Што со спорот за името?
Во последниве денови и недели (па и месеци) Грција интензивира два „фронта“ во однос на спорот со Република Македонија околу нејзиното уставно име, а кои постојано ги држи „отворени“ во изминативе деценија ипол: лобирањето и тајната дипломатија.
Иако некои мислат дека тие се „последните“ кои Атина чувствува дека ги губи, очигледно е дека, напротив, додека траат, таа најверојатно ќе „отвори“ нови. Во меѓувреме двата (подеднакво) допрва ќе добиваат на жестокост.
Она на што „мудро“ опстојуваа(т) македонските власти (сите досегашни, па и актуелната), се покажува наивно, па и инфантилно: „времето работи за нас“. Никако да научат дека тоа- времето не е „растеглива“ категорија. Особено во политиката.
Во изминатиот период лобирањето на Атина не беше попречувано од никого и со ништо, па, се разбира, беше мошне ефикасно. Притоа, не се работи за тоа да се дојде до конечното компромисно решение што ќе ги „задоволи“ обете страни (за какво „задоволство“ на Македонија може да стане збор ако прифати да го смени уставното име?), бидејќи Грција добро знае дека до такво не може да се дојде, туку да се држи состојбата статус кво: во сите процеси што во меѓувреме (ќе) се одвиваат во непосредното опкружување нашава земја да „ја држи“ настрана.
Македонија е немоќна на тој план, макар што, за волја на вистината, треба да се „регистрира“ будењето на наши сонародници, особено во САД, кои исто така почнаа да дејствуваат односно да лобираат за отфрлање на спорот како апсурден. Засега скромно, затоа што од својата матична држава не добиваат речиси никаква поддршка и помош. (Таа е толку скромна што не може да се третира ниту како симболична).
Дека Атина во лобирањето досега постигнуваше, а сега постигнува се повеќе успех, говори последното (02.04.) пишување на грчкиот весник „Катимерини“ (тоа е дежурна тема на сите грчки информативно- политички весници и списанија):
Атина преку американскиот Конгрес и НАТО лобира за дополнителен притисок врз Скопје, со цел да се избегне евентуален неочекуван потег на Вашингтон во врска со спорот со името на Македонија.
Весникот тврди дека грчката Влада ја предупредила администрацијата на претседателот Буш и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, дека нема да го ратификува членството на Македонија во НАТО ако претходно не биде изнајдено решение на проблемот со името.
Поранешниот американски државен секретар Колин Пауел, пак, во интервју за истиот весник вели оти тој е заслужен за признавање на Македонија под уставното име во 2004-та година, а одлуката е донесена за намалување на тензиите во земјата.
Дека ништо не значи „признанието“ на Пауел (освен можеби како потсетување на Македонија да му оддаде „соодветно“ признание), односно дека признавањето на САД на уставното име кое, патем, во Македонија од нашите политички „експерти“ (пред се „блиски“ до СДСМ) беше примено со нескриена еуфорија, имаше еднократна (безболна) употреба, потврдува изјавата на американскиот државен секретар Метју Брајза за истиот грчки весник (12.03.): САД сакаат да се реши спорот што Грција го има со северниот сосед за името на Македонија.
Да потсетам:
Запрашан дали Македонија може да влезе во НАТО без пред тоа да биде решен спорот за името со Грција, Брајза вели дека прашањето не зависи од САД, туку од Грција.
„Грција е членка на НАТО, суверена држава и пријател. Во НАТО одлуките се донесуваат едногласно и секоја држава има право да блокира конкретен чекор“, нагласи Брајза. Според него, Грција сака Македонија да влезе во НАТО и е најголем инвеститор кај северниот сосед.
Со изразената „желба“ навлегуваме во вториот „фронт“, а во кој Македонија, судејќи според се, е нем посматрач (или е „зборлест“ само пред себе си): тајната дипломатија.
Треба да се потенцира дека таа воопшто не е „јавна“ („јавна тајна“), како што некои кај нас се обидуваат да ја прикажат. Оти кога би била таква, САД сигурно не би останале на „сакањето“, туку би се ангажирале непосредно и конкретно (на пример, со дипломатијата „стап и морков“, при што однапред се знае кој ќе го „јаде стапот“), за конечно да се престане со чекањето спорот „да се реши“ (може ли самиот?).
Она што значи „подоткривање“ на тајната дипломатија е пораката упатена на македонската страна: Грција има право (најверојатно тоа и ќе го стори) да го блокира приемот на нашава земја во НАТО. Ако Република Македонија односно ПЈРМ не сака тоа да и се случи, не треба да заборави дека Грција „е најголем инвеститор кај северниот сосед“.
Интензивирањето на двата „фронта“ во наредниот период го најавија токму САД, со назначувањето на американскиот дипломат Лин Песко за надгледувач на преговорите за името. Всушност, тој добива улога на претставник на кабинетот на Генералниот секретар на ОН, а Метју Нимиц останува главен преговарач.
Интересно е тоа што написите во грчки и американски медиуми, во кои беше објавено ова (пренесено на 23.03.), МНР ги демантира прилично „невешто“: дека тој не е „нов преговарач“, што е точно и не е спорно. Потенцирам, пренесено е дека е тој „надгледувач“, а тоа е исто, „само малку различно“.
Поважно од назначувањето (или не) на Песко е она што беше обелоденето на завршниот брифинг со медиумите по средбите во САД на Дора Бакојани: таа изјавила дека побарала Вашингтон да изврши притисок Македонија да го намали тонот и да покаже добра волја, притоа упатувајќи блага закана дека во спротивно би можела да се соочи со проблеми во НАТО интеграцијата. Оваа изјава се обиде да ја „амортизира“ портпаролот на американскиот Стејт департмент, Шон МекКормак, кој на грчките новинари во Вашингтон им објасни дека, за разлика од Грција, земјава за САД е само Македонија:
„Бакојани и Рајс разговараа за голем број билатерални прашања, за визите, тие исто така зборуваа за прашања поврзани со Македонија, за НАТО. Знам дека вие имате поинакво име за оваа земја, ние ја нарекуваме Македонија“.
Дека отфрлањето на спорот како апсурден е одамна изгубена битка, токму поради наивноста, инфантилизмот на македонската надворешна политика „игра на време“, а тој се чини дека влегува во
можеби последна фаза, неодамна (20.02.) пишуваше „Етнос“.
Потенцирајќи дека Владата во Атина наскоро ќе треба да донесе „критично решение“, грчкиот весник предупреди дека изборот на Атина да стави вето на членството на Македонија во НАТО и ЕУ може да ја турне грчката дипломатија во нова безизлезна ситуација, затоа што Грција си зеде за обврска да го поддржи влегувањето на Македонија во меѓународните организации, но под името „Поранешна Jугословенска Република Македонија“. Притоа се потсетува дека Македонија може да му се обрати на Советот за безбедност на ОН, а резултатот од тој чекор може да се претпостави затоа што 3 од 5-те постојани членки – САД, Русија и Кина, ја признаа земјата под нејзиното уставно име- Република Македонија. Тоа за Атина ќе биде и најпонижувачкиот крај на спорот за името, затоа што земјата ќе има две имиња, со оглед на тоа што само Грција и ЕУ, како колективен орган, нема да го употребуваат нејзиното уставно име.
„Етнос“ прогнозира дека е можно Владата во Атина да свика референдум по тоа прашање. Тој чекор на премиерот Костас Караманлис би можел да му обезбеди алиби, но во исто време ќе ја лиши грчката дипломатија од поголема флексибилност. Како можен исход, дипломати и препорачуваат на Атина да ги убеди Американците дека предупредувањата за ставање на вето на членството на Македонија се основани и во исто време со тоа да очекува дека Вашингтон ќе го притисне Скопје да седне на преговарачка маса за конечно решавање на спорот околу името.
Чудно, дури дилетантско, па и ступидно е реагирањето на опозиционата СДСМ (конкретно на нејзиниот „прв дипломат“ Илинка Митрева) за ситуацијата во овој момент (на која оваа партија како власт најмногу и „кумуваше“): со обвиение дека Груевски го понижил македонското достоинство, најавувајќи дека излезот од ситуацијата би можел да биде трговијата со уставнотo име; и со барање Владата на итна собраниска седница да каже дали го напуштила ставот за двојната формула. Нејзината во тонот прилично еуфорична, а всушност нервозна изјава (што не би требало да биде својствено за еден докажан дипломат):
„Никола Груевски понуди капитулација и на државата и на македонскиот народ, затоа што споредувајќи ја Македонија со глушец притиснат во ќош, без излез, тој го понижи македонското достоинство и се откажа од битката за името“.
(Споредбата тој ја направи во едно телевизиско интервју, напомнувајќи дека, парафразирам, можеби не е баш најсоодветна.)
Нападот продолжи и на последната собраниска седница посветена на пратенички прашања (29.03.): Митрева побара Премиерот да објасни за какви разлики помеѓу домашните институции, во однос на владината стратегија за името, станува збор (мислејќи на институции во државата) .
Очекувано, одговорот на Груевски беше остар:
„Тринаесет години некој ни цитира некакви нијанси да не извадат од изјавите, дали вие сте мислеле вака, дали некој друг мислел така. Tој друг, што мисли различно, или не мисли различно, пред 13 години прифати Македонија да ја крстат Бивша југословенска република Македонија и сега ни кумува тука во Македонија кој бил повеќе да се задржи уставното име, кој бил помалку“.
А колкава „тежина“ има следнава изјава, исто така како реакција на спомнатото обвинување:
„Работиме на сите страни и се надеваме дека, како времето ќе минува, така работите ќе одат во наша корист. Ние се бориме за една работа за која што Грција се чини дека однапред е свесна дека ќе го загуби тој спор, а ние однапред сме свесни дека нема да го загубиме“.
Деновиве слушаме и читаме, и од домашни и од странски „видни личности“, прилично воздржани изјави за очекуваната покана на Македонија за нејзино членство во НАТО во 2008-ма. Таа веќе не е сигурна, како до пред некој месец. Во овој контекст е и најновата „про и контра“ помеѓу Никола Димитров, владин координатор за НАТО и преговарач за името, и поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров.
Изјава на Димитров:
„Ќе стигнеме ако ги носиме одлуките одговорно и ако се посветиме на приоритетите, а мислам дека одиме во тој правец и имаме огромна шанса“.
Изјава на Димитров за проблематичните аспекти:
„Политичкиот контекст, политичкиот дијалог, функционирањето на политичкиот систем и манифестирање на зрелоста на македонската мултиетничка демократија. Бидејќи акцентот е на ова поле, низ таа политичка призма често се вреднуваат и другите постигнувањa“.
За неговите аргументи за дебакл на Македонија во НАТО:
„Би ги поделил на внатрешни и надворешни. Внатрешните аспекти се во фактот што од Акциониот план за членство РМ има многу малку исполнето, практично само еден дел од реформите во одбраната, но другите пет дела, кои што се суштествено значајни, што значат промени во политичкиот систем, во економскиот, комуникацијата и вкупниот капацитет на земјата за да стане членка на НАТО, ние сме далеку од нивното исполнување.Надворешните би ги ставил во функција на геостратешките интереси на земјите членки на НАТО. Се плашам, но мислам дека Македонија не е во нивниот приоритет“.
Димитров за неодамнешната изјава на Николас Барнс, третиот човек во Стејт департментот, дека Македонија и Албанија не заслужуваат се уште покана за НАТО, за разлика од Хрватска:
„Барнс пред таа изјава имаше едно обраќање, мислам дека беше во Вашингтон пред отприлика три недели, каде што зачленувањето на членките на Јадранската повелба – Македонија, Албанија и Хрватска, го стави во контекст на конечното стабилизирање на Балканот“.
Димитров:
„За жал, моите предвидувања се дека ние ќе бидеме оставени, како и за ЕУ, во еден повторостепен приоритет, условно да го наречам, каде што ќе се бараат некакви други геополитички, геостратешки солуции за целиот овој регион“.
И двајцата со заеднички став во врска со името: тоа не може да биде пречка за НАТО. Всушност, името е најмалата пречка околу која меѓународната заедница сериозно би ги кренала веѓите и би рекла „Не“ за Македонија во НАТО.

Ќе прифатиме ли членство како „виртуелна држава“ (ПЈРМ)? Се чини дека и на тоа сме подготвени. Што никако не би било во наша корист односно дека Грција ќе го загуби спорот.
Можеби во овој „интермедиум“ треба сериозно да се поработи на
меѓународна имплементација (ОН) на еден „несериозен“ предлог на
европски дипломат: да се отфрли ступидната референца ПЈРМ и да се замени (пак „привремено“) со ИЕРМ- Идна Европска Република Македонија. Со неа барем ќе се надмине „виртуелноста“.






