Очекувано: безвизен режим на Македонија со Албанија
Она што подолго време се најавуваше е веќе договорено: државните секретари на министерствата за надворешни работи на двете соседни држави лесно, без никакви дилеми и проблеми, ја завршија поставената задача- го усогласија текстот на билатералната спогодба. Дотолку полесно што таа се сведуваше на „обична“ проверка дали некоја од одредбите на спогодбата не е во спротивност со договорот за визно олеснување на Македонија со ЕУ.
Игор Илиевски, државниот секретар во МНР на Македонија, изјави дека државјаните на двете држави ќе можат слободно да патуваат и да престојуваат (во другата држава) во период од 90 дена, во рамки на 180- дневен период.
Она што претстои во наредниот период (на 18-ти или 19-ти февруари) е во Тирана македонскиот и албанскиот премиер, Никола Груевски и Сали Бериша, освен спогодбата за укинување на визите, да потпишат и протокол за зголемување од 10 на 20 километри на пограничната област, каде што жителите ќе можат да ја преминуваат границата само со лични карти.
Според Ферид Хоџа, генерален секретар на МНР на Албанија, олеснувањето е предвидено за луѓето кои живеат на десната страна на границата, во смисла на движење, секојдневна работа, но не и за постојано вработување.
Со билатералната спогодба е предвидено државјаните кои ќе го продолжат престојот повеќе од 3 месеци или работат нелегално, да можат да бидат казнети според законите во земјата каде што ги прекршиле правилата на безвизниот режим.
Се покажа дека она што и претходеше на спогодбата- одлуката на Владата на Македонија на албанските државјани, како и на македонските, да не им се издаваат визи на граница (што произлегува од договорот за визно олеснување со ЕУ), претставуваше само „вовед“ во „најдоброто решение“- безвизен режим, какво што би посакале со сите наши соседи.
Се разбира дека одлуката е политичка (за да не се нарушат добрите соседски дноси со Албанија), но треба да се имаат предвид и предупредувањата од страна на бизнисмените за помал промет помеѓу двете држави. Оттука, не е јасна реакцијата на опозицијата, конкретно на лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска (ја оценувам како политички
недугава), имено дека Владата на Груевски (парафразирам) направила уште еден лош и штетен политички „недобрососедски“ потег (укинување на давање визи на граница) кој, „притисната“ од коалициониот партнер ДПА, „морала“ да го „поправи“. Кога е „кристално“ јасно дека секое друго решение, освен безвизен режим, не може да претставува „поправка“ на она што го наложува договорот за визно олеснување со ЕУ. Недугавоста е во тоа дека токму Шеќеринска во претходната Влада на Бучковски беше „евроинтеграторка“, па не е верно дека тоа не и е познато.






