Никогаш нема(ло) време за грешки
Еднаш (порано) слушнав од претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски:
Западниот Балкан нема време за нови грешки, бидејќи факторот време е најскапиот ресурс за земјите во него.
Слушнав и тогаш поприлично се задумав, а бога ми одвреме- навреме ми доаѓа уште да се задумувам. Како сега, во овој момент.
Морам да признаам дека досега малку ми паѓал на ум тој- факторот време. А уште помалку грешките поради него и во него, стари или нови сеедно.
Да, навистина интересна релација: време- грешки. Би била помалку интересна кога би биле во еднина двете: време- грешка. Особено е интересна поради дискрепанцијата помеѓу нив. (Време е на нашиве политичари да им понудам нов збор- термин за употреба, бидејќи забележувам дека им здодеа зборот- терминот „имплементација“, а тие не можат без некој од „таквите“. Овој- дискрепанција, сигурен сум дека многу брзо, веднаш и ептен ќе им „легне“).
Токму од неа- од дискрепанцијата произлегува првото, мислам и најважното прашање кое под точка итно бара одговор:
Дали времето (досегашното) било за нови и дали времево (сегашново) е за само стари грешки?
Додатно прашање:
Дали тој- факторот време, до пред некое време не бил најскапиот ресурс за земјите од Западниот Балкан (притоа се разбира дека сум патриот и мислам пред се на нашава земја), па затоа се грешело, ама сега е најскап и затоа „нема време за нови грешки“?
Бидејќи, како што веќе наведов, ова прашање (сосе додатното) мислам дека е најважното и бара одговор под точка итно (баш така- итно), најитно ќе се обидам да дадам (давам) не свој, личен, туку точен одговор, што ќе рече безличен.
Дискрепанцијата помеѓу времето и грешката односно грешките е одамна позната, утврдена, многупати докажана. Особено помеѓу времето и новите грешки. Најпрво затоа што времето како такво е мошне комплексна категорија.
Имено, како никое друго, времето е пред се трифазно или тридимензионално: се покажува и докажува како минато, сегашно и идно, а неретко со трите во едно, во еден миг, и тоа во неговата минливост.
Од друга страна, факторот време секогаш оди заедно со факторот простор. Во наведениот исказ- став тој е Западниот Балкан. Без тој „придружен“ фактор времето било, е и може да биде само лично, што ќе рече „мое“, никако не и „наше“.
А грешката односно грешките?
Без оглед дали е една или се повеќе- многу, грешката како таква не била, не е, ниту може да биде макар двофазна или дводимензионална. Во врска со колективноста, нужно е да потсетам дека кога ја имавме (во бившојугословенското, во кое како држава сме се уште според меѓународниот фактор), таа не се однесуваше на грешката или на грешките, туку на одговорноста за неа односно за нив. Грешките отсекогаш биле, се и секогаш ќе бидат лични и не секогаш придружени со факторот простор, во однос на последиците најчесто вонвременски.
Да бидам појасен: ич не ми е, а сигурен сум дека и вам не ви е ич тешко да наведете некој од нашите бивши и сегашни политичари кои направиле и прават толку вонпросторни и вонвременски лични грешки чии последици ги чувствуваме на своја кожа што, ако им дадеме време за нови ќе мораме или да си ја смениме кожата како веќе неупотреблива или да излеземе од неа (како змиите), та да им ја оставиме тие да влезат за да се почувствуваат какви што се (змии).
Суштината на проблематичноста на исказот односно ставот, кој поприлично ме задума- задумува, е токму во последново подвлечено од мене.
Кога јас би бил „фактор“ како искажувачот, вака би рекол, поточно би изнел ваков став:
Западниот Балкан, а пред се Македонија (за која сум посебно заинтересиран) нема време за оценка или преиспитување на старите грешки што ни ги направија „оние“ (не „некои“). Од друга страна, нови грешки од нив веќе не може да издржи бидејќи најскапиот ресурс (факторот време) го потроши, поточно им го продаде на странските „инвеститори“, па не е никаков фактор за надворешниот, а особено за внатрешниот „фактор“ (на пример, за „некои“ од челниците на најмнозинската немнозинска заедница).
А одговорноста? Личната и вонвременската?
Ниту факторот време, ниту факторот простор не биле, не се и не можат да бидат никаков нејзин „ресурс“. За неа не треба многу да се трудиме за да ја најдеме во нив. Ја среќаваме, ја гледаме на секој чекор и допрва ќе ја среќаваме и ќе ја гледаме (меѓу другото, и како споменици и „спомен-обележја“).
Македонија како географски поим?
Ако случајно вие помисливте, јас ни случајно не сакам да помислам на
неа како таков. Бидејќи ниикогаш не бил, не е и не може да биде. Ниту
како фактор. Макар уште долго (бескрајно и вечно не може и да сака
некој) да биде „референцна“ (ПЈРМ-овна).






