Реформите во здравството
Тие се во тек, се реализираат интензивно, и покрај очигледниот отпор и опструкции на дел од лекарската „фела“ диригирана од опозицијата.
А дека таа, кога беше на власт (не така одамна), под „превезот“ на реформите уште повеќе ги „усложни“ нештата, го подигна „нивото“ на криминалот на „белите мантили“, за што сега молчи и се прави на удрена, па дури прави обид за „миење на рацете“, докажува и следниов мој прилог објавен во ноември 2005-та (значи, кога СДСМ и ДУИ беа на власт, а министер за здравство беше „пребеганиот“ во Турција Владо Димов).
Насловот:
Здравството доведено во колапс. А кој го доведе?
Алармантната состојба во македонското здравство, која не е ништо ново ниту од вчера, туку е само констатирана (по којзнае кој пат), ја потврдуваат многу досега предупредувачки ставови и критики, но едновремено отвораат и прашања и дилеми за кои министерот за здравство Владо Димов засега „мудро“ молчи.
Всушност, тој на еден начин и одговори на нив со подготвените 13 програми за „спас од колапс“ кои ги поддржа Владата. Со други зборови, Министерството и Владата повторно се најдоа во улога на „пожарникари“, да го гаснат пожарот што одамна се кренал до небо, а за кој, свесни или несвесни сеедно, беа слепи или не сакаа да го видат. Мудриот народ одамна си го кажал своето: „Кога ќе дојде јајцето…“.
Немам намера да ги анализирам и оценувам презентираните програми за „санирање на состојбите“. Повеќе сакам да го почекам стартот на нивната реализација и првите ефекти, па потоа „во од“ и ќе оценувам и ќе предлагам евентуални подобрувања (тоа се нарекува конструктивен приод, нели?). Овојпат сакам да укажам на две нешта.
Првото: верувам дека усвоените програми не се, како што се прифатени од Владата, „санирачки“, туку „радикални“ (некои решенија во нив се токму такви). Во спротивно, тие не би биле „итни мерки“ (за „гаснење на пожарот“ кој, се надевам, е се уште под контрола), туку, како и досега, дел од реформата во здравството. Исто (без ништо различно), како и другите реформи што се во тек во некои други области.
Воопшто, „реформа“ се спроведува таму кајшто треба нешто квалитетно да се подобрува (што значи дека е добро), а во нашава земја малку нешта се „во форма“ за да им е доволна „реформа“. За жал, кај нас многумина одговорни се уште или не го научуваат ова или не го разбираат, што, пак, во однос на последиците му доаѓа на исто.
Второто на што и овојпат (како и многупати досега по други поводи и состојби) сакам да укажам, поточно што отворено, јавно го барам е: одговорноста. И тоа не како онаа од поблиското минато и од нашава сегашност- колективната (значи ничија), туку личната, конкретната, индивидуалната.
Најконкретно: ја барам личната одговорност на министерот Димов, на претходните министри кои со години и децении го „реформираа“ здравството, а особено на оние кои, како што констатира и самиот тој, „ги доближуваат“ загубите до 5 милијарди денари , што ќе рече дека се уште работат на тој „план“. Нивните адреси им се познати на Владата, за нив ја информираше јавноста (преку нас, новинарите- на прес конференција) и самиот Г-дин Димов: здравствените институции, Фондот „како еден од најодговорните во спроведувањето и контролата на тршењето“ итн. (Намерно не велам и др., туку итн., бидејќи и другите се мошне добро познати.)
Значи, прашањето кое во овој контекст ми се наметнува гласи:
Бидејќи се знае кои се на чело на оние што „ги туркаат“ загубите до 5 милијарди денари, бидејќи, како што е познато, се од „нашите“, а не од „нивните“ (на некои од „нивните“ им се суди), дали ќе бидат отстранети и дали ќе бидат обвинети за „неспроведување и неконтролирање на трошењето“ (се разбира и за многу други нешта на кои укажа Димов)?
Да не е „во игра“ познатото: „Виновни се претходните, а ние се обидуваме да ја санираме состојбата создадена од нив“? Ако е тоа, тогаш се природава уште едно прашање:
А во меѓувреме таа не е ниту „стабилизирана“, ниту „подобрена“? Зошто?
За нашето здравство важеше и важи една (и меѓународно) констатирана, утврдена, позната оценка: благодарение на нашите здравствени „работници“ („нашите кадри“), состојбата е стабилна, само што пациентот умре.
За да не умрат и други во меѓувреме, за „смртниот пожар“ да не излезе од контрола, измисливме „топла вода“ од чија примена нема отстапка!






