Ново име за Република Македонија со географска одредница
По средбата во седиштето на ОН во Њујорк помеѓу Нимиц, Василакис и Димитров, што започна во пријатна атмосфера, медијаторот Метју Нимиц даде изјава во која потенцира дека понудил нов, само еден предлог во кој има елементи на стари, претходно дадени предлози. Според него, тој е фер, чесен и разумен.
Нема временски лимит за одговор во ОН, но поради самитот на НАТО и грчките закани Нимиц се надева на брз. Тој останува во контакт со Василакис и Димитров и доколку има позитивни реакции за предлогот што уште не се прецизира, подготвен е за нови средби. Предлогот не е 100% прифатлив за Грција и Македонија, но тој се надева дека ќе биде разгледан сериозно:
„Решението мора да биде преку компромис. Не е 100% од оние што би го сакале Атина и Скопје. Мислам дека она што им го предложив на страните е фер и чесно. Ја вклучува географската димензија. Се надевам дека двете Влади ќе го разгледаат сериозно и ќе размислат на позитивен начин.
Мислам дека двете влади треба да ги препознаат ризиците ако спорот не се реши. Двајцата претставници ги изложија ставовите на двете Влади кои се такви што не се постигна согласност, во изнаоѓање име прифатливо за обете страни“.
Отсега натаму, според медијаторот, решението не зависи од него, туку исклучиво од двете земји.
Не е познато дали единствениот предлог ќе биде во употреба во сите меѓународни организации и во билатерална употреба или, пак, ќе има различни модалитети на кој начин ќе се употребува.
Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во интервју за тиражниот „Вашингтон тајмс“ изјави дека Македонија нема илузии дека средбата во Њујорк може да донесе значителен напредок. Земјата нема големи очекувања, изјави Милошоски, кој во телефонското интервју од Скопје додал дека е свесен за планот на Грција да ја злоупотреби својата позиција во НАТО и ЕУ и да стави вето за македонското членство во Алијансата. Претходно, во изјава за вашингтонското биро на агенцијата „Асошиејтед прес“, Милошоски рече дека постои можност земјава да прифати друго име, освен уставното, кое би го зачувало достоинството и би се употребувало во меѓународна употреба.
Одлагање на поканата за НАТО за неколку месеци и нова рунда на преговори, која ќе мора да заврши до септември, е една од најверојатните опции која се подготвува од страна на САД, чијшто
претседател, според изјавите на портпаролот на Стејт Департментот, се уште верува дека има доволно време да се најде решение за спорот до
2-ри април. Од дипломатски извори се дознава дека американскиот Стејт Департмент веќе работи на ново алтернативно сценарио, доколку во наредниве неколку денови ставовите помеѓу Атина и Скопје останат
спротивставени.






