Стабилна или авторитетна Влада
(Прилог на Љупчо Димитровски објавен во „Дневен е-Еснаф“, 17.07.2006
Како и неколкумина други колумнисти – интелектуалци, уште пред стартот на предизборната кампања со многу аргументи парламентарните избори (2006-та) однапред ги оценив како нефер и недемократски. Дека тие ќе бидат „далеку“ од „скандинавски“, како што најавуваше премиерот Бучковскии, со каква што оценка се обиде да го амортизира сопствениот, поразот на неговата партија и коалицијата што ја предводеше.
Како одминува времето, со секој нов ден, таа прогноза се повеќе се потврдува. И домашната јавност, домашни независни институции- организиации (види оценка на Хелсиншкиот комитет), но и меѓународниот „фактор“ со својот познат дипломатски речник, се почесто укажуваат дека Република Македонија не го положи најважниот испит за остварување на евро- атлантските аспирации.
Само ќе посочам на загрижувачката излезност на избори (одвај „нешто“ над 50%-најслаба досега), на одлуките на Врховниот суд и прегласувањето на не мал број гласачки места поради нерегуларности кои, се повеќе се признава, влијаеја на конечниот резултат. Но и на она што се случува сега во овој „преоден“ период, а на што сериозно укажува победничката ВМРО-ДПМНЕ (очекувано, без никакво реагирање- негирање од страна на се уште „актуелните“).
Меѓутоа, она што во овој момент со право ја загрижува целокупната македонска јавност, а вознемиреност и „опасност“ искажуваат бројни аналитичари- експерти, е „кроењето“ на новата Влада. Притоа, не мислам на „маките“ во преговорите (како што сакаат да ги прикажат поразените надевајќи се на неуспех), туку на некои нелогичности и прашања чии одговори очигледно се одбегнуваат бидејќи се „незгодни“, прилично непријатни. Особено за мѓународните претставници „најактивните играчи“ на теренот (Фуере, Миловановиќ…).
Од нив само едно од мене:
Дали по парламентарните избори Македонија доби побдник или победници? Притоа не мислам на победничка коалиција или коалции. Исто така не и на „моралниот“ победник во една етничка задница или во една или повеќе изборни единици. Мислам на двата етнички „табора“. И дали со тоа што се инсистира на „автоматско“ влегување во Владата на победникот во „другиот табор“ најдиректно, најотворено се официјализира бинационална, односно федерална Македонија?
Се разбира, мислам на „двата“ победника: ВМРО-ДПМНЕ, со коалицијата што ја педводи, и ДУИ-„неморалниот“ победник кај македонските Албанци (македонските граѓани кои и припаѓаат на албанската заедница).
Колку што ми е мене познато, секаде во светот, па и кај нас, парламентарни избори се оганизираа(т) за да се добие победник, а не победници, кој со тоа ќе добие мандат за состав на нова Влада. Ако некому му е познато друго, каде било, би било добро да ни го „пренесе“.
Се чини дека кај нас е неможно она што би требало да биде нормално, ниту „портокалово“, ниту „роза- петокраково“: да се формира авторитетна Влада, која токму како таква ќе биде стабилна. Која не со „бумби и патрони“, а со знаење, мудрост и искуство ќе ја води Македонија со сигурни чекори (без број) кон сопствена иднина. Ниту „балканска“, „европска“, ниту „светска“.
Зачудува како меѓународниот „фактор“ не знае (или „моментно“ заборавил) дека стабилна Влада не е исто што и компромисна.
А судејќи според она што се случува деновиве, мислам на разговорите- преговорите на ВМРО-ДПМНЕ (се разбира под „будното око“ на „меѓуанродните“), наверојатно ќе добиеме компромисна, а не авторитетно- стабилна Влада. Освен ако Груевски навреме не пресече. Тврдам дека со таква Влада тој не ќе може да направи ни два „преродбенски“ чекора, а за 100 да не ни помислува. Затоа што, едноставно, компромисот има значење и вредност само ако не е резултат на „победници“. Македонија можат да ја извлечат од дното на кое е предолго потоната единствено бескомпромисни „борци- владетели“.
Или е тоа можно само во функционална правна држава?






