние што се противеа- што се противат на ветото и глупавото однесување на Грција (на кои таа веќе им дошла преку глава), со оние кои досега ја признаа- прифатија државава под уставното име, а кои не се малку на број. (За „стратегијата“ подолу.) И единството во овој момент, за кое се заложи лидерот на СДСМ, и „она другото“ за што говореше лидерот на ДПА (а не, како што беше „протолкувано“ од новинарот на А1 ТВ, на која се „искажаа“- како иста заложба), треба да се чита меѓу редови. Особено ставот на Радмила Шеќеринска:
„Прво, мораме да бегаме од избрзани, изнудени и партиско ориентирани потези. Сега ни треба навистина да ги одмериме нашите чекори и да ги испланираме следните 10 месеци или следните 2 години. Во овие моменти Македонија може да ја спаси и подобри својата ситуација само ако биде видливо нашето политичко единство“.
Се наметнуваат бројни прашања на кои, вообичаено, таа нема одговори (или ги одбегнува), од кои најважните:
Кој правел или кои правеле досега „избрзани, изнудени и партиско ориентирани потези“, во сиот досегашен изминат разговарачко/ преговарачки процес со Грција? Не за друго, туку за да ги отстраниме од „новото политичко единство“. Затоа што, во спротивно, сигурно пак потезите ќе ни ги „избрзаат“. Дали досегашното разговарање/ преговарање со Грција било „краткорочно“ или „инцидентно“, без план односно стратегија? И трето: дали политичкото единство досега не беше „видливо“? Што таа подразбира под „видливост“? Нешто „поинакво“ од политичкиот плурализам? Да не се работи за нова „широка коалиција“, како „спасителната“ од „конфликтот“ во 2001-та? Овојпат за Македонија „да ја спаси и подобри својата ситуација“?
Лидерот на ДПА зборуваше за евентуалните предвремени избори и нивната „поврзаност“ со спорот со Грција (во текстот погоре укажав на разликата со исказот на Шеќеринска):
„Без разлика кој ќе победи на тие предвремени избори, еве нека победи една партија или една коалиција, нека земе и двотретинско мнозинство, ние пак го имаме проблемот, ние пак тој проблем ќе мораме да го решиме сите заедно со консензус. Дали некој ќе има 80-мина пратеници, другиот ќе има 15-мина, тоа апсолутно не е важно. Во тој консензус ќе треба да се вклучат сите институции на државата“.
Што подразбирам под нова „добрососедска“ стратегија на Република Македонија спрема Република Грција?
Прво, веднаш привремен прекин или замрзнување (сеедно) на разговорите/ преговорите со Грција, се додека таа во својот Парламент не ги ратификува Времената спогодба и сите други билатерални спогодби за кои досега „не нашла време“ или одбегнувала, не сакала. Тоа би бил нејзин прв чекор за потврда на сопствената заложба за добрососедство. (Молам добрососедството да не го „мешаме“ со грчките инвестиции во Македонија, бидејќи тоа е нешто сосема друго.) Се разбира, за ова треба да се известат и ОН, Советот за безбедност, членките на ЕУ и НАТО…
Второ, предвремени парламентарни избори! За на народот да му се овозможи да им ја одземе довербата на сите оние што досега „избрзувале“ односно правеле „избрзани, изнудени и партиско ориентирани потези“, како и на сите оние што му се нудат за „спас“ на Македонија со „видливо политичко единство“. Не станува збор за „непотребно губење на време во пресрет на евроатлантските интеграции“, бидејќи е јасно дека приемот во НАТО не може да се случи „утре“, а уште потешко ќе се добие датум за преговори со ЕУ до крајот на годинава. Пак поради најверојатното вето на Грција, а особено затоа што од 1-ви јули со ЕУ ќе претседава „францускиот Грк“ Саркози. Уште помалку е веројатно дека во краток рок Грција ќе прифати компромис, односно ќе отстапи од својата долгорочна стратешка цел (промената на името е само уште една „етапа“ до неа): уништување на македонскиот идентитет, во сета негова комплексност.
Трето, доколку мора да се продолжи со преговорите (значи под притисок на оние на кои се уште не им е јасно што бара Грција или се прават на удрени- не разбираат), тогаш Република Македонија конечно да преземе иницијатива. Да не чека да и се понуди ново име (од медијаторот Нимиц или од кој било друг), туку со широка, пред се експертска „обработка“ да даде своја понуда за ново име. И без никаков „придружен пакет“!
А што се однесува на мојата (и на неколкумина правни стручњаци и аналитичари) заложба за тужба против Грција поради кршење на Времената спогодба, морам да се корегирам без своја „вина“. И јас, како и целиот македонски народ (вклучително и политичари и стручњаци и „експерти“ и останати), не знаев дека таа до ден- денес не е ратификувана од Грција. Следствено, не треба да се тужи Грција, туку да се осудат (или барем да се отстранат како „диво месо“) сите оние што го знаеле, а го криеле тоа. Неверојатно е да не знаел никој.
Се разбира, има и четврто и петто…, но најважно е преиспитувањето и промената на „добрососедската“ стратегија спрема Република Грција и наша работа за надминување на „разликите“ во врска со уставното име. Со што помала, минимална, безначајна „улога“ на јужниот сосед.
Со други зборови, ако Грција (со сесрдна помош на наши политичари) успеала да ја убеди меѓународната заедница (поголемиот нејзин дел) дека се работи за „билатерален проблем со името“, тогаш конечно тоа да го прифатиме и да понудиме решение само за името и за ништо друго.
Еден учесник во една „народна“ програма на македонска- скопска ТВ понуди предлог за ново име: Американска Република Македонија. Интересно, нели? Зошто да не? Замислете: Грција е против (става вето) една американска република во Европа (без наводници) да се зачлени во НАТО и ЕУ! Звучи несериозно? Хм! А зарем проблемот на Грција со уставното име на нашава земја не е ирационален, несериозен, смешен, ступиден?






