Најнови случувања врзани со „победата“ на Грција над Р. Македонија и решавањето на нејзиниот проблем
Очигледно, на многумина не им е пријатна „победата“, всушност националистичкото самоубиство на Грција со ветото за прием на Република Македонија во НАТО. Помеѓу нив е и генералниот секретар Јап де Хоп Шефер, кого „сон не го фаќа“, „жив срам го јаде“, па најде за „сходно“ да му се јави и по телефон на Бранко Црвенковски.
Во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател се вели дека првиот човек на Алијансата, во разговорот остварен на негово барање, уште еднаш ги презентирал заклучоците од самитот на НАТО во Букурешт, како и атмосферата во која тие се донесени, а од кои произлегува дека единствената причина за неупатувањето на покана за членство на Република Македонија беше нерешениот спор со Грција околу прашањето за името. За сите членки, за Алијансата во целина, е неспорно успешното исполнување на сите неопходни критериуми и стандарди од страна на Република Македонија, како и заедничката желба и интерес земјава да стане дел од Алијансата. Шефер го информирал Црвенковски дека на самитот во Букурешт е донесена одлука со која веднаш по постигнувањето на договор околу спорот со Грција ќе се активира поканата за членство по автоматизам. Тој изразил целосна подготвеност за соработка и за поддршка на Република Македонија од страна на Алијансата.
Претседателот на Република Македонија изразил огромно незадоволство од исходот на самитот во Букурешт. Тој притоа уште еднаш нагласил дека еден билатерален спор се наметна над основните принципи врз кои се заснова НАТО, како и над заедничките интереси на Алијансата и над неопходноста од регионална стабилност. Република Македонија останува посветена на евро и евроатлантските интеграции и ова е период во кој во земјава се редефинира стратегијата, притоа не доведувајќи ги во прашање крајните цели, но имајќи ја предвид и новата реалност по самитот во Букурешт.
Моја забелешка:
Повторувам по којзнае кој пат дека „спорот“ не е билатерален, туку унилатерален, односно единствено проблем на Грција; би бил билатерален доколку и ние имаме проблем со името на Грција- што не би било „на одмет“; на пример, нам повеќе да ни одговара „Данајска република“, а не Грција или Елада, бидејќи според нивниот Хомер во неа живеееле и живеат Данајци.
А на „домашен терен“ се случува она што лесно можеше да се предвиди, и тоа како долгорочна реакција: бојкот на Грција на сите полиња. Денеска на него отворено повикаа и артистите, уметниците, интелектуалците. Тие упатија апел сите на мирен начин, во рамките на својата професија, на јавни настапи дома и во странство, да го изразат револтот од политиката на Грција спрема Македонија. Еден од тие начини е македонските граѓани да не го спомнуваат името на нашиот јужен сосед.
„Чувствувајќи го пулсот на граѓаните, ние, граѓански тим, би сакале да ги повикаме сите граѓани- студентите и средношколците, интелектуалците, професорите, уметниците, новинарите, организациите на граѓани, како и сите граѓани кои го носат истото чувство и револт како и ние, во наредните денови да ни се приклучат, да не поддржат и јавно да го изразат својот став, гнев и фрустрација од ваквиот однос и политика на нашиот јужен сосед“, изјави Игор Стојчевски, од Коалиција на здруженија на граѓани.
Жестока реакција од страна на македонскиот владика Петар на срамните националистички инциденти и истапи во Грција:
Решение за спорот со името, мир и почитување помеѓу Македонија и Грција ќе има тогаш кога ќе ни се извинат за геноцидот и кога јужниот сосед ќе се ослободи од национализмот.
Митрополитот Петар ја осуди изјавата на солунскиот митрополит Антимос дека од другата страна од северната граница живеат лоши луѓе:
„Мислам дека тој што го рекол тоа под јазикот има отров како змиите. Мислам дека тој како високодостојник не сфати дека запливал во политички, националистички и шовинистички води. Жално е што се претставува како свештеник“.
И каменувањето на куќата на архимандритот Царкњас во Пожарско, веднаш по грчкото вето, е дел од политиката на јужниот сосед за постојани притисоци, закани и малтретирања на Македонците кои живеат таму:
„Тоа е уште еден доказ дека геноцидот врз македонскиот народ во егејскиот дел и во Грција не е завршен“.
Митрополитот Петар е убеден дека и ова искушение ќе го надминеме, а Македонија ќе стане членка на НАТО и Европската унија.
Како и секогаш, во минатото и денес, вистината продира, ги освојува неупатените или неутралните, и полека ги „убива“ оние што почнале да веруваат во сопствените лаги.
Европската слободна алијанса (ЕФА) силно ја осудува минатонеделната грчка одлука за вето на иницијативата Република Македонија да му се приклучи на НАТО, се наведува во соопштението на организацијата.
„Срамната одлука за вето за Република Македонија е продолжување на грчкото дестабилизирање на Југоисточна Европа. Грчката одлука е неодговорен акт мотивиран од одбивањето да се признае постоењето на посебен македонски етнички идентитет во Република Македонија, исто така и во Грција. Овој неодговорен и непријателски акт од страна на Грција не е во согласност со принципите за кои би требало да се залагаат европските земји“.
Организацијата смета дека одлуката на Владата на Костас Караманлис да отфрли влез во евроатлантските структури поради апсурдна забелешка за вистинското име на земјата е многу неодговорно и еден антиевропски акт.
„Општо познато е дека причината за ваквото грчко однесување за ова прашање е продолжување и бесрамно одбивање да се признае македонскиот идентитет, и во Грција и надвор од неа“, пишува ЕФА, додавајќи дека ваквото однесување не е ново за неа.
ЕФА, како што се наведува, беше сведок на грчката политика на непризнавање на постоењето на етнички Македонци во Грција за време на посетата на земјата во 2006-та година. Организацијата најави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата во Грција одблизу и е многу запознаена со фундаменталното антидемократско однесување на грчката држава во однос на членката на ЕФА, Европската слободна Алијанса – „Виножито“.
ЕФА прашува дали грчкото декларирање дека во земјата нема македонско и турско малцинство е во согласност со „духот и принципите на демократијата, фундаменталната слобода и почитувањето на човековите права и дигнитетот“, за што се залага Грција. Дали одбивањето на грчките судови да регистрираат здруженија за култура со зборовите „Македонски“ и „Турски“ во нивните имиња, се во согласност со Европската конвенција за заштита на правата и фундаменталната слобода? Дали е во согласност со Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, која Грција ја има потпишано, законската забрана за македонските политички бегалци од Грчката граѓанска војна да се вратат во Грција (законот 106841 што им дозволува на оние што се Грци по гени да им се врати државјанството и законот 1540 од 1985 година со кој се дозволува на оние што се Грци по гени да им се врати имотот)?
„Време е ЕУ да направи повеќе за ова прашање. Да се биде „обединет во разновидноста“ не смее да биде само декларативно. ЕУ мора да биде „обединета во признавањето на разновидноста“. Добар почеток би бил да побара од Грција да се однесува како европска земја во 21-от век и да ја прекине срамната и дестабилизирачка политика за македонското прашање. Во практика тоа значи признавање на името на Република Македонија и признавање на Македонците и припадниците на другите малцинства во Грција“, се наведува во соопштението од ЕФА.
А Грците се уште не ги напушта еуфоријата од „победата“, па се занесуваат, заедно со нивниот премиер, дека брзо и лесно ќе и наметнат ново име на Македонија, односно дека ќе успеат да ја прекрстат „по своему“. Веќе стокмиле и предлог кој им одговара, притоа заборавајќи дека самите се залагаат за компромис (во рамките на „добрососедството“) или, пак, не ја научиле неговата суштина.
Караманлис „продолжува да преговара“ (со кого?), а бара и „другата страна“ тоа да го (на)прави. Тој го информирал претседателот Папуљас за самитот во Букурешт и за идните чекори:
„Сите знаеме дека прашањето за името не е едноставно. Формиравме стратегија која ја продолжуваме со постојаност и ќе ја спроведуваме со самодоверба, со сериозност, со одговорност. Ќе продолжиме да работиме во рамките на ОН за заеднички прифатливо решение. Исто така, се надевам дека другата страна ќе одговори за доброто на сите во регионот“, изјави тој.
Нормално, немаше кој да го праша дали ветото е за „добро на сите“.
Меѓутоа, и без прашања некои во Грција се свесни за тоа што го направи нивната Влада, а особено од последниците. Според грчкиот печат, „жив“ страв ги „јаде“ од од американски дипломатски реперкусии и од засилување на критиките на Стејт Департментот за негаторската политика за малцинствата.
Според грчките медиуми, Владата на Караманлис размислува и за подобрување на односите со Македонија, вклучувајќи и можна посета на Дора Бакојани на Скопје во наредните недели. (Кој ли би ја примил?)
Провладиниот „Катимерини“ пишува дека Нимиц чека да се смират страстите за да излезе со нов предлог- најверојатно „Нова Македонија”. За најсоодветен период за продолжување на преговорите се смета времето помеѓу летото и есента, кога во фокусот ќе се најдат аспирациите на Македонија за добивање на датум за преговори со ЕУ.
„Република Нова Македонија“ е името за кое во наредните денови најверојатно ќе преговараат Атина и Скопје и кое се оцртува како најможната варијанта за компромис, објави „Катимерини“. Весникот наведува дека, и покрај тоа што се гневни на грчката Влада поради ставеното вето и неуспешното проширувањето на НАТО, Американците брзаат да го решат спорот помеѓу Атина и Скопје затоа што Македонија е неопходна за Алијансата и затоа што во моментов во целост ги задоволува американските интереси во регионот. „Катимерини“ цитира дипломатски извор кој го оспорува тврдењето дека грчко-американските односи се на најниската точка поради ветото и вели дека не очекува Американците на каков било начин да го изразат својот гнев, се додека течат преговорите помеѓу Атина и Скопје за името на Македонија.
Предлогот што го спомнува „Катимерини“ е веќе отфрлен од „другата страна“ односно Република Македонија, па не е јасно како е можно тој да се наметнува како компромисно решение (со притисок?).
Меѓутоа, за нашите- домашните „колебливци“- учени и аналитичари нешто би требало малку да ги „смири“, да се воздржат од барањето да не се „губи време“ бидејќи поканата на НАТО е „отворена“, а треба да се „обезбеди“ и датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ (имајќи го предвид можното вето на Грција и за тоа): периодот за продолжување на преговорите- времето помеѓу летото и есента.
Ако е за Грција „најсоодветен“, дотогаш се може да се случи и направи, па и во земјава да се организираат предвремени парламентарни избори. Но и најважното во овој момент: ултимативно барање од сите сојузници на Грција таа да ги ратификува и Времената спогодба и сите
други билатерални договори со Република Македонија (веројатно FYROM) кои досега не ги ратификувала. Се додека тоа не го направи какви било разговори или преговори да се „замрзнат“. Со ратификациите Грција на „транспарентен начин“ ќе покаже дека „гради добрососедство“ со „другата страна“.






