Нимиц охрабрен и разочаран
Воопшто не изненадува тоа што „првиот чекор“ на медијаторот Метју Нимиц од новата преговарачка „офанзива“ се покажа многу потежок од досегашните. Дури, мислам дека тој не успеа ниту да го „дочекори“.
Од многу едноставна причина: ранетиот лав е (секогаш) поопасен од оној што успешно се перчи со својата сила.
Нашиот јужен сосед е веќе речиси разголен, фали уште малку пред светот, а пред се пред своите сојузници, да излезе угул- гол, па е нормално (како ранет лав), претчувствувајќи го поразот (понижувањето), да биде се пожесток. Таквата „позиција“ Нимиц, по средбата со мнистерката за надворешни работи на Атина Дора Бакојани дипломатски ја нарече „тешко време за водење на преговори“. Тоа за него очигледно депримирачко сознание го поткрепува со „искреноста“ дека се уште не знае во каков формат ќе продолжи процесот на преговори, што ќе зависи од анализата која ќе ја направи откако ќе ги среди впечатоците од последната турнеја.
Нема „расчистено“ ниту со тоа дали наскоро повторно ќе се врати во регионот или ќе ги повика преговарачите Василакис и Димитров на нова рунда на преговори во Њујорк.
Нимиц во Атина нагласи дека нема крајна препорака, нема крајна сугестија ставена на маса, но е (сепак) уверен(?) дека, без разлика на проблемите со кои се соочува процесот, тој ќе заврши со успех.
Патувањето во Скопје и Атина и позициите слушнати од Грција и
Македонија му даваат „охрабрување“ дека двете страни се искрени во
ставот за брзо надминување на спорот (што, се разбира, не е доволна за „увереност“). Тоа особено важи за Скопје, рече Нимиц, според кого во финалното коминике од самитот на НАТО на двете земји им се препорачува брзо да го надминат спорот во интерес на стабилноста на регионот.
Ваквото акцентирање може да се толкува не поинаку, освен како „личен придонес“ на Нимиц во процесот на разголувањето на јужниот сосед.
Имено, Атина тешко дека ќе може и натаму да се претставува како конструктивна, обвинувајќи го Скопје за неконструктивен, непопустлив, тврдоглав итн.
Изјавата на Метју Нимиц:
„Мислам дека во двете земји, а особено во Скопје, постои став дека решение за спорот ќе донесе голема придобивка. Среќен сум што двете страни ја разбираат важноста за изнаоѓање на финално решение. Атина исто така е многу заинтересирана за надминување на спорот. Охрабрен сум од позициите на двете земји и истовремено сум изненаден од цврстите позиции за прашањето за името, кои ќе мора да се премостат ако сакаме да дојдеме до решение. Очигледно е дека претставниците на Македонија сакаат решение кое ќе биде прифатливо за нацијата. Нема краен рок во кој треба да се реши спорот“.
Само ја регтисрирам изјавата на Дора Бакојани (друго и не заслужува):
„Нема само еден предлог за кој разговаравме. Постојат многу различни предлози, но ниту еден од нив не е на маса. Грција сака да продолжи со разговорите и колку што е можно побрзо да најдеме решение во спорот за името“.
А што се однесува на „разголувањето“ на Атина (само на чекор до „угул- гола“), мошне „илустративна“ потврда е враќањето „во игра“ на предлогот „Нова Македонија“ како „најдобро и најпосакувано“ име за неа, а кое има географска компонента. Уште повеќе, конечно ја симна маската (со неа и „угул- гола“ не е интересна за…) со тоа што, неофицијално, фокусот на нејзината дипломатија на средбата бил не на името, туку на пакетот кој оди заедно односно „паралелно“ со него. Таа се обидувала да го убеди Нимиц дека треба да го редефинира предлогот според кој Македонија во графата за нација и јазик во ОН треба да го добие атрибутот македонски.
Мислам дека во наредниот период токму на овој дел од предлог- решенијата македонската страна треба да го стави акцентот и, како што повеќепати нагласував во досегашни прилози, да отфрли каков било „придружен пакет“ со единствено образложение: дека Атина не инсистира(ше) на ништо друго и стави вето за членство на Република Македонија во НАТО (кое нејзините сојузници мошне вешто го „маскираа“) само поради „билатералниот проблем“ со името на нашава земја.
Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски тоа конечно експлицитно го изнесе во интервју во чешкиот весник „Лидове новине”:
„Многу е тешко да се постигне решение. Мислиме дека тоа не е спор околу името. Зад спорот околу името на нашата држава Грција само ја крие својата прикриена агенда, а тоа е на Македонија да не и го признае правото на национално и јазично самоопределување”.
Притоа, тој напомнува дека Македонија во изминатите 17 години повеќепати ја докажала својата подготвеност за компромис, посочувајќи на промената на државното знаме и Уставот на инсистирање на Грција.
Во врска со ветото на приемот на Македонија во НАТО, Милошоски наведува дека станува збор за грчко лицемерие, кое се ставило над пошироките интереси за регионална стабилност:
„Нашите војници се заедно со другите војници на НАТО во Авганистан, ги ризикуваат своите животи, а на своите униформи го имаат напишано името Македонија, и тоа никому не му пречи. Напротив, сите беа среќни кога македонските војници и се приклучија на мисијата. Ако Македонија беше добредојдена кога ги ризикува животите на своите војници, зошто за Грција не е добредојдена да стане членка на Алијансата? Таквиот застарен поглед на историските спорови има поголема тежина, отколку прашањето на стабилноста во балканскиот регион, бидејќи ние не сме соседи на Норвешка и Шведска, туку на Србија и Косово“.
Одговарајќи на новинарско прашање за шансите за членство во НАТО, Милошоски изјавува дека по грчкото вето на самитот во Букурешт, Македонија е повеќе „реалист, отколку песимист”. А во врска со признавањето на независноста на Косово, тој посочува дека процесот на одлучување за тоа ќе потрае уште некое време:
„Македонија се уште не го признала Косово. Тоа го разгледуваме.
Македонија не е Велика Британија, ние сме соседи со Србија и Косово и
сакаме со нив добри односи”.






