Најреално и најлогично: прекин на преговорите со Грција
Откако вчерашната рунда на преговори во ОН не донесе значителен напредок, разговорите за името не запираат, продолжуваат на американско тло, но во поинаква форма и од нова локација. Од денеска дипломатските игри околу решението за името се селат во Вашингтон, каде што се во тек интензивни консултации помеѓу високи грчки дипломати и претставници на американскиот Стејт департмент.
Од друга страна, на домашната сцена се погласни се политичарите и стручњаците кои го споделуваат мојот став искажан на овој сајт пред неколку месеци (во меѓувреме го прифатија- присвоија и други): дека преговорите со Грција во врска со нејзиниот проблем со уставното име на нашата држава треба да се прекинат. Особено сега, по одбивањето на Грција на единствениот предлог на медијаторот Метју Нимиц.
Прифатлив е и ставот на премиерот Груевски за пролонгирање на таквата одлука на Република Македонија- по состанокот на НАТО во Букурешт, доколку Грција ја оствари својата закана за вето на поканата за членство во Алијансата.
Предлогот Република Македонија (Скопје) во англиска верзија за меѓународна употреба во САД се смета за многу поповолен за Македонија отколку претходните. Според американски извори, ова е добра шанса Македонија да го зачува своето достоинство и со влезот во НАТО да ја обезбеди сопствената и регионалната стабилност.
Аргументите дека се работи за про-македонски предлог се наоѓаат во фактот што со македонската верзија на уставното име за внатрешна употреба од земјата не се бара да го менува Уставот. Добра страна е и тоа што земјите кои билатерално ја признале Македонија под уставното име нема да бидат под притисок да ги менуваат своите одлуки.
За неутрални се сметаат предлозите според кои никој нема да може кон земјата да се обраќа само со Македонија и неексклузивната употреба на термините „Македонија“ и „македонски“, кои ќе можат да ги употребуваат и Грција и Македонија.
Барањата на Нимиц Грција да се обврзе да ја помогне Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, како и за јавна декларација за пријателство, се сметаат за сериозен дел од предлогот кој треба да обезбеди блиски односи помеѓу двете земји во иднина.
Засега нема детали на кои делови од предлогот се однесуваат уставните промени кои се предлагаат, а со кои двете земји ќе гарантираат дека наскоро ќе го спроведат евантуалниот договор.
Грчките медиуми излегоа со констатација дека посредникот во преговорите за името со овој најнов и најверојатно последен предлог ќе ја затвори својата актовка, со што и двете страни ќе ги стави пред свршен чин. Но, грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани не мисли така:
„Новиот предлог на Нимиц е далеку од целите на Грција. Преговорите ќе продолжат и за новиот развој ќе го информирам Претседателот на републиката и лидерите на партиите. Ако нема заемно прифатливо решение за името, Грција не може да се согласи на партнерски односи со Скопје“, изјави таа.
Бакојани вчерашната изјава на премиерот Груевски, дека грчкото вето за прием на Македонија во НАТО ќе доведе до прекин на преговорите, ја оцени како контрапродуктивна и оти таквите изјави не помагаат, бидејќи предвреме ги осудуваат на неуспех преговорите.
По вчерашниот предлог на Нимиц, кој неочекувано за Атина бил поблиску до ставовите на македонската страна, грчката страна се обидува да го убеди Вашингтон дека одлуката за вето е исправна, а тоа не треба да ги загрози грчко-американските односи.
Американскиот Претседател, пак, смета дека се уште има време, до 2-ри април, двете земји да најдат заеднички прифатливо решение.
„Продолжуваме да ги охрабруваме Грција и Македонија да постигнат договор пред самитот во Букурешт, за да можеме да се справиме со ова прашање пред самитот. Но, доколку трае цело време, ако трае и по почетокот на самитот на НАТО, тогаш таа одлука ќе падне таму. Се разбира, претседателот Буш верува дека тие ќе можат да го решат ова“, вели Дејна Перино, портпарол на Белата Куќа.
Пораката на Буш пренесена преку неговите портпароли се толкува како директно барање на американската администрација до Владите на Грција и Македонија до самитот на НАТО да останат активни во процесот на разговори за името.
Се разбира, во Вашингтон се размислува и за алтернативни планови.
Се очекува во наредните 48 часови ситуацијата да биде многу појасна, откако македонскиот и грчкиот преговарач, Димитров и Василакис, детално ќе ги брифираат Владите во Скопје и Атина за разговорите на Ист Ривер.
Грчки дипломатски извори лиферуваат информации дека САД веќе разработиле две сценарија. Според краткорочното, во наредниве неколку дена, под координација на Америка треба да дојде до уште една средба помеѓу Бакојани и Милошоски и високи американски дипломати. Потоа, доколку има некаков напредок, во Букурешт би се сретнале премиерите Груевски и Караманлис. Дури и ако нема договор, двете страни ќе треба јавно да порачаат дека остануваат да работат на пријателски односи во иднина. Според второто сценарио, во заклучоците на самитот во Букурешт би се спомнало дека Македонија, подеднакво како и Хрватска и Албанија, заслужува да биде дел од Алијансата и оти нејзиниот влез зависи само од решение на спорот со Грција. Во тој случај, најдоцна до септември двете земји ќе мора да најдат решение, при што не се исклучува и организирање на преговори, слични на српско-косовските во Виена.
Поранешниот американски државен секретар Лоренс Иглбергер, во интервју за „Дојче веле“, разговорите помеѓу Скопје и Атина ги нарече смешни, додавајќи дека тој е оптимист оти Македонија ќе добие покана на престојниот самит на НАТО:
„Се додека македонската страна е подготвена да прифати некој предлог
со додавка кон името Македонија, мислам дека шансите се многу добри и дека преговорите ќе доведат до решение. Не мислам дека САД ќе прифатат Грција да остане на својата тврда позиција, која под ниту едни услови не сака да и дозволи на Македонија да стане дел од НАТО. Очекувам да се постигне некаков компромис со кој ќе и се дозволи на Република Македонија да продолжи да го употребува своето име, но со некаква додавка“.






