Нема рејтинг со кратко паметење
Очигледно, за жал, СДСМ во својот „најнов“ кус, само 2-годишен опозоционерски стаж ниту тоа не го научи или, пак, не сака да го разбере. Веројатно сметајќи дека така полесно ќе „мине“. Особено кога со свои оценки им противречи на сите, на меѓународниот „фактор“, па дури си противречи и на самата себе си.
На пример, кога дава оценка за економската политика на досегашната Влада на Груевски. Токму на тој план таа доби „сеопшти“ признанија, особено од бизнисменскиот свет, па дури и од редовите на СДСМ (со „задршка“- дека е постигнат „некаков“ успех, конкретно- подобрена е бизнис климата, и слично на тоа).
Меѓутоа, од апсолутно неразбирливи причини (можам само да претпоставувам и насетувам) методот „кратко паметење“ го употреби еден од своите „посветли“ и перспективни кадри.
Имено, СДСМ, преку нејзиниот потпретседател Зоран Заев, истапи пред јавноста со обвинувања на адреса на Владата на Груевски дека економската политика доживеала фијаско(?!). И притоа најави дека на овие избори нуди решенија за економските проблеми:
„Со нашиот предлог за најниска плата од 8.100 денари и предлогот за намалување на вкупните придонеси за една третина ќе постигнеме повеќе од 70.000 работници да добијат повисока плата, да се намали оптоварувањето на работодавачите и голем број на непријавени работници да започнат да ги добиваат своите придонеси“, изјави тој.
Се разбира, на владејачката ВМРО-ДПМНЕ воопшто не и беше тешко веднаш и ефектно да возврати: социјал-демократите очајнички се обидуваат да си го подигнат рејтингот, и тоа со лажни ветувања. Партијата ја потсети опозицијата дека токму СДСМ го одбила предлогот од Синдикатот за минимална плата:
„Па зарем заборавивте дека токму вашата Влада го одби предлогот од Синдикатот за минимална плата, и тоа не за 8.100 туку за 6.100 денари?“, рече Александар Бичиклиски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. „Повторно апелираме до вас, наместо лажни ветувања и празна реторика, да понудите барем еден конструктивен предлог во интерес на граѓаните на Република Македонија“, додаде тој.
„Неформалната“ предизборна кампања продолжува.






