На заминување Владата се „чисти“ од „матењето“ на Рашче
Уште едно од многубројните „миења на рацете“ на Владата на заминување (на премиерот Владо Бучковски): откако се крена голема медиумска врева околу „задкулисното“ доделување на концесии за ископувања во првата заштитена зона на Рашче, со што се загрозени животите на граѓаните на Скопје (опасност од загаудвање на изворот), таа си наложи на себе си да ја преиспита постапката! Формира работна група со претставници на 5 министерства која ќе направи увид дали се загадува изворот, а потоа ќе предложи „спасоносно“ решение- затворање на сите индустриски објекти во зоната или издавање на дозволи работа во иднина.
Потсетувам, пред два месеца таа издаде дозвола за отворање на каменолом во истата зона. Во Инспекторатот за животна средина сметаат дека препораката ќе биде затворање на сите каменоломи во заштитениот простор.
Фактичка состојба: иако дури со 3 закони и со просторен план на планината Жеден е забранета експлоатација на минерали, таму веќе работи еден каменолом, а уште четири фирми бараат слични дозволи. За сите Министерството за екологија одговорило негативно. Најновата информација е дека вчера дописот со негативен одговор е испратен во Министерството за економија за да не се случи како со фирмата „Шаза транс“- да се потпише договор за концесија.
Дека и во овој случај има големо „матење“, од кое тешко дека Владата и лично премиерот можат да се „исчистат“ (невозможно е да не знае што му работат министрите), потврдува тоталната неинформираност на релевантни односно одговорни фактори- организации и институции од оваа област. На пример, несфатливо е ЈП „Водовод и канализација“, кое стопанисува со изворот Рашче, воопшто да не знае за доделените концесии! Уште повеќе, одговорните во него не знаат ниту дека во близина на Јегуновце Жеден го урива приватна фирма и вади варовник, со што може да го загади Рашче од кој вода пијат 600.000 луѓе!

Да потсетам, ЈП „Водовов и канализација“ (потенцирам, тоа е јавно претпријатие) изрази „згрозеност“ од владината одлука со која на фирмата „Шаза транс“ од тетовското село Слатина и се дозволува ископување на варовник во Јегуновце, во првата заштитна зона на Рашче. Несфалтиво е Министерството за економија да не се исконсултира со претпријатието. Или можеби не знае дека со изворот стопанисува тоа и градот Скопје(?!)
Од фирмата, пак, очекувана реакција, но и додатна информација: причината поради која на Министерството за екологија му „пречи“ давањето под концесија на „Шаза транс“ е што сопственикот е Албанец (!). Тие не се единствени што се занимаваат со сепарација(?!): на само 300 метри од нивната работи каменолом на семејството Цветковски од Јегуновце, а на територијата од Тетово до Јажинце постојат три сепарации чии сопственици се Македонци.
Досега Владата издала две концесии (значи топтан или лично премиерот без консултација со ресорните министри)- една на фирмата „Нена троуд“, која веќе ископува варовник и можеби го загадува изворот, а втората во јуни на фирмата „Шаза Транс“. Таа уште не е реализирана, но Министерството за животна средина веќе упатило негативно мислење до одговорното Министерство за економија.
Одговорот е дека таа концесија е спротивна на законот и треба да се поништи за да се заштити Рашче. Во Министерството за економија тврдат дека овој одговор, испратен пред речиси две недели кај нив не е стигнат (како да се наоѓа на Северниот пол; па и таму да е, би стасал за два- три дена; навистина апсурдно, ступидно, смешно). Тој одговор требало да биде напишан многу порано, но службениците на Министерството за екологија не ги завршиле навреме своите законски обврски и затоа договорот за концесија е веќе потпишан. (Ќе одговара ли некој од нив за тоа?)
Иронично: последен пат еколошките инспектори извршиле увид на терен во јануари, кога поради студеното време каменоломите не работеле.
Вчера Министерството за економија најави дека од Владата ќе бара преиспитување на сите досега издадени концесии за ископување на минерали во првата заштитена зона на изворот Рашче. Како да не му „припаѓа“ на Владата, како да е дел од некоја друга- туѓа! Апсурд: од Владата (топтан) ќе бара преиспитување на она што го направило- доделило концесии (значи без знаење на другите; а можеби ги доделил некој друг, „лично и персонално“?). Дури ќе испрателе и експерти на терен, па доколку ископувањата се штетни за изворот ќе бара поништување на сите концесии.
Експертите навреме предупредуваа, предупредуваат и сега, ама кој да ги слуша (Владата одамна се докажа дека, освен политичка, е „поприлично“ и експертска, па нема потреба од надворешни експерти, па уште и независни!): никакви ископи не се дозволени во близина на изворот! Експлоатиацијата на минерали од теренот во непосредна близина на Рашче може да предизвика катастрофални последици и загадување на водата од која се снабдуваат повеќе од половина милион луѓе во Скопје.
Предупредување на Ангелина Скаловска, од Центарот за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација“:
„Без разлика каде и да се врши ископување, во која било од заштитните зони на изворот Рашче, дали е првата, втората или третата, последици ќе има, дали сега или подоцна“.
Дали Владата на заминување (ресорните министри и премиерот Бучковски лично) не знае дека изворот Рашче е стратешко место и зоните околу него се заштитени со закон за води кој Градското собрание го донел уште во 1999- та година? Дека закон го заштитува изворот токму од вакви ископувањаи владини односно министерски „матења?






