Историски „бисер“ на будала или „дунстер“ по историја
„Во македонската историја има многу противречности, па треба да бидеш будала за да не разбереш дека, доколку си Словен, не можеш да бидеш Македонец и да го присвојуваш Александар Македонски“.
Ова пред некој ден на водечката албанска телевизија „Топ Ченел“ го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според него, доколку некој треба да го присвои Александар, тоа не се Македонците, туку Албанците, поради тоа што неговата мајка Олимпија била од илирско потекло.
Дека навистина се работи за „будала“ односно „дунстер“, не треба многу напор за докажување. „Противречен“ е самиот Ахмети. Доволно е само да (му) се постави едно реторичко прашање: ако „доколку си Словен, не можеш да бидеш Македонец“, дали е можно да бидеш Албанец доколку си ‘Илир’“?
А може и едно „посериозно“ прашање: дали Али Ахмети може да посочи макар еден пример на населување на „чиста“ територија од некои „преселници“ (преселбата на Словените на Балканот, следствено и во Македонија)?
Или: дали Албанците (односно„ неговите“ Илири) се населувале во минатото, се населуваат и денес (се уште) на такви- „чисти“ простори во Македонија и регионот?
Му препорачувам на лидерот на ДУИ да почне да ја чита- да ја учи историјата на балканските народи, и тоа почнувајќи од учебниците за основно образование.






