Лични подароци со „државно- народни“ пари?!
За оние со кратко паметење:
(Прилог на Љупчо Димитровски објавен во „Дневен е-Еснаф“, на 12.01.2006)
Просто е несфатливо еден министер, и тоа за здравство, да падне на толку ниско етичко ниво и за тоа воопшто да не е е свесен, туку напротив, арогантно да се брани со „норма и во законска рамка“.
Исто така е неприфатливо (освен несфатливо) веднаш да не реагира „втората“ засегната страна, да не чека некој да ја прозива и да бара од неа да го врати срамниот новогодишен подарок.
Се разбира, мислам на „женската страна“ на Владата која и го доби златниот накит купен со „народни пари“. Конкретно на Шеќеринска, Младеновска-Ѓорѓиевска и Митрева. Велам, срамен подарок затоа што „нормираниот и законско рамковниот“ министер Владо Димов или не знае (за што е за жалење) или заборава (поради што уште повеќе е за сожалување) дека секој подарок со кој се искажува љубов, почит, пријателство, е личен и се купува со лични средства, а не со државни односно „народни пари“.
Да нагласам, воопшто не сум заинтересиран за поддршка на реагирањето- барањето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзината акција на собирање на потписи. Меѓутоа, таа реакција на најголемата опозициона партија да се толкува со „одвлекување на вниманието од она што вистински претстои“ е во најмала рака дилетантска. Чие тоа внимание „од она што претстои“ се одвлекува со вашите лични подароци со „државни- народни пари“, Г-не министре?
Да повторам, министерот за здравство Владо Димов од етички причини, како одбрана од она што му останало од достоинството, би требало веднаш да си даде оставка, а не да биде прозиван и да чека да се соберат потребните потписи. Во спротивно, може да биде сигурен дека потписите ќе бидат собрани во рекорден рок. Исто така, „односните“ министерки од истите причини би требало јавно да му го вратат подареното од нивниот колега. Се друго, Дами и Господа од Владата, кај народот едноставно не може да ви пројде.
Моралниот пад на министерот е дотолку поголем што си дозволил „ситни“ 50-тина илјадарки да не ги даде од сопствениот џеб (кога веќе сакал да изрази почит, колегијалност, пријателство итн.), туку да посегне од законски дозволеното за подароци. Белким во законски дозволеното не пишува дека е тоа и за колеги во Владата со кои заедно владее.
Она што би било најдобро да го направат „односните“ министерки (пред за нив исто така да бидат собрани потребните потписи) е да направат мала шега на сметка на нивниот колега „Дедо Мраз“ и во едно весело, новогодишно расположение (се разбира, пред ТВ екраните) да му го вратат накитот. (Би можеле да направат- нарачаат и новогодишна атмосфера односно сцена, па сите да бидат облечени како „Дедомразовки“).
Сакале или не, им се допаѓало тоа на некои или не сеедно, благодарение на министерот Димов Владата односно позицијата ептен „и легна“ на опозицијата. За да „стане“ се знае што треба да направи дури уште има време (за станување). Ако Димов не сака, не му е баш „по ќеиф“ да си даде оставка, тогаш би требало најучтиво од страна на премиерот Бучковски да биде замолен да ја даде. Не поради опозицијата, конкретно ВМРО-ДПМНЕ, која, сосема нормално, го користи големиот неетички „гаф“ на министерот и како сопствен политички маркетинг, туку поради неминовните ефекти од аргументите од типот: „еден таксист за да ги заработи треба да помине 11.000 километри, една хигиеничарка треба да работи 6 месеци, а еден земјоделец треба да ожнее 600 килограми пченица“.
Напомена:
На авторот на овој прилог и ден- денес не му е познато, а смета дека не знае ниту јавноста, дали „односните“ министерки ги вратија новогодишните подароци или ги платија со внесување на лични средства во „законски дозволените“ за подароци.






