Со силата на аргументи, а не со аргументи на силата
Токму тоа, не за да се „потсети“ на одамна осознаената и развивана- практицирана суштина на демократијата, туку како дециден став и порака треба државниот врв на Република Македонија да му го испрати на светот, пред се на Грција. Затоа што е очигледно дека свесно, намерно се заборава, се напушта- исклучува, не „соодветствува“ на денешната стварност.
Аргументот на силата постојано, а деновиве мошне „интензивно“, би рекле и успешно го применува нашиот јужен сосед. Не во „втерување“ на страв во нашите „коски“, туку во „убедувањето“ на своите сојузници и во НАТО и во ЕУ, а што очигледно воопшто не и е тешко. Затоа што, кога би било поинаку, сојузниците лесно би го смириле нејзиното „врескање“ со предупредувањето: „
Да, Грцијо, пријателке наша, имаш право на вето, ама со тоа de facto ни се спротивставуваш нам, на нашите, се надеваме и твои интереси!“
Едновремено, на сите членки на НАТО и ЕУ треба како закана (токму така) да им се испрати силата на следниов аргумент:
Доколку Грција стави вето на поканата за членство во НАТО, но и за почеток на преговори со ЕУ (добивање на датум), Република Македонија ќе ја „откаже“ времената спогодба со Грција, односно ќе ги прекине разговорите- преговорите во врска со нејзиниот проблем со уставното име на земјава (значи, тој не е, како што е веќе „општо прифатено“ билатерален- на ова постојано укажувам). Со „додавка“: Република Македонија е подготвена да и помогне на Грција откако ќе ги признае малцинските права на „грчките Македонци“ и ќе се извини за геноцидот извршен при „ослободувањето“ на Македонија во 1913-та година. (Патем, на вчерашната средба во Сандански-Бугарија, македонскиот претседател Црвенковски, повикувајќи се на времената спогодба од 1995-та година, според која Грција се обврзала да не го попречува приемот на Македонија во меѓународните институции, потсети дека е таа на сила „се додека една од страните не ја откаже“.)
Ваквикот став треба да биде проследен и со брзи, конкретни чекори на воспоставување и јакнење на секаква, се разбира пред се на економска соработка со сите земји во светот кои не се членки на НАТО и/или на ЕУ. А не се малку на број. Напротив, ги има многу!
Дека на НАТО и ЕУ не им е баш „пријатно“ однесувањето на Грција кога е во прашање Република Македонија, доказ се многу предупредувања, па и притисоци врз неа, без оглед што се „прифаќа“ аргументот на силата и се
предупредува нашава земја на правото на вето. „Типичен пример“ се САД, „најзаинтересираната страна“ за решавање на „билатералниот проблем“ (ако е „билатерален“, зошто толкав „помагачки ангажман“?). Имено, според дипломатски извори, пред неколку дена, по состаноците на шефот на НАТО, Шефер, со грчкиот државен врв, дојде до итна средба помеѓу првиот грчки дипломат Бакојани и американскиот амбасадор во
Атина, Даниел Спекхард. Многумина тоа го протолкуваа како „притисок“ односно предупредување на Грција „да се соземе“, да се „приземји“, без оглед што потоа министерката Бакојани повтори дека компромисот е услов за покана. Според неа, преговорите за името би можеле да траат само до априлскиот самит на НАТО во Букурешт:
„Грчката дипломатија е добро подготвена, позицијата ни е јасна и преговорите продолжуваат. Рок за решавање на овој спор е средбата на врвот на НАТО од 2-ри до 4-ти април“.
Портпаролот на Стејт Департментот, Том Кејси, не ја исклучи можноста во Брисел американскиот државен секретар Рајс за проблемот со името да има консултации со Бакојани, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. Тој повтори дека Рајс и претходно, а особено сега, бара од министрите за надворешни работи Бакојани и Милошоски да продолжат да се обидуваат, заедно со медијаторот Нимиц, да најдат решение за проблемот. Прашањето за името е исклучително важно не само за САД, туку и за сите други членки на НАТО, изјави Кејси.
Грчкиот премиер Костас Караманлис, повеќе за „внатрешна употреба“ отколку за „меѓународниот фактор“, испрати уште една во низата уценувачки пораки, додавајќи дека грчката влада немала притисоци од никого за прашањето за името:
„Не чувствувам притисок од никаде. Имаме многу јасна политика кон Скопје, им го кажавме тоа многу јасно, со искреност и отвореност, на сојузниците, на пријателите и, ако сакате, и на Владата на засегнатата земја. Мислам дека е многу јасно- сакаме да одиме кон компромис, сакаме да се најде решение, но ако не се најде, поради евидентна одговорност на другата страна која не сака да одговори, која не сака да изоди половина од патот до заеднички прифатливо решение, тогаш Грција не може да каже “да“ за покана за НАТО“.
Специјалниот посредник на ОН Метју Нимиц одново дојде во Скопје и имаше средба се претседателот Црвенковски, премиерот Груевски, шефот на дипломатијата Милошоски и македонскиот преговарач Димитров. По средбата тој даде изјава за медиумите и замина за Солун:
„Им ја кажав мојата перцепција за тоа каде сме по средбите во Њујорк, од пред неколку дена. Тие ми го пренесоа ставот на Владата, многу детално. Очигледно е дека овде постои огромен интерес за решавање на
овој проблем. Многу интензивен интерес, ги разгледавме сите можности. Не дадов нов предлог. Овдешната Влада има сериозни проблеми со мојот предлог од 19-ти февруари. И другата страна има сериозни проблеми со него. Ги разгледавме сите идеи… Постоеше јаз помеѓу двата става и тој јаз уште постои. Тоа се две позиции, а подобрата ќе го реши овој проблем. Тоа се различни гледишта на историјата, но обете земји сакаат да завршат со тоа. Најневеројатното нешто кога ќе отидам во Атина или кога ќе дојдам во Скопје е тоа што имам чувство дека луѓето сакаат да речат оти тоа е спор кој сакаат да го остават зад себе. Сепак, решенијата се уште се различни. Не донесов нов предлог. Зборувавме за нови идеи. Ќе одам да го информирам амбасадорот Василакис во Солун“.
Дали е „позитивно“ примена пораката што во заедничка статија во пишаните медиууми во Македонија, Албанија, Хрватска и Бугарија ја испратија шефовите на дипломатиите? Судејќи според „премолкот“, засега не. А таа не е без „значење“. Еве некои акценти:
„Во почетокот на април НАТО има можност да се прошири со три нови земји членки од ЈИЕ. Тие земји се Република Албанија, Република Македонија и Република Хрватска, т.н. Јадранска тројка. За да се оствари ова, тие се целосно свесни дека треба да продолжат со своите напори до самитот на НАТО во Букурешт, со цел да ги завршат преостанатите задачи и на сојузниците да им испратат уверлив сигнал дека нивните реформи ќе
продолжат и откако членството ќе стане факт.
(…)
Здружената работа за остварување на заедничките цели и сојузничките одговорности бара поголема конструктивност, регионална соработка и добрососедски односи преку партнерство и соработка, а не преку призмата на историско соперништво.
(…)
Придобивките од колективната безбедност се големи и во мирни времиња. Тие претполагаат начин на размислување и јавен став кои се отворени и втемелени на доверба помеѓу сојузниците. Ова ќе ја подобри атмосферата во Југоисточна Европа. Проширувањето на НАТО и на ЕУ играат голема улога во менувањето на колективниот начин на размислување во ЈИЕ. Пристапувањето кон најмоќниот и најуспешен одбранбен сојуз во историјата, кој следната година ќе ја прослави својата 60-годишнина, не е само прашање на цивилизациски избор, туку и на преземање на сериозни одговорности, како и ангажирање за сериозен придонес кон преобразбата на Алијансата.
Преобразбата се наметнува од неопходноста да се градат капацитети за ефикасно соочување со новите безбедносни закани кои ги надминуваат националните граници. Неопходно е засилување на политичките и оперативните ангажмани, како и натамошно зајакнување на оперативните способности и сознавање на еден сеопфатен пристап, како што се географијата и карактерот на соработката.
(…)
Земјите од Јадранската група знаат дека преземениот ангажман за конструктивна регионална позиција, соработка и добрососедски односи треба да се докажува секој ден со конкретни активности. ЈИЕ заслужува
светла иднина и ќе ги вложиме сите наши напори за да се оствари тоа. Патот кон ваквата иднина води низ членството во НАТО.
На крај, убедени сме дека проширувањето на Алијансата со јадранската тројка ќе биде од дополнителна вредност не само за стабилноста во регионот, туку и за способностите на НАТО во Југоисточна Европа“.
Дека е нужно час поскоро македонскиот државен врв да излезе со наведениот став (од почетокот на текстов), односно со силата на аргументот, „потврдува“ и „непријатната“ изјава на „пријатниот пријател на Македонија“, еврокомесарот за проширување Оли Рен. Имено, тој без „дипломатски ракавици“ предупреди на можноста од вето на Грција и во ЕУ (освен во НАТО):
„Сите одлуки што се однесуваат на прашањата на ЕУ и НАТО бараат едногласност…Грција е посветена на европските аспирации на ФИРОМ и ние сакаме да ја видиме земјата да се придвижи кон ЕУ, но ако не го решат прашањето за името, се плашам дека ќе има негативни последици во ЕУ и НАТО“.
Аналитичарите со право веднаш оценија дека ова „предупредување“ е во тотална контрадикција со клучните „дополнителни“ приоритети кои на Македонија и беа соопштени (како услов за добивање на датум за
преговори), а претставуваат само негова „додавка“: имплементација на сите обврски преземени со Спогодбата за асоцијација и стабилизација, дијалог помеѓу политичките партии, имплементација на Законот за полиција, законодавство за антикорупција, реформа на судството, на јавната администрација, мерки во политиката на вработување, подобрување на бизнис средината.
Би било добро кога би можел „некој“ да го „натера“ Рен да одговори: која е таа Влада што би можела сето тоа да го исполни за само неколку месеци, односно до крајот на годинава (па да „помогне“ при нејзиното формирање). И зошто се тие „дополнителни“, кога во „истите“ самиот констатира дека е постигнат „виден напредок“?






