Прослава на 5- годишнината на Рамковниот договор

По малку чудно, па и апсурдно: прослава на „заокружен“ изминат период на реализација на потпишан документ организира „актер“ кој се борел со оружје в рака (но не за него односно за „спогоденото“, туку за сосема други цели), а не нејзин потписник или потписниците. Не станува збор ниту за некаква „артикулација“, меѓународно правно „формулирање“ на барања или услови (суштинското на договорот е подобрување на статусот на малцинствата за кои во вооружен „конфликт“ се бореа само припадници на едно!). Што, се разбира, не значи негација на правото да го прославува за што самата не знаела дека се бори (не мислам на „општата“ цел).
Не е на одмет да потсетам дека „конфликтот“ не го предизвика и водеше политичка партија (нејзина воена формација), туку воена структура, долго време и меѓународно третирана како терористичка, од која „изникна“, „произлезе“ албанскиот политички субјект ДУИ.
Уште почудно и поапсурдно е што потписниците не само што не ни помислуваат на такво нешто (да прославуваат), туку и не ја удостојуваат прославата со своето учество. Како да чувствуваат грижа на совеста, како да сакаат да заборават што потпишале, како некој со сила да ги натерал на тоа.
Да, станува збор за прославувањето на 5- годишнината од потпишувањето и спроведувањето на Рамковниот договор, мошне значаен за сегашноста и иднината на Република Македонија во позитивна, можеби повеќе во негативна смисла (ќе покаже времето).
Познато е, со него беше ставен крај на неколкумесечниот „конфликт“ (се одбегнува да се нарече војна бидејќи тоа би отворило низа „незгодни“ прашања, а најважното секако е: од кого Армијата на Македонија ја бранеше земјата на своја територија, не на нејзините граници?), кој предизвика големи жртви (мртви и ранети) и разурнувања. Беше потпишан во Охрид, во претседателската вила „Билјана“, по едномесечни преговори помеѓу албанските и македонските политички лидери, а под покровителство на тогашниот претседател, сега покојниот Борис Трајковски и се посредство на меѓународните претставници Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Прославата веќе традиционално ја организира партијата ДУИ, овојпат во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид. Мала корекција на претходното „чудење“: овојпат на свечениот собир присуствуваа собранискиот спикер Љубиша Георгиевски и партиските вицепретседатели на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шеќеринска и Трајко Славевски. Според „редот и обичајот“ беше присутен и актуелниот претседател на партијата- потписник ПДП (тогаш ПДП-НДП со друг претседател) Абдулади Вејсели, сега коалиционен партнер на Ахмети. А има и едно „поместување“: годинава, на 17- ти август, за првпат и една државна институција ќе организира прослава (?)-Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски.
Не само поводно:
Али Ахмети потенцира дека заедничката европска цел мора заеднички да се споделува со одговорност и помеѓу Македонците и помеѓу Албанците:
„Очекувам на 10-годишнината од јубилејот на потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид сите да се најдеме во заедничката европска куќа каде што припаѓаме“.
Ставови на Теура Арифи од ДУИ:

„ДУИ е политичка партија која својата програма и своите начела на работа апсолутно ги има базирано на Охридскиот рамковен договор и не ги менувала, ниту има намера да ги менува приоритетите во однос на неговата имплементација. Тој останува еден висок политички приоритет кој е гарант за идниот пат на Македонија кон НАТО и ЕУ. Со својата политичка сила, заедно со ПДП како коалиција, апсолутно е една од гарантите на многу процеси поврзани со Охридскиот договор, имајќи го предвид фактот колкав број на пратеници има во Собранието.
Со славењето во Охрид праќаме порака. Господинот Али Ахмети во неговиот говор минатата година кажа дека ДУИ оваа година ќе прослави во Охрид, затоа што сака да биде уште поблиску до самото место каде што се потпишуваше овој историски договор. Тоа е пораката и мислиме дека добро направивме со тоа“.
За значењето на Рамковниот „за сите“:
„Ова е 5- та година што ДУИ организира прослава и прием по повод Охридскиот рамковен договор и, како и секоја година, поканети се дипломатскиот кор, институциите на државата и сите политички партии без исклучок, затоа што сметаме дека вредностите на Охридскиот договор се за сите граѓани на РМ и токму поради тоа место има за сите, но секој треба да даде придонес и да не се издвојува од тој пат што се поврзува со Охридскиот договор“.
„Рамковниот договор за овие поминати 5 години одигра важна улога, поради тоа што имаме ново уредување на системот во Република Македонија, каде што имаме имплементирани неколку закони кои се во интерес на граѓаните на Македонија“, изјави Абдулади Вејсели, претседател на ПДП.
„Новиот Устав на граѓаните им донесе сигурност
, мир и унитарна Република Македонија, како што им донесе поголеми права на етничките заедници во Република Македонија. Се заедно, мислам дека ова се огромни историски квалитети кои се добра подлога за конечно и дефинитивно во Македонија да се завртиме кон постигнување на што поголеми економски резултати“, изјави Љубиша Георгиевски, претседател на Собранието на РМ.

„СДСМ имаше ист став за Рамковниот договор и кога беше во опозиција и кога беше на власт, поради тоа што сметаме дека некои работи се многу поважни од тоа дали ни одговараат политички како на партија или не ни одговараат. Од 2001- ва година наваму рековме дека СДСМ ќе направи се Македонија повторно да биде стабилна држава. Многу дилеми имавме во овие 5 години, имаше многу прашања, имаше многу критики, меѓутоа дури и најголемите критичари на Рамковниот договор се согласуваат дека токму со потпишувањето и со вистинското, реалното спроведување во изминатите 5 години успеавме во Македонија да го вратиме мирот, да ја вратиме довербата, да создадеме меѓуетнички односи кои се базираат на многу појаки основи и Македонија да ја направиме земја кандидат за членка на ЕУ“, рече Радмила Шеќеринска од СДСМ.
По сите наведени изјави и ставови, а имајќи ги предвид и оние „надвор од прославата“, се наметнува дилема како онаа за успешноста на Рамковниот договор како „експеримент“ ( зошто досега не им е препорачан на други, макар „прилагоден“, особено на оние кај кои малцинските права се на многу пониско ниво):
Ако е тој историски договор, чии вредности се за сите граѓани на Македонија, зошто денот на неговото потпишување се уште не се наредува во календарот на таквите (како одбележување и/или прослава)- како државен? Зошто од никого, особено не од потписниците („најособено“ од СДСМ, со оглед на неговата улога според Шеќеринска), немало досега и се уште нема иницијатива за тоа?
Да не се мисли дека е толку „силен“ што своето „вистинско место“ во историјата на Македонија ќе го освои сам, та не му треба „формална поддршка“?






