А што друго, освен уште едно вето на Атина за Република Македонија
Меѓународниот „фактор“ е повторно срамно поразен од една од нејзините, според сите „перформанси“, најслаби членки. Овојпат тоа е неговиот „дел“-Европскиот парламент. И повторно поради една можеби (не само политички) најголема ступидарија на нашиов век: името на една земја која природно и припаѓа на Европа, ги исполнува сите услови и за неа и за НАТО, ама „неприродно“ не може да ги користи бенефитите од евро- атлантската интеграција затоа што друга сака да ја прекрсти „по свое“.
Станува просто неверојатно колку консензусот ги деградира и ЕУ и НАТО, а се уште никој од нивните членки не го поставува како најсериозен проблем кој ја загрозува нивната иднина.
Од друга страна, јужниот сосед уште еднаш го покажа своето толку грдо, националистичко- фашизоидно хистерично лице, што дури и нејзините „најблиски“, веќе е очевидно, одбегнуваат да го погледнат и гледаат. Па почнуваат, иако се уште „срамежливо“, да и сугерираат малку да си го измие или барем да го замаскира.
Во Стразбур, при усвојувањето на извештајот за Република Македонија од страна на Европскиот Парламент, 13-от амандман кој, треба да се подвлече, беше предмет на жестока битка помеѓу европратениците и нивните грчки колеги, не успеа да биде сочуван во својата оригинална верзија.
Тој првично гласеше дека спорот со името не смее да стане пречка за членство на Македонија во меѓународните организации, но се „претвори“ во:
„Ги повикуваме двете страни да ги продолжат преговорите, да пронајдат заеднички прифатливо решение за името, така што спорот нема повеќе да претставува пречка за членство на Македонија во меѓународните организации“.
Извештајот доби поддршка од 601 пратеник, а 52-ца гласаа против.
Треба посебно да се издвои групата на Зелените, која во писмена реакција оцени дека начинот на кој што Европа го третира прашањето за името е крајно непринципиелен. Елс де Грун порача дека „ако сакаме стабилна Европа, треба да престанеме да користиме термини како поранешна или времена“.
Останатите точки во извештајот ја повикуваат Европската Комисија да определи датум за преговори што е можно поскоро со Македонија, ако може и во јуни.
Европратениците повикуваат на фер и слободни избори. Тие изразуваат надеж дека ќе се избегне застој во реформите, со што ќе се овозможи брзо напредување кон Унијата.
Време е конечно во преговорите со Атина нашава земја да настапи исклучиво со (недо)бројните историски- научни аргументи и факти од кои таа се плаши како ѓавол од крст, па по секоја цена се труди да ги премолчи, а да наметне политичко решение, поточно аргументи на силата.
Но никако не со „помош“ на „експертите“ кои ги ангажира (плати?) СОРОС за трибината „Дилемите на Република Македонија- пред и по Букурешт“. Тешко нам со таквите.






