Ем непримерно, ем недостоинствено
Она што се случува во партијата СДСМ по поразот на парламентарните избори не е никакво изненадување. Се работи само за познати внатрепартиски валканици со години криени под килим, а кои, под маската на единство во редовите, особено во врвот, се сведуваат на заеднички именител: арогантен кариеризам. Арогантен како резултат на поединечната „капацитетност“ и „државотворен“ талент, а кариеризам без „наследници“ што, пак, се нарекува и самоизбраност (и кадровска „зацементираност“).
Меѓутоа, деновиве се случи нешто што е непримерно, но и неостоинствено. За СДСМ, но многу повеќе за Република Македонија. Затоа што досегашната (наводна) државничка дипломатија на најгруб, примитивен начин се „разголи“ во партиска (амбасадорска полемика за партиски прашања). Згора на тоа се работи за два светски центра кои се помеѓу најважните, ако не и најважни за Република Македонија.
Се разбира дека „разгорената страст“, која може да се разбере само доколку се искажува и покажува од партиски ровови, а не на сметка на угледот на македонската дипломатија воопшто, мора да се санкционира најостро- со отповикување.
„Разгорувачите“ се двајца познати, авторитетни политичари, со не баш „лесен“ политички багаж, а едниот и со „насобран“ дипломатски, мошне високо котирани во СДСМ (па и надвор од неа) и во блиското минато и денес: Ѓорѓи Спасов, македонски (не СДСМ- овски) амбасадор во Велика Британија и Љупчо Јордановски, македонски (не СДСМ- овски) амбасадор во САД. Тие во „Утрински весник“ реагираа, се разбира од различни позиции (фракционерски ровови?), во врска со натамошната лидерска судбина на Владо Бучковски по поразот на парламентарните избори минатиот месец.
Накратко, Спасов бара Бучковски да поднесе оставка како лидер на СДСМ „веднаш и неотповикливо“, а Јордановски го потсети на претходните порази кога тој беше генерален секретар на партијата- дека кога се губеле изборите во минатото, ниту буквата „о“ од зборот одговорност не ја спомнувал.
Во својата анализа тој образложува дека актуелниот лидер (Бучковски) не може да ја обедини партијата, туку ќе ја дорасцепка и обезличи.
„СДСМ сега прилега на автобусот од познатиот филм „Ко то тамо пева“, кој го вози возачот со заврзани очи, загрозувајќи ги патниците во него и сообраќајот.
Во партијата е исчезната способноста за сериозна анализа, за самокритичност и за соочување со одговорноста. Како никогаш досега во неа владее некој чуден страв, стаписаност, поделеност и неизвесност.
Постои нешто што се вика лична одговорност на лидерот, нешто што се вика срам и кој, ако малку го има, нема да му дозволи по најсрамниот пораз на партијата да шета по општински организации дотеран како за на свадба и да прави коктели како за некоја голема победа. А постои и институцијата оставка која некого може да го направи голем, со тоа што ќе промовира еден заборавен принцип на однесување во сите наши политички партии“.
Мошне интересно и за паметење е согледувањето на Спасов во врска со Ѓорге Иванов, посебно оценката дека се работи за чесен човек и
интелектуалец:
„…Љупчо Георгиевски и Владо Бучковски со еднаква жестокост ги критикуваа резултатите од испитувањата на јавното мислење што ги правеше Институтот за демократија, кои го навестуваа нивниот пораз. Нивен заеднички непријател стана професорот Ѓорге Иванов, кој со висока точност ги предвиде изборните резултати. Тој ја кажа на телевизија најголемата вистина: „Пред овие избори се случија промени во лидерските позиции на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Промената во ВМРО-ДПМНЕ гласачкото тело ја награди, а промената во СДСМ ја казни”. Сега, наместо јавно да му се извинат, се очекува повторно тие двајцата да го обвинат дека е гласноговорник на Груевски. Така само се одбиваат чесните луѓе и интелектуалците од СДСМ и се затвораат вратите на јавната дебата и критика“.
И заклучокот:
„СДСМ за да биде спсобен да гради демократско општество треба да го напушти авторитарниот модел на владеење со себеси. Потребен му е лидер кој ќе престане да го дели членството на титовисти, бранковисти , бучковисти и кој ќе го претвори СДСМ во силна, демократска и модерна партија, а не одново партија на пријателите, приврзаниците или љубителите на новиот лидер“.
„Репликата“ на Љупчо Јордановски:
„Не е добро да напишете дека СДСМ остана без човек кој може да каже дека постои нешто што се вика преземање одговорност за поразот, а вие како генерален секретар, кога ќе се изгубат изборите (1998), ниту буквата ’о‘ од зборот одговорност да не ја спомнете. Дури и најотворено да го кршите статутот и да не спроведете гласање на доверба…Вие како генерален секретар ги направивте најголемите предавства спрема Петковски (мисли на Тито Петковски, заб.м.) за време на претседателските избори 1999, и тоа не само вербално туку и конкретно со дело“.
Веќе е најавено дека кон крајот на септември годинава СДСМ ќе одржи партиска конвенција на која треба да се гласа за довербата на актуелното раководство, што според многумина значи и смена на лидерот Бучковски.
Што велат експертите по дипломатија? Не само тие, туку и оние со општи познавања знаат дека има правила и процедури што треба да се почитуваат. Помеѓу нив е дипломатите односно амбасадорите да не пишуваат писма и колумни во земјата од која доаѓаат, а ако сепак го прават тоа треба претходно да побараат дозвола од МНР. Меѓу другото и затоа што секогаш постои опасност таквите ставови да се толкуваат како официјални државни (македонски) во земјите во кои ги претставуваат, што секако ќе ги загрозат и угледот и позициите на државата.
Од МНР веќе се навестува дека Јордановски и Спасов ќе бидат повикани
на консултации, веројатно и повлечени. Неприфатлив е молкот на Претседателот на државата Црвенковски, а со оглед на неговите ингеренции на дипломатски „план“. Особено не неофицијалното образложение: за да не се инволвирал во јавната преписка.






