Тактички потег или конечно „Доста!“
Македонскиот државен врв последниот предлог на медијаторот Нимиц го смета за конечен.
„Овој предлог го сметаме, по 15 години разговори околу овој билатерален спор, за конечен предлог во процесот. Вториот заклучок е дека процесот на градење на став во однос на овој конечен предлог продолжува деновиве и најверојатно според Уставот и законите ќе резултира со собраниска расправа во понеделник“, изјави македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
Милошоски негираше дека се очекува посета нa Нимиц на Скопје, додавајќи дека дијалог со Грција, доколку има расположение од нејзина страна, Македонија нема да одбие.
Премиерот Груевски кусо коментираше дека ништо не исклучува, па дури и нов предлог од медијаторот. Тој потврди дека викендов ќе биде долг, а консултациите ќе продолжат.
Груевски и Црвенковски не биле единствени и по прашањето на референдумот. Според извори од кабинетот на претседателот, тој би бил за референдум, но само доколку странците не сугерираат дека би бил пречка за НАТО поканата. Владини извори, пак, посочуваат дека не странците, туку граѓаните се тие кои треба да одлучат за името.
Државно- владиниот врв оценил дека предлогот генерално може да биде позитивна основа за решавање на спорот со Грција.
Од друга страна, дипломатски извори потврдуваат дека речиси со сигурност ќе има уште еден предлог за решавање на спорот за името, кој најверојатно ќе биде со извесни модификации во однос на последниот, со цел двете земји да се најдат на половина пат, а всушност би бил во стилот „земи или остави“. Тој најверојатно ќе биде понуден ден пред НАТО самитот или дури на самата средба во Букурешт.
Она што недоволно се потенцира во сиот овој процес на преговори и/или разговори, во однос на сите досегашни предлози за промена на уставното име на Република Македонија (што, ќе нагласам уште еднаш, едноставно не е точно; се бара промена на името Македонија), се всушност „придружните пакети“. Секој досегашен предлог, вклучително и најновиот како последен, а за Македонија сега и конечен, е „поткрепен“ со додатни барања, и тоа пред се, дури и единствено упатени на адреса на Република Македонија. Сите тие можат да се сведат на загрозата на македонскиот идентитет, во сета негова комплексност.
Она што Република Македонија го доби како „шанса“ со последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц, земјава да се преименува во „Република Македонија (Скопје)“, никако не би требало да се „испушти“. Имено, единствениот „процес“ на градење на став во однос на овој конечен предлог, што е договорено да се заврши до понеделник, треба да резултира со отфрлање на „придружниот пакет“, со став дека во сиот досегашен 15- годишен изминат период никогаш Грција не спорела друго, освен „уставното име“ на нашава земја. Следствено, нема никаква потреба (немало ни досега) од „измислување“ на „придружни пакети“.
Oна „Доста!“ во насловот е всушност нужноста од дефинитивен став (од кој не би требало да се отстапува): дека, бидејќи последниот односно конечниот предлог на Нимиц Грција го отфрли, Република Македонија преговорите/ разговорите ги смета за бесцелни и бесмислени, па ги прекинува! А членките на НАТО алијансата нека повелат да направат преседан (втор во нашево време, по оној на „меѓународназта заедница“ со „самоволното“ прогласување на независноста на Косово)- нека не и упатат покана за членство на земја која ги исполнува сите услови, па дури партиципира (со мировни сили) и повеќе од нејзината „осилена“ членка Грција. Која, да потсетиме, беше вратена во НАТО благодарение на „доброволниот молк- одобрување“ на нејзиниот сосед Турција, со која има „билатерален спор“ за Кипар.






