Придобивките од Рамковниот договор се уште небулозни
И по 5 години од потпишувањето (13.08.2001- ва) коментарите и оценките за неговата вредност односно неговите придобивки се различни, спротивставени, дури контрадикторни. Особено ако се има предвид дека досега на никој од неговите меѓународни „креатори“, фалејќи го, честитајќи (си) на успехот, не му паднало на ум да го препорача како решение за други исти или слични „случаи“ во европски и воневропски земји.
Една од најнебулозните оценки е онаа на европретставникот за надвореша и безбедноста политика Хавиер Солана.
Македонија од 2001- ва година оствари значаен напредок во развојот во стабилна и демократски мултиетничка земја, а продолжувањето на тој процес ќе и помогне да се приближи до Унијата, истакнува тој во пораката до Македонија по повод 5- годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Солана вели дека тоа што започнало како рамка за мир станал безбеден и стабилен динамичен процес кој Македонија ја води кон Европа. Во изминатите 5 години политичките избраници покажале способност за надминување на разликите преку отворен политички дијалог. Истиот дух и пристап ќе бидат неопходни да се изоди патот на земјата кон Европа, а Европската унија ќе остане близок партнер во тој процес.
.jpg)


Амбасадорите на Соединетите држави, Европската Унија, ОБСЕ и НАТО, кои се и гаранти на Охридскиот договор, во заедничката изјава „со задоволство констатираат дека Македонија има постигнато значаен напредок во насока на развивање на стабилна и демократска мултиетничка земја“. Додаваат дека сите закони, што произлегоа како обврска од договорот, се усвоени во Собранието и оти е направен одличен почеток во реализацијата на виталните процеси, како што се пропорционалната застапеност и децентрализацијата.
Што велат домашните политичари и граѓаните?
Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека договорот треба да се бележи како значаен настан за Албанците во Македонија. Потенцира дека по него следеа длабоки промени во насока на подобрување на статусот и на националните вредности на Албанците во Македонија.
Со ставот на Ахмети не се согласува Арбен Џафери, водачот на ДПА, која во 2001- ва беше дел од владеачката коалција. Смета дека Ахмети
чувствува потреба да ја оправда војната и оти коренити промени се уште нема. Во Македонија се користи, како што ја опиша, старата тактика на неспроведување на законите. За нив вели дека се мошне добри, но во процесот на спроведување наидуваат на разни пречки. Охридскиот договор не создал голем историски пресврт, освен што влијаеше на затворање на непријателствата.
Љубомир Фрчкоски, кој како експерт му помагаше на покојниот претседател Борис Трајковски при подготовката на договорот, вели дека за неговото потпишување главна заслуга има храброста на претседателот:
„Добар политички договор кој досега има две нивоа. Едното е симболичко: знак дека е можно да се постигне договор. И всушност духот на Охридскиот договор е дух на договарање, успех на договор при најтешки судири кога имаме културни разлики помеѓу актерите, и второто ниво е конкретни правни обврски. “
Премиерот во заминување
Владо Бучковски тврди дека успешните реформи што ги спроведе Македонија, а кои произлегоа од Охридскиот договор, ја доведоа Македонија до земја кандидат за членство во Европската Унија.
А главното прашање што си го поставуваат граѓаните на Македонија, пред се Македонците и Албанците, е дали Брисел не покажа доследност кога на крајот од минатата година на
Македонија и додели статус на земја– кандидат за членство во Европската унија и тоа го образложи со определбата на државата да го спроведува Рамковниот договор? Исто така е неспорно дека тој и натаму силно ги фрустрира Македонците, им носи чувство на „кирајџии“ во сопствената држава, остава неизвесност, а Албанците, пак, се уште се чувствуваат дискриминирани и не се унапредени нивните права.
Клучната порака до Брисел која ја потврдува, па и зголемува небулозата:
Дали пред 5 години во Охрид за еден подолг период е затворено прашањето за државното уредување на Македонија? Што е со федерализацијата како барање и опција? Би останал ли тогаш Брисел доследен на Охрид при евентуална таква радикализација?






