Државниот врв запознат со „грчко-Нимицовите“ предлози за ново име на Македонија
Претседателот Црвенковски и премиерот Груевски разговараа за предлозите на Нимиц дадени на последната виенска рунда на преговорите, а по средбата немаше изјави. Учествуваа и шефот на дипломатијата Милошоски и преговарачот Никола Димитров.
Премиерот Груевски веќе се изјасни- дека предлозите Горна, Нова и Република Македонија- Скопје не содржат ништо ново. Тие и порано биле на маса, но биле отфрлени. Црвенковски, пак, вчера не ги коментираше со образложение дека сака од преговарачот Димитров да ги чуе сите детали. Притоа истакна дека решението мора да е заемно, разумно и прифатливо.
Денеска Груевски, наместо на заеднички, како што досега беше вообичаено, ги повика на одвоени средби лидерите на ДПА, ДУИ и СДСМ.
Тачи целосно ја поддржа Владата во стратегијата за името, Ахмети рече дека бил информиран, а Шеќеринска дека е потребно единство.
„Денеска Груевски сакаше само да информира и не бараше поддршка, ниту бараше сугестија или критика. Сметам дека тоа не е доволно и очекувам дека до понеделник ќе имаме лидерска средба на која што ќе кажеме и наши позиции, на кои што можеби и Владата ќе излезе со формален став, бидејќи, колку што знам, Министерството за надворешни работи брифираше за став. Меѓутоа, јас не чув дека таков став постои во Владата, ниту сум чула дека Владата вчера на седницата донела одлука, ниту, пак, сум слушнала дека таа одлука ја усогласиле, на пример, Премиерот и Претседателот“, вели Шеќеринска.
Интензивните дипломатски консултации за името продолжија и денеска. По вчерашната средба на Груевски со американската амбасадорка Миловановиќ, во скопското кафуле „АБЦ“, средба имаа преговарачот Димитров и заменикот на амбасадорката Миловановиќ. Деновиве ќе има заедничка лидерска средба на која треба да се дефинира конечната позиција пред преговорите во Њујорк и најавената средба на шефовите на дипломатиите на Грција и Македонија, што би се одржала во Словенија.
Директното вклучување на Вашингтон во потрагата по компромис за
името ја потврдува и најавата дека лично претседателот Буш ќе организира средба на Груевски и Караманлис, ден пред или на самиот
самит во Букурешт.






