Меѓу редови
Да, воопшто не е лесно, туку напротив, најтешко е да се чита (слуша) меѓу редови она што го кажуваат и порачуваат политичарите и белосветските…Особено кога се работи за „добри намери“.
Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер воопшто не мораше да доаѓа во Скопје за да ни „препорача“ да „најдеме“ решение со Грција до 9-ти јули за да ги „стасаме“ Албанија и Хрватска.
Тоа можеше да го напrави и од „дома“, во писмена форма или по телефон. Немаше ни да се обидуваме да го „прочитаме“ меѓу редови ако наместо во Скопје појдеше во Атина, па нејзе да и препорачашe да престане со фашизоидната хистерија и напад врз идентитетот на македонскиот народ.
Барањето на Шефер е во најмала рака проблематично, освен „образложението“ дека „евроатлантската интеграција е клучен предуслов за стабилноста на регионот“. (Му благодариме, тоа досега не ни беше баш познато!).
Меѓу редови:
Шефер очигледно (се уште) не го разбира основното: дека не станува збор за „македонска фрустрација“ по ветото во Букурешт (лутина да), туку за грчка националистичка шизофренија. Дека токму минатото односно „гледањето наназад“ стана „ноќна мора“ на Атина, поради што не и дозволува на Република Македонија да продолжи напред.
Меѓу редови:
Шефер дојде во Скопје за да изврши „личен притисок“, а всушност директно да и помогне на Атина. Тоа посредно самиот го призна:
„НАТО е сојуз кој работи врз принципите на консензус и сите 26 членки треба да се согласат со секоја одлука што Алијансата ќе ја донесе. Тоа, за жал, не беше можно во Букурешт, но се надевам дека ќе биде можно наскоро“.
Посочувајќи го 9-ти јули како најнов датум кој НАТО и го дава на Македонија да го реши спорот околу името (а не и на Атина односно со обостран компромис), датум кој е поврзан со потпишувањето на протоколот за пристапување кон Алијансата од страна на Албанија и Хрватска, тој сепак предупреди (или се закани) дека, и покрај неговиот оптимизам, за отворена ја остава можноста Македонија да остане надвор од НАТО, доколку не се најде заемно прифатливо решение за името.
(Грешите ако помисливте дека си противречи на самиот себе си. Напротив, многу е јасен и дециден: заемно прифатливото решение го бара не од членката на Алијансата, туку од Република Македонија.)
Претседателот и премиерот на Република Македонија (Шефер разговараше и со министерот за надворешни работи) му одговорија без меѓу редови, па можеби конечно (и не сакајќи) разбра „каде лежи зајакот“- кој е „слонот“, а кој „глушецот“.
Црвенковски побарал од Шефер во Брисел да ги пренесе пораките дека Македонија нема дилеми околу потребата да стане членка на Алијансата и да го стабилизира регионот, но не е подготвена тоа да го стори по цена на сопствената дестабилизација. Груевски, пак, му ја „објаснил“ црвената линија преку која Република Македонија не може да мине (губење на националниот идентитет) зашто, можеби и тој, како Атина, е „по малку“ далтонист (ги препознава другите бои).
Се разбира, воопшто не е случајно тоа дека веднаш по посетата на Шефер (можеби и поттикнат од неа), Бранко Црвенковски упати писмо до Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, во врска со прекршувањето на Привремената спогодба од 1995-та година од страна на Грција. Тој го информира дека:
„Република Македонија, и покрај целата апсурдност на прашањето, активно, конструктивно и посветено партиципира во процесот што се одвива под покровителство на ОН.
Република Македонија доследно ги почитува преземените правни обврски и ја потврдува својата конструктивност со повеќето предлози и отстапки сторени во текот на овој долгогодишен процес.
За жал, другата страна не ја покажува истата посветеност кон преземените обврски, што се потврди со неодамнешното флагрантно кршење на членот 11 од Привремената спогодба, според кој Република Грција е правно обврзана „да не приговара на пријавата за членство во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации, во кои првата страна е членка“.
Со посоченото грубо кршење на обврските на Грција од Привремената спогодба се загрозува и сериозно се поткопува договорениот процес во член 5, како и принципите од Повелбата на ОН“.
Дали ова предупредување (а не, како што е соопштено, информирање,
што е само „обланда“) е најава или „отворање на можноста“ за прекин на преговорите за проблемот на јужниот сосед со името на нашата држава?
Читањето меѓу редови го потврдува токму тоа (белким читам „добро“).
А интересен за „читање“ е и коментарот од македонска страна за „непристојниот“ предлог од шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, за „плаќање“ на 75 милиони евра и постепено укинување на визите во замена за името. Непристоен? Тоа е „најблаго речено“. Станува збор за безобразие, па и елементарно невоспитание. Всушност, тоа е израз на немоќ, на тотална разголеност и подготвеност за…
Дипломатскиот одговор на Антонио Милошоски:
„Лесно е за Грција да се фали со туѓи европски пари, но нашиот коментар е дека ние не сме трговци, ние сме Македонци и ќе останеме Македонци, и тоа не зависи од грчките пари“.
Притоа додава дека Македонија останува на патот на евро- атлантските интеграции, а потврда за тоа е и потпишувањето на договорот со САД за продлабочена билатерална соработка на 7-ми мај во Вашингтон.
Инаку, оваа изјава тој ја даде по разгворот со претседателот на Парламентот на Канада, Питер Миликен, кој е во посета на Скопје. И Канада ја поддржува Македонија за прием во НАТО, но не сака да се меша во спорот со името со Грција, иако лани го призна уставното име на земјава:
„Канада не би требало да има видување за ова прашање. Очекуваме да
се постигне решение и Македонија да продолжи со аспирацијата кон НАТО.
Ве поддржуваме и ќе продолжиме да ве поддржуваме“.
Македонците од Канада ги поддржуваат македонските политичари што останаа на ставот за неменување на името, ја пренесе пораката на македонската дијаспора во Канада единствениот пратеник во канадскиот Парламент со македонско потекло, Луј Темелковски.
А што се однесува на „прифатливото“ име за јужниот сосед (всушност, кое се чини дека најмногу го посакува) , „Нова Македонија“, можеби треба да се размисли за наш компромис (што го сугерираше еден наш стручњак и аналитичар): „Нова Република Македонија“. Се разбира, без „придружен пакет“ кој директно атакува на националниот идентитет. Можно е тоа да го прифати Атина? „Меѓу редови“ секако не.






