Продолжуваат собраниските „битки“
Редовната месечна седница на Собранието на Македонија за пратенички прашања од опозицијата одново беше искористена за „битка“ со власта, односно за евтин- приземен политички (опозиционерски) маркетинг. Очигледно, избраните од „народот“ треба да се потсетат дека пратеничките прашања не се нивни, туку „негови“.
Едноставно речено, пратениците се должни да бараат одговор од Владата на прашања што им ги поставуваат нивните „бази“. И ништо друго или трето, петто, десетто…најмалку за случаи кои дури штетат на угледот на државата и влијаат на „деликатниот момент“ во кој таа се наоѓа.
Овојпат обвинувањата (а не пратенички прашања- поставените беа „во меѓувреме“) беа „посветени“ на најновиот инцидент- обидот за каменување на Грчкиот конзулат (спречен од полицијата), по митингот за одбрана на името Македонија на плоштадот „Пела“ во Скопје.
За опозицијата власта потфрлила во заштитата на странските амбасади (значи, не само на грчката, што е секако без никакво „покритие“, а само го поптврдува евтиниот- приземен маркетинг). За Владата, пак, некои од партиското обезбедување и симпатизери на СДСМ се креатори на инцидентите.
Најнапред, веќе очекувано, редовно, во познат „стил“ настапи лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска:
„Кога во една држава, како што е нашата, и институциите на системот, МВР и удира нож во грб на својата држава и на нејзините интереси, е тоа е веќе велепредавство…Господин Премиер, кажете ни дали е ова планот „Б“ кој го подготвувате и кој што го најавувате неколку недели за да се спасите од катастрофалните резултати од Вашата политика, за да го покриете фактот дека Македонија никогаш не добила толку лош предлог за името“. Со веќе исто така редовна „порака“ на крајот: „Срамота“; поначесто: „Срамете се“. Што е особенои „интересно“, бидејќи во изминатите деценија ипол (и „малку повеќе“) се „срамеше“ единствено народот затоа што има(ше)- избира(ше) такви- вакви, „бесрамни“ политичари.
Одговарајќи на обвинувањата, Никола Груевски „ладнокрвно“ и “достоинствено“ ја предупреди:
„Непријатно е за државата, не за вас. Непријатно е за државата што се зборува дека во тие групи имало и луѓе кои што биле во некои партиски обезбедувања. Тоа е лошо за земјата, што се инволвирани луѓе од партиско обезбедување“.
Шеќеринска побара од министерката за внатрешни, Гордана Јанкуловска, да ги презентира доказите за обвинувањата, а од Груевси да ја смени.
Јанкуловска и покажа (од говорница) еден документ (партиско барање- допис- интервенција за еден од организаторите-приведен од МВР), со „коментар“:
„МВР не води евиденција на членството на политичките партии. Меѓутоа, во согласност со реакциите на одредени политички партии, кои во минатото во слични прилики и ситуации кои се однесуваат токму на истата толпа на лица, бара сопартиски дописи, МВР да ги извести дали лицата учествувале“.
Во „меѓувреме“, Никола Горгиев, алијас „Командант Коки“ (од СДСМ) беше однесен пред истражен судија. Тој е еден од 8-темина приведени по завршувањето на протестот. Според полицијата, Горгиев е уапсен на потегот од улиците „Ленинова“ и „Партизански одреди“ поради тоа што, како што велат во МВР, поттикнувал лица да фрлаат камења. Полицаецот кој се обидел да го легитимира бил удрен од Горгиев, по што е тој уапсен.
„Тој се обиде да попречи извршување на службени задачи од страна на припадниците на МВР и е приведен во полициската станица. Против него ќе биде процесуирана кривична пријава“, изјави Јанкуловска.
Да потсетиме, на 27.02., по одржувањето на митингот, околу 600
граѓани, главно млади лица, од плоштадот „Пела“ се упатија кон Грчкиот конзулат и се обидоа да го каменуваат. Со брза интервенција на
специјалните сили на МВР на толпата прво и беше оневозможен пристап кон амбасадата, а потоа таа беше разбиена. Ситуацијата почна да се нормализира по 21 часот.






