На удар: македонската мултиконфесионалност и мултикултура
Во изминативе денови и недели следиме мошне засилена партиска актривност во врска со една иницијатива на Владата на Груевски (веќе во првична реализација- објавен е меѓународен конкурс за идејно решение), која удира врз „најмекото ткиво“ на македонскиот соживот (доколку се согласуваме дека тој се уште постои во суштинска смисла).
Всушност, поради евтин, поточно приземен, недостоинствен, дури може да се нарече вулгарен партиски маркетинг, во врска со проектот за обновување на црквата на плоштадот „Македонија“ на местото на која постоела (зошто не и некој метар подалеку?), потоа, како реакција, со иницијативата за обновување и на големата џамија во Тетово, па и на други во меѓувреме (и џамија и католичка црква на плоштадот во Скопје), некои од опозицијата (на прес ЛДП) побрзаа тоа да го оценат како „уште еден доказ за самоволието на премиерот Груевски и безмилосното трошење на пари“; уште повеќе, дека се работи за „директен упад во уставниот поредок и уривање на државниот политички систем“(?!). Идејата за црквата на плоштадот „Македонија“ ЛДП ја смета за „мегаломанска“ (иако, да потсетам, црквата што се сака да се обнови била и ќе остане мала), а побара од МПЦ да не дозволи да биде дел од политичкиот маркетинг на Владата.
И најприземниот, највулгарниот партиски маркетинг: „Дали не е поцелисходно и приоритетно во овој момент да се градат и
обноват училишта и болници, да се инвестира и стимулира во нови работни места и на крај дури и да се обештетат стечајците коишто повеќе од една година се пред Собранието“, изјави Роза Топузовска Каревска, ЛДП.
Зошто тврдам дека е тоа најприземен, највулгарен маркетинг? Едноставно, затоа што, за да се заземе „заштитнички гард“ во „одбраната“ на народот, кој и од „цитираната“ и од сите други досегашни партии на власт е доведен до „просјачки стап“, се мешаат „баби и жаби“, се „контрираат“ духовното и материјалното, трајното и минливото (моментното), ежедневното (со „една употреба“) и вонвремено вредното.
(Патем, како потсетување на „подзаборавените“: токму во времето на претходната Влада, во која партиципираше и ЛДП, меѓу другото сосема нелегално во скопската населба „Тафталиџе 2“ се изгради нова џамија; поради тоа имаше и „сериозна иницијатива“ за нејзино уривање, но таа се уште буквално блеска со својата белина.)
Се разбира, ова не е моја одбрана на Владата, туку само укажување на „бедата на филозофијата“ на опозицијата. Кога таа не би била тоа, тогаш пред да се „изрази“ би се потсетила на 365-те цркви што постоеле во Охрид (да, точно, тогаш не се „инвестирало во обновување на училишта и болници, во нови работни места“, уште помалку во „обештетување на стечајци“), потоа на 20-тината цркви што постоеле во Скопје (пред земјотресот, кога имал 30-тина илјади жители), и оти токму духовното (во негови рамки и религијата- верата) било единствената одбрана во најтешките, судбинските, опстојувачките моменти на овој народ, односно на граѓаните на Македонија (од сите конфесии).
Се поставува едно мошне „интересно“ прашање: зошто на сличен начин не се реагираше на обновата на црквата „Света Богородица“ во Скопје- да му се „сугерира“ (навреме) на ктиторот Трифун Костовски парите да ги троши на „приоритетните цели“ според опозицијата?
Од Владата одговорија дека на овој начин се унапредуваат националната култура и верските права на сите заедници (што е сосема точно и никој сериозен не може да го оспорува). Сакрални објекти на плоштадите постојат во речиси сите престолнини во Европа.
„Без разлика дали се протестантски, дали се православни, дали се католички, дали таму има либерални, дали таму има социјалдемократски, дали има конзервативни влади“, рече Ивица Боцевски, портпарол на Влада на РМ.
Сосема е друго прашањето колку темелно се пристапило кон идејата за обнова на сакрални објекти (од сите вери- религии) таму каде што некогаш постоеле (или во нивна близина); колку нивната изградба треба да биде поттикната (почетна инвестиција) или целосно финансирана од Владата, а колку на други начини (ктиторство, донаторство итн.); какви се реалните можности за тоа (не потреби); колку се консултира стручната јавност итн. Меѓу другото, поради она што како реакција уследи потоа: покренување на ДУИ на интерпелација за министерот за култура Арифихмет Џемаили (наводно затоа што црквата ќе се градела на место каде што било предвидено, пред две години, изградба на меморијална куќа на Мајка Тереза“; ДУИ отиде дотаму во својата „загриженост“ што дури испрати писмо и до Ватикан, од кого бара помош од папата да го употреби своето влијание за да се спречи намерата на Владата да изгради црква врз спомен плочата на Мајка Тереза), кој возврати со „жешка шлаканица“:
„Барањето на опозицијата за моја интерпелација е нејзино демократско право. Изградбата на црква на плоштадот е одлука на Владата, како што исто така е одлука на Владата за изградба на урнатата џамија во Тетово. И јас не гледам ништо лошо во изградбата на овие храмови“.
Се разбира, очекувана и наместо е оценката на Исламската верска заедница дека со возобновувањето на урнатата Чарши џамија во центарот на Тетово ќе се исправи огромна неправда нанесена на муслиманите:
„Уривањето на Чаршиската џамија, односно Тупан џамија, од страна на поранешниот тоталитарен систем беше една од најголемите неправди во историјата што ги погоди верниците на овој крај“, изјави Намик Џафери, секретар на Тетовското муфтивство.
Чарши или Тупан џамијата потекнува од 16-от век. Била реконструирана во 19-от, а урната во 1965-та година од тетовските локални власти при уредување на централното градско подрачје.
Нужно е со сериозна, аргументирана расправа да се одговори и на барањето на 45-те здруженија на граѓаните со муслиманска вероисповест: премиерот Груевски итно да ја смени одлуката на плоштадот „Македонија“ да се изгради само црква, односно во центарот на Скопје да биде изградена и урнатата Бурмали џамија.
Сериозна „опозиционерска“ дебата сигурно би исфрлила на „површината“ и низа други прашања и дилеми кои би морале претходно (пред да се почне со градбите) да бидат расчистени. Меѓу другото, на пример, да не се случи она што му се „случи“ на крстот на Водно, со доаѓањето на СДСМ- овската власт: некоја нова (опозиционерска) партија да победи на избори и да остави такви објекти на забот на времето поради сопствените „приоритети“.
И сосема на крајот од овој прилог: никаква партиска позитивна или негативна реакција немаше по повод обновувањето и осветувањето на катедралната црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“, заштитничка на Скопје. Црквата, која била запалена кон крајот на Втората светска војна, урната во земјотресот, а чиј ктитор е градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски. Поради заслугите, архиепископот Г.г. Стефан го одликува со Орден „Свети Климент Охридски“ од прв ред.
„Петта страна на светот“? Да не грешам? Обновувањето на сакрални
објекти (од сите вери- религии) да не треба да биде на „првата“? Веројатно грешам, ама имам „оправдување“ во ова политикантско и
деструктивно време што го живееме. Кое го загрозува дури и националниот идентитет за сметка на „највисоката цел“- евро- атлантско интегрирање на Република Македонија.






